Министерство за здравство

11 градови без ковид-19, нема нови рестриктивни мерки, индискиот сој е присутен во 92 држави

Венко Филипче, министерот за здравство вчера ја оцени состојбата со ковид како прилично стабилна, на што упатува малиот број на новодијагностицирани и на приеми во болниците. Тој соопшти дека засега не се планираат дополнителни рестриктивни мерки. Варијантата делта за коронавирусoт, што за првпат беше откриена во Индија, веќе е регистрирана во 92 држави. Оваа варијанта на коронавирусот предизвикува посебна загриженост затоа што е позаразна и рапидно се шири низ целиот свет, велат од СЗО. 

„Но, морам да потенцирам, будно ја следиме состојбата, не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот“, изјави Филипче.

Министерот информира дека в петок се очекува да пристигне голема количина на вакцините „Фајзер“. А неделава се планира да бидат аплицирани околу 15 илјади вакцини. Филипче потсети дека во нашата држава има околу 240 илјади вакцинирани граѓани, а околу 180 илјади чекаат за вакцинација.

„Вакцинирано е население од некаде над 20 проценти од тие што треба да се вакцинираат, ако се исклучат децата, над 50 отсто се вакцинирани граѓани кои имаат над 70 години, околу 33 проценти од граѓаните над 60 години. Повторно ќе кажам, првиот момент ако видиме дека има таков ризик повторно ќе воведеме мерки“, рече министерот Филипче.

Во однос на индискиот сој, истакна министерот Филипче, нема сè уште прецизни податоци.

„Сè уште нема доволни испитувања каде било во светот за да знаеме точно каков е ризикот за заболување, дали лицата коишто се вакцинираат имаат ризик да заболат. Тоа што досега се знае е дека ризикот да заболат лицата кои се вакцинирани е навистина мал. Но, во исто време и дека вакцината штити од тешка форма на болест од смртност дури и кај оваа форма на вирусот. Има некои публикации сега, излегуваат и некои други од западноевропските земји, меѓутоа, сè уште е рано да со сигурност се тврди нешто во врска со ова прашање“, појасни тој.

Министерот Филипче вчера се сретна со дарителите на конвалесцентна плазма, од која досега се обезбедени вкупно 1.732 единици и третирани 1.431 пациенти.

Од Министерството за здравство објаснуваат дека лицето дарител на конвалесцентна плазма треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од ковид-19, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест за потврда дека нема присуство на вирус.

Вчера беа регистрирани три нови случаи на заразени со коронавирусот од направени 1.601 тестирања, 15 лица оздравени и двајца починати.

Досега во земјата се направени вкупно 856.274 тестирања на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.627, бројката на оздравени пациенти е 149.877, на починати е 5.477, а бројот на активни случаи изнесува 273. Според епидемиолошки анализи, во Скопје има 102 активни случаи, Куманово – 34, Прилеп – 24, Тетово – 23, Кичево – 20, Охрид – 14. Единаесет градови се без активен случај. Тоа се градовите: Кавадарци, Неготино, Свети Николе, Ресен, Берово, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево, Македонска Каменица и Дојран. А во седум градови има само по еден активен случај.

Според статистиката, досега во светот се заразиле речиси 180 милиони луѓе, починале над 3,8 милиони лица, а оздравеле 163 милиони.

Од Русија вчера пристигна информацијата дека ситуацијата со ширењето на коронавирусот е тешка, регистрирани се лоши тенденции.

„Ситуацијата е тешка, тенденциите се повеќе лоши отколку добри“, истакна Песков, додавајќи дека повторната вакцинација ќе биде неопходна кај оние луѓе чии антитела достигнале пониско ниво.

Според најавите на Министерството за здравство на Русија, наскоро во Москва ќе бидат организирани места за вакцинација на лица кои сакаат повторно да се вакцинираат со Спутник V.

Во девет региони е најавена задолжителна вакцинација за вработените во областа на услугите и трговијата, како и во државните институции.

Индија од вчера почна бесплатна програма за вакцинација против коронавирус за целата возрасна популација. Според „Тајмс оф Индија“, владата ќе купи 75 проценти од вакцините произведени во земјата и ќе ги дистрибуира меѓу различните држави.

Количината на вакцини што ќе ги добие еден регион ќе зависи од популацијата, бројот на заразени и бројот на веќе имунизирани. Останатите 25 проценти од произведените вакцини ќе бидат достапни од одделни држави и приватни клиники.

Најавувајќи го почетокот на кампањата на почетокот на јуни, премиерот Нарендра Моди рече дека секој граѓанин на земјата ќе ја прима вакцината бесплатно, без оглед на приходите и социјалниот статус.

Повеќе од 60 проценти од новите случаи на коронавирус во главниот град на Португалија, Лисабон, се должат на варијантата Делта, што за првпат е откриена во Индија.

Поради стравувањата од зголемување на заразените со тој сој, Лисабон од петокот е во блокада, која заврши вчера. За време на периодот на заклучување, на 2,8 милиони луѓе кои живеат во градот им беше дозволено да ги напуштат своите домови само поради итни причини.

Во зависност од ситуацијата, властите ќе одлучат дали да воведат ваква блокада на крајот на следната недела – од 25 до 28 јуни.

Во светот продолжува дебатата за откривање на потеклото на коронавирусот.

Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливан вчера изјави дека Кина ќе се соочи со „меѓународна изолација“ доколку не соработува за време на понатамошните истраги за потеклото на коронавирусот.

Саливан го пофали американскиот претседател Џозеф Бајден што им рекол на своите колеги од Г7 да ја „притиснат“ Кина да дозволи отворена истрага за потеклото на пандемијата, јави „Фокс њуз“.

Американскиот советник за национална безбедност вели дека Кина има два избора – или да им дозволи на истражителите, на разумен начин, да ја направат вистинската работа и да разберат од каде потекнува  коронавирусот или да се соочи со меѓународна изолација.

Варијантата Делта за коронавирусoт, што за првпат беше откриена во Индија, веќе е регистрирана во 92 држави. Тоа го објави на брифинг во Женева, Марија ван Керхов, техничка раководителка на СЗО за борба против ковид-19.

„Оваа варијанта на коронавирусот предизвикува посебна загриженост затоа што е позаразна и рапидно се шири низ целиот свет“, нагласи таа. Според неа, прелиминарните истражувања исто така покажуваат дека инфекцијата со варијантата Делта го зголемува ризикот од хоспитализација.

Ќе треба долго време да се контролира ширењето на тој сој, рече Марија ван Керхов. Таа истакна дека некои вакцини се помалку ефикасни против варијантата Делта, но во сите случаи помагаат да се спречат тешка клиничка слика и смрт.

Експертот на СЗО предупреди дека во иднина не се исклучуваат други мутации во коронавирусот што можат да ја намалат ефикасноста на вакцините.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе