Растат поддршката и можностите за бизнис жените во земјава

Нина Николиќ: Нема подобар момент за почнување бизнис од овој сега!

Наместо традицоналната распределба на улогите во општеството сѐ поголем е бројот на жените во бизнисот, но и можностите и поддршката во земјава за нивен раст и развој.

Во бизнисот, за разлика од политиката, нема квоти за жените, па така тие самите се борат за своето место под „бизнис сонцето“. Ако пред неколку децении жените иноваторки, менаџерки, сопственички на бизнис, претприемачки се гледаа како исклучок во општеството, денес нивниот број е сѐ поголем и истиот има сѐ позначителна улога во вкупната економија на државава.

Официјалната статистика вели дека околу 30% од деловните субјекти во земјава се во сопственост на жени. Дополнително, европската статистика покажува дека над 30% од претприемачите се жени. Овој процент има  предуслови  да  се  зголемува, сметаат експертитете, бидејќи жените може  да придонесат многу повеќе со оглед на различната перспектива и новите идеи кои ги генерираат, но и во себе носат поголема претпазливост која, како да им е вродена. Само потребни се поволни услови за нивниот потенцијал да се реализира и се разбира поголема поддршка за бизнис жените, особено во општество какво што е македонското, каде се уште има остатоци од стереотипните мислења дека жените не може да бидат лидери.

Нина Николиќ, е една од жените во земјава која преку сопствениот позитивен и голем пример за успешност ги мотивира, инспирира и најважното поддржува жените кои се впуштаат во иновативниот бизнис сектор.

Нејзина мисија веќе пет години е да го зацврстува и развива домашниот стартап и иновативен екосистем. Таа е извршен член на одборот на советници и ко-основач на Асоцијацијата „Стартап Македонија“ кој од пред неколку години успешно соработува со Фондот за иновации и технолошки развој.

Потпишувањето на договорот за соработка помеѓу „Стартап Македонија“ и Фондот за иновации и технолошки развој е прв чекор за поддршка од државата за стартап заедницата со отстапување на простор за основање на центарот. Како лидери, работиме на зајакнување на капацитетите, овозможување соработка, развој на претприемачкиот начин на размислување, споделување на можности и надминување на предизвиците“, појаснува Николиќ.

Таа смета дека оваа платформа е место каде заедно може да се изгради уште посилна заедница, да се зајакне претприемачкиот дух, да се овозможи натпревар со меѓународната конкуренција, да се поддржат и градат глобално успешни стартапи, да се создаваат компетитивни работни места и економска стабилност за македонското општество.

Со локалните партнери работиме на создавање услови за соработка наместо конкуренција, додека пак SwissEP експертите од светски рамки споделуваат знаење и вештини со нив  и токму тој микс ни овозможува овој еко систем да биде не само дел од, туку и атрактивен,  во глобалната стартап заедница“, вели Николиќ.

Во „МKstartups Spase“ досега се оддржале 30 работилници со 18 локални и 12 интернационални експерти, 15-тина настани на различни теми, преку 50 состаноци и менторски средби, 5 дневен „Womenpreneurs Stories Bootcamp“ за седум жени претприемачи кои за прв пат започнуваат свој бизнис и сето ова е за преку 500-тина луѓе од заедницата.

Николиќ ги охрабрува жените, но и воопшто сите млади, дека не постои попогоден момент за започнување на сопствен бизнис од овој сега, но истовремено бара промени во општеството кои ќе бидат поволни за поголема мотивација.

Само преку креирање можности, успешни примери за инспирација и соработка, само од нас зависи. Индивидуално е. Кога ќе почнеме да го менуваме начинот на кој размислуваме, околината во која сме опкружени, да истражуваме, да се самоедуцираме, да сме самоиницијативни, да посетуваме повеќе настани кои се од интерес на кариерата која сакаме да ја градиме, тогаш ќе ја изградиме и самодовербата дека можеме да успееме во тоа што сакаме да го постигнеме. Потребни се многу измени во нашето општество, од образование, до животна средина и основни човекови права (чист воздух како едно од нив), до компетитивни работни места… 

Од друга страна не постои подобар момент да се започне со бизнис од овој сега. Тоа најмногу се должи на технологијата и поврзаноста која интернетот ни ја овозможува. Денес, познавам многу млади луѓе кои со минимални трошоци изградиле успешни стартапи дома, вработуваат други млади луѓе со одлични работни услови и креираат можности… Глобално, борбата за еднакви плати продолжува, како и поддршката на жени да се на лидерски позиции во бизнисот, политиката… Ние сме генерацијата која докажува дека квалитетно и паметно работење, ќе го надвладее тоа што некогаш се сметало за машка или женска работа. И драго ми е дека сум и сведок и активен учесник во ерата на овие општествени промени“, децидна е Нина.

Од ноември 2017 Николиќ е основач на Womenpreneurs Stоries – иницијатива која се одржува во нашата држава, па и регионално, каде се нуди поддршка токму тогаш кога им е најпотребна на жените во бизнисот, односно на почетокот, кога новоформираниот бизнис е се уште на „стаклени нозе“.  

Две години подоцна, месечните инспиративни настани прераснаа во 5-дневен буткамп, на барање на голем дел од учесниците. Концептот е преку петдневната работилница е да се поддржат жени кои за првпат започнуваат да водат сопствен бизнис. Најчесто, повеќето од нив се обесхрабруваат на почетокот, бидејќи немаат доволно информации, не знаат каде да се обратат за поддршка и сл. Затоа подготвивме програма која ги поддржува при нивните први чекори и која вклучува запознавање со стартап и иновативниот еко-систем во државата, правни аспекти, бизнис модел „Канвас“, формирање тимови, креирање на презентација, инвестициски можности…“, појаснува Николиќ за поддршката која им е достапна на жените кои за првпат се впуштаат во бизнисот.

Во првата сесија беа поддржани седум жени претприемачи кои за прв пат започнуваа свој бизнис, при тоа во програмата беа вклучени 5 локални експерти и 2 интернационални преку SwissEP, што резултирало една од учесничките по аплицирање во ФИТР да добие и финансиска поддршка за да го доразвие својот бизнис.

Во последниве неколку години во нашата држава има се повеќе можности и поддршка за сите оние кои се храбри и самоиницијативни, кои започнуваат свои бизниси“, заклучува Николиќ.

Х.Н. - П.П.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе