СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Морачанин: Граѓаните и пратениците заедно за заштита на Охридскиот регион

Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, како координатор на неформалната група “Пратеници-пријатели на единственото УНЕСКО подрачје во Македонија – Охридскиот регион” се обрати на денешниот јавен настан во Собранието на Република Македонија.

„Неформалната група пратеници во состав Томислав Тунтев, Ирена Стефоска, Африм Гаши, Васко Ковачевски и Маја Морачанин, се формираше по иницијатива на Националниот демократски институт и Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 и претставува позитивен пример за успешна соработка помеѓу пратениците од различни политички провениенции, невладиниот сектор и граѓаните. Нѐ обедини заедничката цел да придонесеме за зачувување на Охридскиот регион – нашето единствено светско природно и културно наследство“, рече таа.

Истакна дека зачувувањето на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион мора да биде врвен приоритет за сите надлежни институции. Зашто, според наодите на реактивната мисија на УНЕСКО, севкупната состојба на конзервација е ранлива и доколку приоритетните препораки не се имплементираат во тек на следните две години, Охридскиот регион може да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Комитетот за светско наследство при УНЕСКО препорачува усвојување на Планот за управување со Охридскиот регион, комплетирање на Стратешката оцена за влијанието врз животната средина, стопирање на ски центарот на Галичица и потсекциите (а) и (е) на патот А3, зачувување на постоечките зони на Националниот парк Галичица, развивање на еко-туризмот, соодветен третман на отпадните води и цврстиот отпад и редица други препораки.

„Вистински чекор во оваа насока претставува токму барањето на преку 7.000 граѓани од 13 градови во Македонија, за имплементација на Законот за управување со Охридскиот регион и стопирање на штетните инфраструктурни планови во заштитеното подрачје. Граѓаните јасно порачаа: Да го зачуваме нашето единствено светско природно и културно наследство, зашто eдно е и вредно “, заврши Морачанин.

Сферата на локалните јавни финансии претставува многу погодно поле за соработка на локалната власт со приватниот сектор.

повеќе

Драги пратеници, помислете добро пред да притиснете копче за двојазична Македонија.

повеќе