Реалноста наспроти барањата за електронски учебници

4.000 ученици немаат услови за онлајн-настава во земјава, 774 деца добија компјутери преку „Донирај компјутер“

Изминува веќе втора година што ја живееме во пандемијата од ковид -19. Животот, начинот на функционирање, на работа, на учење ни се смени на сите. Последиците од кризата со вирусот, освен возрасните, ги почувствуваа и децата, кои наместо во игра и дружба со другарчињата и учење во училишните клупи, училиштето го минуваат пред своите уреди за следење онлајн-настава. Но има и такви што сѐ уште немаат компјутер или мобилен телефон за следење на наставата.

Во државава, според последните информации од МОН, има околу 250 илјади ученици во средните и основните училишта, а 4.000 не се вклучени во онлајн-наставата. Сѐ повеќе сме сведоци на барања за донации на компјутери за дечиња што немаат услови да ја следат онлајн-наставата. Голем удел во ова има кавадарчанецот Борче Стаменов, кој секојдневно, доброволно, активно, непрофитно и борбено се труди и успева веќе 5 години преку донации да обезбеди компјутери за оние деца што немаат услови. До сега овој човек има донирано 774 компјутери и има израдувано исто толку деца.

Прашавме во МОН дали некој го побарал Стаменов за каква било соработка или помош, со оглед на фактот дека донациите во вид на уреди за онлајн-настава ги добива од граѓани и фирми. Иако во нашите прашања ги имаше името и презимето на Борче Стаменов, од Министерството за образование и наука ниту го споменаа во одговорите, ниту пак ни одговорија дали слушнале или го контактирале овој хуманитарец.

„Ги следи ли МОН апелите за донации на деца кои немаат никакви услови за следење на онлајн настава, како и акцијата „Донирај компјутер" на Борче кој до сега обезбеди над 700 копјутери за деца за следење на онлајн настава? Има ли намера МОН да му даде поддршка или да му помогне во оваа акција која тој ја направи самоиницијативно, иако нема никаква обврска за тоа и не зема никаков надомест?“, беа дел од прашањата што МКД.мк ги испрати до МОН. 

Според МОН, онлајн-наставата, која ја наметна пандемијата со ковид-19, е успешна и велат дека расте бројот на учениците што добиваат уреди за следење на наставата.

„Министерството за образование и наука заедно со другите надлежни институции и установи, преку хибриден модел на настава (oнлајн-настава, наставата со физичко присуство, емитување часови на Националната радиотелевизија и достава на печатени материјали до учениците) го овозможија правото на образование на секое дете во услови на пандемија и притоа заштитено е јавното здравје. Првото полугодие го завршивме со над 90% од учениците што успешно следеа онлајн-настава, а во второто полугодие овој број расте како резултат на активностите на МОН, локалните самоуправи, раководствата на училиштата, граѓанските организации и општествено одговорните компании, за обезбедување на потребните уреди и ИТ опрема за учениците", стои во одговорот на МОН.

Екипата на МКД.мк пред некое време објави сторија за пет деца што немаа услови за следење на настава, па мајката мораше секој ден да оди во училиште, наставниците да ѝ кажат што учеле децата дента, па да се врати дома тие да напишат и повторно да ги носи тетратките назад кај наставниците за да проверат. Со овие деца никој не учи и нема кој да им објасни за да го завршат основното образование, на кое секое дете има загарантирано право. До нашата редакција добивме порака и од мајка што побара компјутер за својата малолетна ќерка, која исто така не следеше онлајн-настава. И во првиот и во вториот случај ни помогна Стаменов, човекот познат во јавноста како „Донирај компјутер".

Кај него освен хумани граѓани и фирмите што му донираат користени компјутери неодамна во посета беше и претседателот на државава, Стево Пендаровски.
Претседателот ги поздрави неговите лични заложби, во време на пандемија, кога се наметнува потребата од онлајн-образование, да им се помогне на социјално загрозените семејства што немаат финансиска можност да им обезбедат компјутерска опрема на своите деца.

„Секој хуманитарен ангажман ја заслужува нашата поддршка. Со секој личен пример и индивидуална помош ја подигаме јавната свест и придонесуваме за похумано и посолидарно општество", посочи претседателот Пендаровски.
Но она што во последно време е актуелно кај нас е воведувањето електронски учебници. Ова прашање наиде на лавини од критики како од наставниците, така и од родителите. Од МОН ни одговорија дека новото законско решение предвидува за учениците од социјално загрозените семејства училиштето да обезбеди услови за пристап до учебници.

„По однос на обезбедувањето на дигиталните учебници, информираме дека новото законско решение предвидува за учениците што се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците што поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник", се вели во одговорот од МОН.
За воведувањето електронски учебници препорака даде и народниот правобранител, кој укажа дека треба прво да се обезбедат услови за секое дете за следење на онлајн-наставата, па дури потоа да се размислува за воведување електронски учебници.

Државата, смета омбудсманот, треба да обезбеди сигурен пристап до технологија (компјутер, лап-топ, таблет или паметен телефон) за секое дете во основното образование, бидејќи бесплатното основно образование е со Устав и закон гарантирано.

Во спротивно, оценува, одредени ученици ќе бидат дискриминирани кога станува збор за постигнување знаења.

„Народниот правобранител изразува загриженост дека ваквото решение може да создаде класно раслојување меѓу учениците и уште поголемо потенцирање на разликите меѓу децата. Во иста училница може да има дете што има најнова верзија на технички уред и дете што поради неможноста на родителите да му набават каков било уред ќе користи печатена (или фотокопирана) верзија на учебникот. На овој начин само ќе се потенцира нееднаквоста меѓу учениците и ова истовремено може да има далекосежни последици врз развојот на детето што ќе користи печатени учебници и кое може да биде жртва на потсмев, неприфаќање и може да развие чувство на помала вредност, односно да се чувствува инфериорно во однос на другите деца", се наведува во препораката на омбудсманот.

Народниот правобранител укажува дека осовременувањето на основното образование и воведувањето реформи во насока кон дигитализација на наставниот процес, мора да базира на добра процена на реалните можности на самите основни училишта, нивните просторни, технички и технолошки капацитети и ресурси со кои во моментов располагаат, како и со процена на компетенциите на наставниот кадар во однос на степенот на развиеност на нивните дигитални вештини.

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има" протестираат и бараат од МОН одговор во врска со воведувањето електронски учебници.
На 6 мај претставници на оваа иницијатива имаа средба со претставници на МОН, на која присуствуваше и министерката Мила Царовска и на која се разговараше за Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Договорено било МОН да го подготви записникот од таа средба и ќе одговори на барањата, велат од граѓанската иницијатива.
„Тоа не беше сторено. Затоа, остануваме доследни на нашите ветувања пред граѓаните дека продолжуваме со битката и ќе се бориме до крај против донесувањето на законот, користејќи ги сите начини и средства загарантирани со законите во Македонија. Како што и најавивме, ќе организираме мирни протести во градовите низ Македонија и мирен марш во Скопје. Протестите низ градовите и маршот во Скопје ќе бидат организирани согласно со протоколите за активности на отворен простор во услови на пандемија", најавија вчера од граѓанската иницијатива.

Вчера попладне МОН сепак соопшти дека планот за реформи е донесен на транспарентен начин, преку јавна дебата и со учество на сите засегнати страни и експертската фела.

„Сосема очекувано за дел од промените повторно се појавуваат дилеми во јавноста, особено за процесот на дигитализација на материјалите за учење. Важно е да се напомене дека дигитализацијата на материјалите за учење се воведува етапно. Започнува со четврто одделение во учебната 2021/2022 година, а секоја наредна ќе се опфаќа ново повисоко одделение и ќе се заокружи во следните 5 до 6 години. Законското решение предвидува за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. Како поддршка на училиштата, заедно со Светска банка ќе реализираме активност за нивно опремување со таканаречен библиотечен фонд на електронски уреди кои ќе им се даваат на времено користење на учениците кои потекнуваат од социјално ранливи семејства, за да можат истите да ги користат дигиталните учебници. Училиштата ќе бидат должни исто така да обезбедат и техничка поддршка(одржување) за сите ученици на кои им следува електронски уред. Идејата на промените не е дигиталните учебници да се користат интензивно за време на наставата, затоа што тие се само дополнително помагало за совладување на наставната материја, а примарно средство е интеракцијата наставник – ученик. На часовите ќе се применува ИТ технологија само кога одредена тема од наставната програма го наложува тоа", објаснија од МОН.

Родителите што се противат на воведувањето дигитални учебници, здружени во иницијативата „Учебници и настава мора да има", најавија протести, затоа што МОН не им го прифати барањето за повлекување на законот. В сабота ќе организираат поголем протестен марш во Скопје, а истовремено ќе има демонстрации и во други градови низ земјава. Од иницијативата велат дека ќе покренат и барање за референдум против законот за учебници.

К.Д.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе