Со поддршка на ФИТР во Центарот за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој СТАРС

Наскоро иновативни методи за третман на аутизам и други попречености

Превенцијата на аутизмот е дискутабилна работа, но не и невозможна. Токму затоа Александра Јорданов, специјален едукатор и рехабилитатор и сопственичка на приватениот центар за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој СТАРС, со посветена работа се труди токму превенцијата да стане достапна и што е можно пошироко распространета и кај нас. ФИТР ги препозна и застана во поддршка на нејзините заложби! Детските насмевки вредат за тоа!

Првиот приватен центар во регионот за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој СТАРС е еден од апликантите кои добија поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој на повикот „Стартапувај“. Проектот носи назив „Плеј атеншн и неурофидбек методологии за деца и младинци со попреченост“ и за истиот, освен финансискка поддршка во висина од 29.000 евра, центарот од ФИТР ќе добие и  логистичка поддршка.

Идејата е всушност на сопственичката на овој центар Александра Joрданов која е дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор со повеќегодишно искуство.

Низ разговорот со неа, со секој нејзин следен збор, како посилно и погласно да се потврдува тезата дека „аутизам не е збор за плашење, туку дете за сакање“ и токму во таа насока е целиот нејзин труд, од идеја до скорешна реализација, а нејзината благородна општествена мисија беше препознаена од стручниот одлучувачки тим при ФИТР кој ќе ѝ помогне во реализацијата на замислата.

Центарот ќе работи на развој и примена на нови иновативни решенија во третманот на деца и млади, кои имаат атипичен развој, како и потреба од дефектолошки и логопедски третман во централниот и источниот дел на државава. Идејата се состои од започнување на користењето на неурофидбек и плеј атеншн методологиите, како и употреба на фор-бреин и саунд-сори слушалки за третирање на децата и младите, кои ќе им овозможат да ја унапредат својата состојба и да се интегрираат поуспешно во општествената заедница.

Методите се безбедни, неинвазивни и веќе се користат во меѓународни рамки.

„Бидејќи работам со ранлива група на лица, а тоа се деца, кои во денешно време се соочуваат со разни проблеми и предизвици во текот на растот и развојот, одреден временски период ги истражував модерните и софистицирани методи за стимулација и надминување на овие проблеми.Неурофидбекот беше првата метода која што ми го привлече вниманието бидејќи е безбедна за деца од сите возрасти, неинвазивна е и дава одлични резултати кај децата. Плеј атеншн методологијата, генерално работи на сличен начин како и неурофидбекот, но тука се става акцент на работа со деца кои што имаат хиперкинетски синдром и децата кои што имаат проблеми со училишните потешкотии, како што се дислексија, дискалкулија...“, вели Јорданов која додава дека овие две методи се широко прифатени во светот и претставуваат алатки кои ги надополнуваат класичните методи во дефектолошката работа, воедно и ја издигнуваат на едно повисоко технолошко ниво.

„Со овие алатки се постигнуваат одлични резултати во говорно-јазичната сфера, когнитивниот развој и вниманието и концентрацијата кај децата со проблеми во развојот“, вели Јорданов додавајќи дека веќе од октомври ќе се започне со реализација на проектот и нудење на ваков вид на специјализирана помош на децата и младите.

„Проектот, генерално ги таргетира лицата од Повардарскиот регион, но тоа не значи дека не може да дојде дете од Штип или Струмица на третман. Центарот е отворен за сите“, порача Јорданов.

Таа е благодарана за препознавањето на нејзините заложби од страна на Фондот за иновации и технолошки развој и како што вели, тоа ќе биде дополнителен поттик на долгорочен план со своите професионални квалификации да допринесе за повеќе насмеани деца, но и среќни родители.

„Поддршката на ФИТР за мене доаѓа во еден многу важен момент од работењето на Центарот за стимулација, раст и развој СТАРС. Таа претставува круцијална алка во заокружувањето на мојот проект. Важно е да се напомене и дека не станува збор само за финансиска помош, туку за целосна логистичка поддршка. Мојата визија во однос на овој проект е долгорочна со позитивен општествен и социјален импакт за најранливата категорија на граѓани, а тоа се дечињата. Затоа поддршката на ФИТР и нивнот препознавањето на моите заложби за мене претставуваат незаменлив поттик во понатамошните заложби за поубаво утро и повеќе насмевки на детските лица“, вели Јорданов.

Јорданов како дефектолог активно работи од 2012. година и со своето искуство како волонтер во Дневниот центар за деца со попреченост во родниот Велес, како едукатор, како асистент на дете со аутизам, како дефектолог во основно училиште, активен член на  МНЗА (Македонско научно здружение за аутизам), смета дека најдобро е да се започне со третман од помала возраст  за да може терапевтите да влијаат на развојот на детето.

„Во моментов во нашиот Центар, работиме со деца на возраст од две години, до пет. Поголемите деца, како и ворасните лица сметам дека одлично би се вкопиле во третманите со неурофидбек“, вели Јорданов.

„Раните интервентни програми се фокусираат на учење на социјални и комуникациски вештини. Основен принцип е дека учењето треба да биде прилагодено на секое поединечно дете, а способноста за учење се докажува со напредокот кој се постигнува. Во работата со деца со аутизам, во мојот приватен центар, ги користам специјалните методи како што се: терапија со сензорна интеграција, PECS метода, ABA – применета бихејвиорална анализа, Floor time, brain gym, логопедска терапија, TEACHH метода. Сите овие методи имаат јасен принцип на работа и структура која треба да се спроведе во работата“, појаснува Јорданов.

„Исто така биомедицинскиот третман е дел од третирањето на оваа состојба и самиот третман во себе опфаќа повеќе постапки како што се: витаминска терапија  и терапија со минерали, аминокиселини, ензими, детоксификација на тешките метали, примена на додатоци во исхрана, органски киселини, пробиотици и антифунгална терапија“, вели дефектолог Александра Јорданов за третманите кои се клучни.

Таа нагласува и дека поради сигурните податоци дека многу од лицата кои што се со аутизам се интолерантни на храна која содржи глутен и казеин, тие мора да се придржуваат кон диета и правила кои мора да се почитуваат за да се детерминираат проблемите во организмот.

Каква е улогата на семејството? 

„Семејството во целиот процес ни претставува главна алка, за да можат резултатите да бидат сеопфатни и видливи. Превенцијата на аутизмот е дискутабилна работа, но не и невозможна. Поради тоа што сè уште немаме познат причинител за ова нарушување, превенцијата оди тешко, но со точни насоки, методи, техники, исхрана, биомедицински третман и поддршка од семејството може да се минимизира ризикот за развој на аутизам.“

Како што констатира и нашата соговорничка, за жал, иако живееме во модерно време, гласноговорниците за оваа проблематика се малку на број, а ние како општество сѐ уште се соочуваме со проблеми од типот на неприфаќање на состојбата на родителите за своето дете. Во контекст на еден од често распространетите митови дека аутизмот е трагедија Јорданов се согласува дека со правилна поддршка, аутистичните лица можат да одат на улилиште, да комуницираат, да работат, живеат во заедница, да имаат пријатели, да се венчаат, започнат семејство, да гласаат, да ги извршуваат своите интереси или што и да сакаат да прават.

„Самиот процес на работа претставува комплексен и долготраен процес. Овие деца ја носат во себе најголемата љубов на овој свет, но и нивното „шесто сетило“ за тоа дали некој вистински ги прифаќа и сака. Секој успех што тие го нижат е и наш упех, затоа што тоа е наша најголема мотивација за да продолжуваме понатаму. Патот е навистина макотрпен, но со многу љубов, работа и упорност успехот е неминовен“, заклучува Јорданов од првиот приватен центар во регионот за стимулација, раст и развој на деца со типичен и атипичен развој СТАРС со верба дека овие деца од ден на ден ќе растат и ќе бидат „ѕвезди“ во нашето општество.

                                                                                                                       Х. С. 

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе