„Сите деца станаа петкаши, а од училиште излегуваат неспремни“

Беџети: За реформа клучни се компетентни и посветени наставници, а не такви што формално одат на работа

За добро образование клучни се наставниците, мотивирани и компетентни, а другите два важни фактори се инфраструктурата и системот на унапредување, што значи секој што ќе се вработи како учител да не се пензионира на тоа ниво од вработувањето, вели академикот Абдулменаф Беџети за МКД.мк, во контекст на реформата на образованието и концептот што го подготвува Министерството за образование и наука.

По средбата на дел од академиците од МАНУ со министерката Мила Царовска за концептот на реформи во образованието, оцената на Беџети е дека стратегијата е позитивна, целта е јасно поставена, но начинот на спроведување и динамиката ќе зависат од финансиската поддршка ако, како што вели, сакаме повисок квалитет.

Според него, кога се зборува за наставниците и за постигнување на целта мотивирани и компетентни наставници, треба да се мисли на диференцирање на платите и на враќање на нивниот дигнитет. На средбата со Царовска бил споменат и проект за начинот на регулирање на дневниот престој на еден добар дел на учениците и таму каде што има можности, да не ги носат родителите децата на курс за музичко, за англиски, за ИТ и слично, кога може сета тоа да се организира во училиште.

„Тоа би било голем проект, а концептот го дизајнира ОЕЦД. Требаат и луѓе и пари, а друго прашање се предусловите и реализирањето на сите аспекти. Но ако чекаме да бидеме спремни за сѐ за да почнеме со постепени промени, никогаш не може сѐ да се исполни. Затоа, барем таму каде што има предуслови за такво нешто, треба да се врати дигнитетот на учителот. Сега гледаме сите каква е состојбата, почнувајќи од тоа кој оди да студира на Педагошки факултет, кој кадар го спремаме. За жал, таму одат најслабите. Потоа треба систем на стипендии и систем на евалуација. Сега гледате сите станаа, како што велиме ‘петкаши‘ и ние тоа го чувствуваме во високото образование. Учениците доаѓаат сосема неспремни, а тие што се малку поспремни се такви како резултат на влогот на семејствата, односно родителите, коишто вложиле во нив. Затоа треба диференцијација на наставниците“, објаснува академикот Беџети за МКД.мк.

Но дадава дека за постигнување на таа цел е неопходно и деполитизирање, односно департизирање во образованието, вклучувајќи го и поставувањето на директорите. Затоа, смета тој, прашањето за реформи е комплексно и треба да биде општо прифатлив процес.

Што се однесува до концептот за реформа на основното образование, академиците на средбата со МОН добиле објаснување дека тој е одличен, но нивната резервираност е околу начинот како ќе се спроведува акцискиот план, при што многу внимателно треба да се подготви периодот на транзиција.

„Тие мислат да се спроведе за 4-6 години, што мислам дека е доволен период, бидејќи не е исто да се спроведе во Скопје, како понапредно во однос на училиштата и персоналот, и во внатрешноста на земјата, особено во руралните средини, како и во училиштата во ридско-планинските средини, каде што нема соодветна инфраструктура. Мислам дека го имаат тоа предвид и дека тој акциски план ќе треба да се следи, бидејќи освен учителот многу важен столб е менаџирањето на систем на квалитет. А поставување систем на квалитет и менаџирање на тој квалитет значи и пари, буџет. Не случајно сме останале вака како што сме. Не дека нема доволен буџет во образование. Ако правиме споредби, ние имаме дури и појак буџет во однос на соседството“, вели Беџети.

Прашањето е зошто сме останале на ова ниво.

Според академикот, причината е во тоа што менаџирањето на училиштата не е соодветно, системот не е соодветен во смисла на диференцирање на оние наставници што се посветени и што имаат индивидуални перформанси.

„Имаме учители што само формално се јавуваат во училиштата, а не ѝ се посветени на работата, и по работа се занимаваат со алтернативни работи за да можат да преживеат. Тука ќе треба да се прави индивидуална диференцијација во однос на посветеноста. Авторите на концептот за реформа предвидуваат еден систем на прогресивна кариера на учител, од почетник до ментор и кариерен пат за да може да напредуваат во позиции. Ако тоа се следи со буџет, тогаш веројатно и ќе биде добро“, додава Беџети.

Другите дилеми во однос на концептот се однесуваат на контекстот, периодот, мешањето на предметите. Беџети вели дека објаснувањето е дека не се работи за механичко, туку се предвидува модуларно спојување на предмети, односно на некој начин интердисциплинарно, што значи историјата да биде во контекст и на простор и на време, исто и географијата.

„Нема механичко спојување, туку модуларно, и генерално мислам дека доколку се истрае во ова, зашто не е толку лесно, ако се истрае во смисла на одлучност и финансиска поддршка, епилогот ќе биде добар. Затоа укажавме дека имало некои добри решенија и порано. На пример, Кембриџ не беше лош како идеја, но потоа беше импровизација, реализацијата потфрли. Министерката беше јасна во тој дел и според мене имаше јасна цел, го знаеше проблемот во суштина. Не дека не им е јасно. Генерално ние тој ден и го поддржавме ова како пристап“, додава Беџети.

Отвореното прашање е дали е тоа изводливо и колку сме ние спремни за изводливоста на целиот концепт. Од МОН велат „да“, Бирото за образование интензивно работи на тоа, јасна им е состојбата и свесни се дека влегуваат во еден тежок процес, а академиците сметаат дека ќе треба општ консензус, што значи барем образовната фела да биде убедена, но лошо е што се политизира случајот.

Во однос на реакциите за укинување на некои предмети Беџети објаснува дека нема укинување, туку се работи за содржинска разлика.

„Ние историја досега сме учеле од чисто воено-политички аспект. Историја не е само тој аспект, туку и социјалниот, културниот, културолошкиот, економскиот итн. Имаме проблем со содржините што треба оваа ‘веб‘ генерација да ги знае, да ги апсолвира. Не е најбитно на пример студентот да учи колку површини се посадени со лозје во Македонија, туку како да се подигне продуктивноста на производството. Во тој дел треба поинаков концепт и тоа е намерата. Презентацијата беше јасна, а еден дел од тие што реагираат паушално мислам дека не ја ни прочитале концепцијата“, ни изјави Беџети.

Царовска, претставници на МОН и на Бирото за развој на образованието имаа повеќе средби за концептот на реформа во основното образование и разговараа со наставници, директори на училишта, како и со академици од МАНУ.

Ж.П.Б.

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе