МВР апелира да не се шири паника со непроверени информации

Не фалат органи кај медицинска сестра најдена мртва во Вардар, потврдуваат од Институтот за судска медицина

Страв и паника раширија непроверени вести по социјалните мрежи дека на лицата кои деновиве беа пријавени за исчезнати, а потоа беа најдени починати им недостасувале органи. Веста за тоа дека ѝ фалеле органи на медицинската сестра од Клиниката за гинекологија која беше пријавена за исчезната, па потоа најдена мртва во Вардар се прошири како молња по социјалните мрежи и се споделуваше безброј пати, но без потврда, туку само дека некој нешто чул. МКД.мк побара одговор од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје каде се правеше и обдукцијата на жената и од таму децидно ги демантираат ваквите вести.

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков во изјава за МКД.мк потврди дека при правењето на обдукцијата кај починатата медицинска сестра утврдено е дека не недостасуваат органи.

„Не се точни тие информации. Направена е обдукција врз телото на жената и утврдено е дека не недостасуваат органи", вели директорот Станков.

Александар Станков

Според првичните информации од обдукцијата, нема траги кои би укажувале дека некој и направил нешто на починатата медицинска сестра, ниту пак постојат траги на насилство, но сепак се работи за предмет кој е во истрага и повеќе детали околу тоа не можат да се споделат.

Обдукциониот наод и сите направени анализи ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителството Скопје ќе треба да утврди дали ќе го затвори случајот како самоубиство.

За исчезнатите лица и за тоа дали и колку се граѓаните безбедни соопштение испрати и МВР во кое целосно ги демантираат како што велат, лагите и измислиците што неодговорни поединци ги шират по социјалните мрежи со цел да предизвикаат паника кај граѓаните.

„МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните. Апсолутна лага е дека имало некакво вадење на органи или некакви слични дезинформации. Апелираме до медиумите и јавноста да се повикуваат на официјалните податоци на институциите и да се воздржат од шпекулации што можат да ја вознемират јавноста. Статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94% . Апелираме уште еднаш за воздржување од шпекулации кои неосновано ја вознемируваат јавноста.За оние пак кои со очигледна намера ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законите", соопштуваат од МВР. 

Вчера беше најдено уште едно тело на Горан Атанасовски (35) кој беше пријавен за исчезнат. Обдукцијата е завршена и во овој случај не недостасуваат органи, потврдуваат од Институтот за судска медицина и криминалистика. И овој случај се истражува и повеќе информации за причините за смртта ќе треба да соопшти обвинителството, откако ќе ги собере сите потребни докази.
Нема пријава во МВР ниту за наводни киднапери за кои граѓани апелираа по социјалните мрежи.

„Денеска со моите три деца бев на игралиштетото во Влае откај кејот на Вардар каде што и си играат повеќето од нашите деца. Во еден момент приметивме како еден малд дечко со куче им приоаѓа и разговара со нив. Во тој момент децата дотрчаа вознемирени и исплашени и ни кажаа како тој дечко ги викал да одат со него и да му дадат рака за да ги прошетал. Среќа што ние бевме таму па спречивме да дојде до немил настан и случајот го пријавивме во полиција. Ова го споделувам со сите и ве молам да се споделува бидејќи има деца кои одат и сами на двете игралишта во Влае. Засега се знае дека дечкото е од Влае и е наркоман", е еден од постовите на социјалните мрежи.

Но, од МВР велат дека пријава во полицијата, ниту за Влае, ниту за Ѓорче Петров нема.

МВР апелира до граѓаните да не шират паника, да не се споделува сѐ и сешто по социјалните мрежи и да не се верува во сѐ што ќе се слушне. Од таму велат дека доколку било кој граѓанин има сомнеж или информација за наводни киднапери, да не пишува по социјалните мрежи, туку веднаш да пријави во МВР.

МВР смирува дека граѓаните се безбедни и простор за паника нема, а апелираат да не се шират дезинформации, туку да се остават институциите да ги завршат истрагите и да соопштат во фаза во која имаат овластување, за што станувало збор во случаите и со исчезнатата медицинска сестра и со починатото момче од вчера.

Од полицијата соопштуваат дека не се бележи пораст на исчезнати лица во последнава година. 

К.Д.

 

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе