Наместо дипломатска пошта (која може да значи од вистинска пошта и документи, па сѐ до опрема и мебел за амбасади, конзулати и станови на дипломати во странство или средства и опрема за реновирање), големо количество цигари и алкохолни пијалаци биле „покриени“ со дипломатски печати, пломби и документи. Според нашите извори, камионот тргнал од Скопје, а со акцизната стока бил натоварен во Србија. Преку Хрватска и Словенија стасал во Италија. Таму сомнежот дека не се работи само за дипломатска пошта паднал кога скенерот прикажал многу шишиња, несоодветно количество за една дипломатска пратка. Возачот е во притвор, а случајот таму се истражува. Македонското МНР бездруго е известено по дипломатски пат од италијанските власти.
Во МВР за овој случај нѐ пренасочија за одговори во МНР.
Но, велат нашите извори, ова не е единствен случај и тврдат дека станува збор за разработен канал на извесна група во која има инволвирано лица од МНР, со цел шверцот на акцизни стоки да биде прикриен со „дипломатски имунитет“. Цигарите и алкохолните пијалаци во земјите од ЕУ на црните пазари достигнуваат високи суми.
Летово бил претресен контејнер со македонска „дипломатска пошта“, кој со брод пристигнал на пристаништето во Бриндизи, Италија. Крајната адреса била амбасадата во Франција, а за содржината на „поштата“ во документацијата пишувало „...за опремување на амбасадата во Париз“.
Според нашите информации, стоката била натоварена во Софија, потоа транспортирана до Солун, од каде што со брод пристигнала на пристаништето во Бриндизи, од каде пак, контејнерот, барем според тоа што пишувало на испратницата, со камион требало да патува за Париз. Но нешто било сомнително и контејнерот бил скениран, а потоа и отворен. Италијанските власти побарале известување и објаснување од пристаништето во Солун, како и од македонскиот конзулат. Нашите извори велат дека токму со напори на дипломатското претставништво случајот бил заташкан за да не пукне скандал.
Дали случајот е поврзан директно со МНР, дали станува збор за злоупотреба на службената положба на поедини службеници во министерството и, дали конечно, може конкретно да се потврдат нашите информации и да се добијат детали од истрагата и за евентуално понесена одговорност, упативме прашања до службата на МНР за односи со јавноста. Имавме предвид дека при вакви случаи по дипломатски пат се испраќа известување до Министерството за надворешни работи на државата што се инволвира во криминален настан.
Инаку, македонското МНР на тендер има избрано една шпедиција што ги врши транспортните, како и шпедитерските услуги за превоз на лица и предмети при селидба во и од странство. Според воспоставената практика, дипломатите кога патуваат на служба во странство или се враќаат оттаму, личните и семејните работи, како и мебелот и опремата, ги транспортираат со шпедиција. Секој предмет е уредно запишан. Шпедитерски услуги понекогаш се користат и кога е во прашање реновирање или изградба на дипломатски објект.
По правило, граничните власти не ја отвораат дипломатската пошта, освен доколку немаат сериозен сомнеж.
А.Д.