Трибина на МКД.мк за „Правата на помалиот“

Нема здраво општество без правата на помалите етнички заедници

Во рамките на проектот „Правата на помалиот" денеска во „Јавна соба" се одржа трибина на тема „Интеграцијата на помалите етнички заедници во македонското општество". На трибината на иста маса седнаа петставници на помалите етнички заедници и нивни политички претставници, се разговара за проблемите и достигнувањата во изградбата на заедништвото во македонското општество.

На иста маса седнаа претставници на помалите етнички заедници и нивните политички претставници за да разговараат за проблемите и достигнувањата во изградба на заедништвото

Пратеникот Рубин Земон, претставник на Египќаните на трибината порача Македонија да го следи примерот на Хрватска и да се раководи од ставот „Или сите, или никој во преамбулата на Уставот". Пратеникот посочи дека различностите се богатство и моќта е во големите етнички заедници.

„Иако Македонија прилично се фалеше во изминатите 27 години дека извезувала мултикултурализам, за жал кога ќе видиме што има под тоа, гледаме дека воопшто тој процес и не се водеше. Пред се поради Охридскиот рамковен договор, каде што во духот на овој договор е да се развиваат различностите, но политиките доведоа до тоа Македонија да биде се повеќе поделено општество. Различностите се богатство и моќта е во помалите етнички заедници. Во општеството да нема дискриминација, особено не по етничка основа. Не може да ја знаеме само болеста, треба да поставиме и дијагноза", посочи пратеникот Земун.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ претставник на Бошњаците посочи дека има разлики со тоа што тие станаа дел од Уставот, бидејќи на тој начин имаат одредени предности каде може да се пронајдат, да речеме во образованието, култура... за разлика од Египќаните.

„Проблемот е во тоа што двете најголеми етнички заедници, и македонскиот и албанскиот народ и нивните заложби за почитување на правата на помалите етнички заедници, не се суштински, туку се декларативни. Кога ќе се седне на збор убаво се кажува, но кога ќе се дојде нешто да се направи се гледа само нивниот интерес, а имаме мал милион проблеми", посочи Рамчиловиќ кој додаде дека не гледа искрен пристап од мнозинските заедници во Македонија.

Тој додаде дека не е оптимист дека ќе се случи позначајна промена, дури и со стратегијата „Едно општество за сите" и им порача на македонскиот и албанскиот народ дека со унапредување на правата на помалите етнички заедници, нема да се загрози концептот на граѓанско општество. Овој концепт, смета Рамчиловиќ се загрозува кога се работи само на спроведување на права на едни, во случајот Албанците.

Милутин Станчиќ, директор на правата за јазици на заедниците во Министерство за образование, конкретно смета дека првиот чекор е направен со објавениот серијал на приказни, но дека треба да се пронајдат проблемите и да се работи на истите.

„Да се видат заедниците дека постојат и дека имаат своите права, но не се само медиумите, туку треба и општеството, односно институциите, не само медиумите да ги јакнат овие теми. Сметам исто така дека е важно да им се отстапува место во медиумите и на новинари од помалите етнички заедници. Немоќни сме сами да се бориме како помалубројните етнички заедници, треба поддршка и од поголемите, односно од албанските и македонските заедници. Не може да се гледаат правата само на оние кои се повеќе бројни, а да се занемуваат правата на останатите", смета Станчиќ.

Никола Бабовски од Демократскиот сојуз на Власите посочи дека сите овие групи не се помали етнички заедници, туку се помалкубројни.

„Се додека се смета дека некој треба некому нешто да даде, или да добие, а тоа му е биолошко право, работите нема да се сменат. Сега се се сведе на ниво на бинационална држава, а се декларираме како мултинационална држава. Загарантираните места во Парламентот нема да го решат прашањето, се додека нема релевантен попис. Потребни ни се конкретни бројки„, рече Бабовски.

До 2007 година во дипломата за средно образование стоеше етничката припадност и тоа беше единствениот валиден документ.
На трибината стана збор и за тоа дали се реални бројките на етничките заедници според последниот попис.

Сузана Мусли од Турската етничка заедница нагласи дека треба да се подигне свеста за овие етнички заедници и посочи дека Охридскиот рамковен договор го превела и на Турски јазик за да го доближи и до нејзината етничка заедница.

„Од 2000 до 2004 година сум била координатор на 14 невладини организации. Работевме за рамковната конвенција за заштита на етничките заедници и околу 2 години не едуцираа светски експерти за да напишеме еден Извештај, односно на парче хартија да ги ставиме нашите маки. Ние цврсто стоевме зад тоа нашите имиња да стојат на тој Извештај. Во 2004 добивме одговор од Стразбур, а имавме и притисоци дека работиме против државата. Ќе дојде време кога во Собрание ќе влезат сите овие документи и ќе видат кој се борел за своите права", посочи Мусли.

Таа додаде дека од тогаш до денес не е сменето многу бидејќи имало многу препреки, но тоа не значи дека нема да ги уживаме правата, односно треба да ги знаете своите права за да ги уживате.

За тоа што можеме во Парламентот да направиме за правата на овие етнички заедници, пратеничката Нола Исмаиловска на трибината посочи дека не требаат расправи, туку потребни ни се конкретни предлози, решенија и закони.

„За она што го правиме ни треба и јавност, која ете можеме да ја добиеме преку гостување во емисии, дебати, преку пратеници, кампањи, социјални мрежи... Мора да биде видливо тоа што сакаш да го постигнеш за да има ефект. Не треба да ги гледаме само нашите интереси. Во Парламентот не ни се потребни надзорни расправи, туку ни требаат конкретни идеи и тоа да се преточи во закон. Од зборење нема никаков ефект", нагласи пратеничката Исмаиловска.
Пратеникот Иван Стоилковиќ од Демократска партија на Србите во Македонија изрази благодарност до МКД.мк што со серијалот теми објавен за правата на помалите етнички заедници отворила прашање што, како што рече било затворена од 2015 година.

„Собранието не е место каде се решаваат проблемите веќе подолго време. Работите на оваа тема се замрзнати подолг временски период. Ова е тема за ЕУ и ОБСЕ и за Владата. Ова се работи кои се многу важни и единствен начин за влијание е борбата за политички места. Се мешаат за теми за кои се многу светлосни години далеку, а не се мешаат за теми кои за нас се од суштинско значење", дополни Стоилковиќ.
Сибел Бајрам, една од ретките млади Ромки со високо образование на трибината нагласи дека одлично е вака на една маса да седнат и, како што рече обичните луѓе и политичари и им порача малку да излезат на терен и да ја согледаат реалната слика за етничките заедници.

„Прв пат сум во ваков тип на дискусија, но реално треба да се организираат почесто и да има претставници од невладин сектор, но треба да излезете и на терен да видите како тие луѓе живеат и дали може да излезат на крај со таа социјална помош, дали може да школуваат деца... Да не се стипендиите кои ги доделуваат од Европа, еве конкретно Ромскиот едукативен фонд, многу деца кои се надарени и талентирани нема да можат да се запишат на факултет. И тука пак ќе биде бројката на неписменост и неедуцираност висок", посочи Бајрам.

Учесниците на дебатата се согласија дека здраво и право општество нема да имаме без правата на помалубројните етнички заедници.
Главниот и одговорен уредник на порталот МКД.мк кој беше организатор на трибината нагласи дека со објавувањето на серијалот од 22 наслови за правата на помалите етнички заедници се влезе подлабоко во сериозноста на овој проблем.

„Го отворивме прашањето „Што правиме со оние кои се под 20 отсто?". За жал и натаму зборуваме за бројки, а не за едно општество кое е вистински граѓански ориентирано. Треба да сме држава која ќе се грижи подеднакво за секоја етничка заедница, а не само за двете најголеми етнички заедници. Со овие 22 наслови видовме дека овие прашања и не се така за занемарување. Разработувајќи ја темата произлезе и позицијата за ИВЗ и како се грижи за другите муслимани. И не само општеството, туку и верските заедници се однесуваа исто како и државата", посочи Дамовски.

Африм Тахир кој во 2014 година дал оставка од ИВЗ посочи дека е Албанец кој не ги дели лушето на вера и нација.

„ Сум се прашувал до кога ИВЗ ќе го толерира однесувањето на реизот и зошто ги дискриминира сите муслимани. Јас можеби сум и прв Албанец што реагира на вакво нешто. Јас немам ништо лично со Сулејман Реџепи, но сметам дека тој не е за во ИВЗ и намерно провоцира за да не се занимава никој со проблемите на муслиманите", нагласи Тахир.

Темите беа во соработка со Интер Њуз, а за правата на етничките заедници од февруари, кога започна проектот работеа новинарите Катерина Додевска, Милан Миличевиќ и Христина Николовска.

К.Д.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе