Наставници има, услови за часови нема

130 основни училишта немаат сали за физичко, учениците вежбаат во училница или воопшто немаат час по спорт

Наместо во спортски сали, учениците во основните училишта вежбаат во училници. Ги тргаат клупите и онаму каде што следат настава скокаат, прават вежби и импровизирано го одржуваат часот по физичко.

Кога времето дозволува овие часови се реализираат во дворовите на училиштата, но тоа е само краток период. Најголем дел од школската година е ладно и часовите по физичко се голем проблем за одржување со оглед на тоа дека нема каде.

Според податоците на Министерството за образование и наука, во нашата земја има 364 основни училишта, од кои, според податоците со кои располага Министерството, 130 немаат простории, односно спортска сала за реализација на наставата по предметот спорт и спортски активности.

Од нив, 11 се во општини во Скопје, а дел од нив се Основното училиште „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче во општина Аеродром, ОУ „Дрита“ во село Рашче во Сарај, ОУ „Јоаким Крчовски“ во село Волково во општина Ѓорче Петров, ОУ „Кирил и Методиј“ во с. Стајковци во општина Гази Баба, ОУ „Јашар Беј“ во општина Чаир...

Родителите на учениците кои посетуваат настава во дел од овие училишта велат дека бидејќи изградбата на сала за физичко им е само долгогодишна желба која никако да биде остварена, подобро е да им се укине часот по физичко образование.

„Со години бараме да им се изгради спортска сала, но од тоа нема ништо. Сите гледаат и знаат дека е тоа неопходно, бидејќи децата ги тргаат клупите и од училницата прават спортска сала, вежбаат, а потоа во тој непроветрен простор и прашина продолжуваат да ги одржуваат часовите по останатите предмети. Подобро нека им се укине часот по физичко воспитување, отколку да имаат час и покрај тоа што нема услови, а имаат наставник“, вели родителка на едно од училиштата во кое со години нема спортска сала.

Часот по физичко не може да се укине, бидејќи Законот за образование не дозволува да нема наставник по овој предмет. Одговор за овој проблем со кој се соочуваат многу ученици побаравме и од Министерството за образование и наука.

Од таму велат дека им е познат овој проблем и дека еден од приоритетите на Министерството за образование е токму изградба на нови и реконструкција на постојните училишта.

Но, во реалноста овој проблем се провлекува со години и се чини дека реализацијата на ваквите проекти оди многу потешко.

„Еден од приоритетите на Министерството за образование и наука е постојана надградба и проширување на образовната инфраструктура, преку изградба на нови училишта, реконструкција на постојните, како и преку изградба на нови училишни спортски сали. За таа цел преку проектот за изградба на 145 училишни спортски сали финансиран со средства од Банката за развој при Советот на Европа, информираме дека досега се изградени 70 сали (44 во основни и 26 во средни училишта), а воедно спортски сали се градат и со средства директно од буџетот на МОН ( изградена спортска сала во ОУ „Кирил и Методиј“ во Центар, спортска сала во Св. „Климент Охридски“ во с. Драслајца во Струга...)“, се вели во одговорот што до МКД.мк го испратија од МОН.
Конкретно дали и кога ќе се започне со изградбата на спортски сали во големиот број училишта кои ги немаат, од МОН не ни беше одговорено, но додаваат дека свои инвестиции имаат и општините кои се основачи на училишта.

И додека ова се реализира, учениците ќе носат ранци со опрема, но ќе нема каде да ја искористат, а за спорт ќе почекаат додека да изгрее сонце, да не студи, да не врне и да нема снег.

 К.Д.

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе