Како што стои во соопштението, право на стипендија имаа ученици Роми кои се запишани во прво одделение во учебната 2020/2021 година, чии семејства се приматели на социјална помош, која е поврзана со приходите на семејствата. Според овие критериуми, стипендии се доделија на вкупно 320 ученици запишани во прво одделение, а стипендистите доаѓаат од 58 основни училишта од 31 општина.
Исто така, во оваа учебна година се доделени 315 стипендии на ученици Роми запишани во второ одделение, и три стипендии за ученички запишани во трето одделение. Стипендистите доаѓаат од 56 основни училишта од 28 општини и 54% се девојчиња, а 46% се момчиња. На 280 од овие стипендисти им е обновена стипендијата доделена минатата година за прво одделение. Три од нив беа префрлени во второ одделение, така што оваа учебна година ја следат наставата за трето одделение и стипендијата им е обновена.
Преку стипендиите ќе се намали финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца. Стипендијата се однесува на период од една учебна година, и е во висина од 400 евра годишно, во денарска противвредност. Наменета е за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата. Редовните ученици ќе можат да ја задржат стипендијата за тековната година, a оние кои успешно ќе преминат во следното одделение, потенцијално ќе можат да ја обноват и наредната учебна година.