Интервју

Мојсовски: „Идризово“ почна да личи на затвор со човечко достоинство за осудениците, првпат по 10 години видоа мусака и макарони

Од април 2018 најголемиот затвор во Македонија, затворот во Идризово, го раководи Боби Мојсовски, кој на оваа позиција дојде од Агенцијата за поддршка и претприемништво на Република Македонија. Дојден од сферата на бизнисот, вели за една година работите се промениле на подобро, но исто така признава дека не е доволно. Мојсовски посочува дека промените за една година ја довеле најголемата установа за престој на лица осудени за педофилија, тешки убиства, кражби, трговија со дрога, тероризам... до задоволително ниво и оваа установа од чудовиште во очите на јавноста, почнa да личи на затвор.

Со директорот на најголемиот затвор во Македонија зборуваме за тоа како е од човек вклучен во бизнис-сектор да се раководи мало гратче во кое зад решетки престојуваат 1. 145 осудени лица, од кои 25 се на доживотна робија. Од овие лица 50 се наоѓаат во женскиот дел на затворот, кој е посебен дел, 50 се во отвореното одделение во Велес, кое е во склоп на истиот овој затвор, а околу 100 се во новото одделение, кое е со високи стандарди.

Вашиот стаж на раководната позиција на најголемиот затвор во Македонија е безмалку една година. Директорската фотелја освен удобност носи и многу обврски и одговорности. Што Ви посака добредојде од старата раководна гарнитура овде?

- 1.200 затвореници, руинирани објекти, недостиг од персонал, претежно во затворската полиција и големи финансиски долгови. Тоа е првиот впечаток на влезот во затворот. По една година, ги намалуваме постепено трошоците. Тоа се должи на зголемениот буџет и на подомаќинско работење. Не можете да бидете добар директор ако работите сам. За добро раководење на оваа функција ви треба добро да ги менаџирате работите, како и да имате тим на кој до одредена мера можете да му верувате и не ви работи зад грб.

Идризово е казнено-поправна установа, но фактот што овде имате голема бројка повратници го наметнува прашањето дали е повеќе казнена отколку поправна установа. Затајува системот и не успева ресоцијализацијата или?

- Ние сме најголемиот затвор во Македонија и во овој затвор имаме осуденици со затворска казна од 3 години и повратници со 6 месеци затворска казна, што значи дека дел од повратниците што доаѓаат овде се и од други казнени установи. Точна бројка на повратниците во моментов немам, но бројката секако е голема. Одговорност за тоа имаме сите установи што се дел од системот, а не само најголемиот затвор во Идризово. Голем дел биле затворени во други места и имаат место на живеење Прилеп, Струга, Куманово, Штип...

И што е обврската на установата за ресоцијализација на осудените лица? Бидејќи самите осуденици со кои имав можност да разговарам пред неколку месеци велат: „Не правиме ништо, туку само чекаме да ни поминат секундите, минутите, часовите, деновите, месеците и да дојде моментот кога ќе паднеме во депресија".

- Делот на ресоцијализација започнува уште од моментот на приемот во Приемното одделение. Тука овие лица се прашуваат каде се заинтересирани да престојуваат. Во Приемното одделение имаме тим од четири лица, кој опфаќа социјален работник, психолог, педагог и криминолог. Процесот на ресоцијализација зависи пред сè од работењето на нашиот тим, од волјата и желбата на осуденикот, но и од висината на затворската казна. Друг третман има за странски државјани, но и за лица што се осудени на доживотни затворски казни. Оние што се со помали затворски казни, гледаме да се вклучат во процесот на ресоцијализација, односно да добијат вработување. Во моментот во женскиот затвор има отворено кројачки дел во кој осуденички шијат, како и фризерски салон, а кај мажите имаме сервис за автомобили, како и дел за собирање и пакување на отпад. Жално е што оној дел што е ДОЕЛ „Препород", каде што дел од машините што работеле и со кои се изработувале маси и сандаци за пчели, сега не работат и овој дел ќе биде планиран за главните објекти. На ова место ќе се градат шест нови објекти за затвореното одделение. Во разговор со „Препород" е планирано овие машини за преработка на дрво да се префрлат во сервисот што функционира во склоп на затворот. Има и пекарница во која осудени лица со помош на вработени се ангажираат за правење леб и бели печива. Во кујната се ангажираат и осуденички од женскиот дел, а потоа со примена на Законот за работни односи на овие лица шест месеци откако почнуваат да излегуваат на викенд, со дадена изјава за работа и под добар третман им даваме и одмор од 20 дена. Тоа сепак се осуденици на помала затворска казна.

Што е со доживотните осуденици, што прават тие во текот на денот?

- Во овој дел сме малку повеќе ограничени. Тие имаат право на прошетка од 2 часа и тоа се почитува. Други ангажмани кај нив нема. Во моментов во крилото на доживотните затворски казни престојуваат 25 осудени лица и за нив немаме никакви ангажмани.


Имате ли доволно кадар за да се реализира процесот на ресоцијализација на осудените лица?

- За жал, кога дојдов на функцијата, имавме 163 празни места вкупно на целиот затвор, а најголем дел беше недостиг од затворска полиција, но факт е дека недостигаат и лица што се неопходни за процесот на ресоцијализација. Пред амнестијата имало и недостиг од лица во процесот на ресоцијализација, бидејќи тогаш имаше 1.900 осудени лица, а 40 лица што работат во делот на ресоцијализација, и тоа е навистина мала бројка на вработени лица во овој сектор. Сега на таа бројка условите ги задоволуваме, но чекаме во мај да бидат примени уште луѓе во тој дел. Најголема болка ни беше затворската полиција, и пред неколку дена примивме 49 нововработени. Бројката пак не е комплетна, но сепак, можам да речам дека е на едно задоволително ниво. Вкупно 200 лица е бројката на затворската полиција, но бројката за тоа колку се доволно се зголемува со двете нови згради, на полуотворено и отворено одделение, како и со начинот на работа. До почетокот на летото би требало да се вработат уше 30 до 40 лица од затворската полиција, и со тоа да може да се работи во делот на новите одделенија. Бидејќи полуотвореното и отвореното одделение е сосема нов начин на работа. Затворот е жива материја, дел од осудените лица си заминуваат, дел се примаат, и тоа е континуиран процес што нема крај.

Но пред сè треба квалитетен кадар што ќе може да одговори на работните задачи со осудениците што се специфична категорија?

- Точно така. За кадарот што го затекнавме во соработка со Управата за извршување на санкции, имаме континуитет од обуки и предавања и во делот на ресоцијализацијата и во делот на затворската полиција. Имаме обуки за човекови права, за начин и постапки на воспитувачите во процесот на ресоцијализација. Сега, од 18 овој месец почнуваат и обуки за новите вработени од затворската полиција кои треба да го научат Кодексот на однесување, како и на работењето. Овде во делот на обуките, освен Управата за извршување на санкции имаме соработка и со ОБСЕ.

Безбедни ли се затворските чувари во сите крила во најголемиот затвор во Македонија?

- Инцидент во затворот во Идризово во последната година помеѓу затворската полиција и осудениците нема. Многу е важно и да имаме професионален на чуварите кон осудениците и тогаш сметам дека нема да има проблеми.
Има ли доволно пари во буџетот за потребите на затворот во Идризово?
Крај на потребите нема, а потребните пари за нормално функционирање на затворот на годишно ниво се околу 90 милиони денари, без плати за вработените. Имаме план и побарувања за 1.200 осуденици, а до крајот на годината таа бројка може да се намали, но може и да бележи покачување.
Со оние пари со кои располагаме правиме напори и максимално сме посветени со минимални трошоци да го постигнеме она што сметаме дека треба. Амбулантата е целосно реконструирана, препокриена. Женското одделение е реновирано, добивме донации од нови кревети, постелнини, отворивме перални и сушални, две летни кујни, фризерски салон, почна со работа делот за кроење и шиење. До крајот на февруари, со примањето на овие нови затворски чувари, приоритет ми е да го отворам полуотвореното одделение во новиот дел. Двете нови згради со полиберален третман треба да се отворат. За сега отвореното одделение во новиот дел функционира и во него има околу 100 осудени лица што се осудени на казна затвор до 3 години. Во овој дел имаме и осудени лица што се работно ангажирани преку ден во фирми, а за дел треба да се обезбеди тие да се работно ангажирани. Тука преспиваат, а преку ден се работно ангажирани. Во полуотвореното одделение ќе бидат сместени осуденици што најмалку два пати до сега биле пуштени на викенд.

Бадијала е реконструкција на амбулантата ако нема лекари. Реалност е дека овде во затворот во Идризово лекари во амбуланта има само од 8 до 16 часот. По ова лекарски услуги осудените лица добиваат од службата на Итната медицинска помош. Стоматолог нема, а осудениците велат „Само Господ да не чува". Но во реалноста молитвите не помагаат, туку потребни се лекари. Дали и кој води грижа за здравјето на овие луѓе?

- Затворската амбуланта е под надлежност на Здравствениот дом- Скопје. Во моментов во амбулантата во затворот во Идризово има двајца доктори, две медицински сестри и еден стоматолог што доаѓа два дена во неделата. Тоа е примарната здравствена заштита. Секундарната и терцијарната здравствена заштита е наша должност и ние по препорака на докторите и во соработка со Клинички центар овие осуденици се носат во Арестанско одделение. По 16 часот имаме соработка со Итната медицинска помош и кога и да ни се потребни тие ни се на располагање и одговараат на потребите на осудениците. Затворот во Идризово е едно мало населено место, односно мало гратче во кое, како и во секое друго место, смртните случаи се природна појава. Наша обврска е навремено и соодветно на одговориме на потребите за лекување на осудените лица, како и тие на време да се однесат на лекарски преглед.

Имиџот на затворот во Идризово е многу лош, а за тоа зборуваат и извештаите на народниот правобранител, каде што заклучоците се полни со критики за катастрофалната состојба на оваа установа. Условите во кои престојуваат овие лица омбудсманот ги карактеризира како нехумани и под секое човечко достоинство. Се согласувате ли со ова и што може да се очекува од следниот извештај што ќе ја опфати годината во која Вие сте на челната позиција, односно ќе биде огледало на Вашето работење?

- Ги имам читано извештаите и можам да кажам дека оваа година извештајот ќе биде попозитивен. Наша главна цел е со префрлање на осудениците во отвореното и полуотвореното одделение во новиот дел, бројката во стариот затворен дел да дојде до 600 затвореници, а со тоа ќе има и подобри услови за самите осудени лица. Јавноста може да очекува многу подобар, но не и идеален извештај на народниот правобранител за состојбата во Идризово во периодот на 2018 година. Не можам да кажам дека комплетно сме ја решиле состојбата, оти потребно е пред сè време. Сепак тоа е процес, а за една година можам да кажам дека сме стасале до услови на едно човечко достоинство. Ова го кажувам бидејќи имаме две прекрасни згради со капацитет од 550 затвореници, по европски стандарди и друг начин на работа. Има трпезариски начин на храна, нови простории, нов инвентар, нов начин на живеење. Кога сè е ново, тоа значи и подобри услови за осудениците. Континуирано имаме предавања и за одржување и за начин на работа во новите згради.

А во врска со корупцијата и шверцот на дрога и мобилни телефони во затворот?

- Во делот на корупција гледаме да ја сведеме оваа појава на минимум. Имало и случаи во кои и вработени во затворот биле вмешани во ваков тип скандали. Но во последната година тоа е намалено. Намалени се и трошоците, а тоа се прави и со домаќинско работење. Контроли се прават во континуитет и постојано.
Затекнав одделенија што 10 години не виделе претрес и каде што вработените ги заборавиле осудените лица дека се во затвор. Во овие одделенија најдовме одредено количество дрога и доста мобилни телефони што се забранети и сето ова е пријавено до надлежните служби. Пред пратките што им се носат на осудените, да стасаат во нивните раце, тие минуваат низ контрола прво на влез, па потоа на 2 скенери што се нови. Имало обиди за шверц на мобилни телефони што беа спакувани во погача и една мајка се обиде да ги внесе за нејзиниот син, кој е осуденик. Но случајот беше откриен. Имаше и случај кога во тетрапак сок од боровинка, беше наточено вино, а исто така сме откривале и случаи на пакети со дупло дно во кој имало недозволени работи. Безбедносните проверки се на повисоко ниво, а тоа секако е важен чекот за борба против корупцијата. За да бидете добар раководител, и кога се работи за затворска установа, мора да ги тргнете рацете подалеку од корупцијата. Но како директор поединец нема да направите ништо ако зад себе немате добар тим, кој исто така ќе ви биде лојален. Недозволиво е да има корупција кај вработените, а уште помалку кај мене како директор, ако сакаме да постигнеме резултати во работењето. Меѓу осудените лица има и тепачки и кавги, но тоа го има и во едно семејство, а не пак кај затвореници. Тоа го превенираме и реагираме веднаш со разместување во други ќелии или и во друг затвор, ако е тоа потребно. Во интерес на сите нас е да нема инциденти, корупција и шверц.

Има ли доволно храна за осудениците во затворот во Идризово или гладуваат доколку не им биде донесен пакет од надвор?

- Слободно можам да кажам дека кога дојдов на оваа функција, начекав многу лош квалитет на храна, но и многу мало количество. Не е проблемот во немањето храна, неа ја има, туку треба да се состави. И во претходните, и во оние јавни набавки денес сè е нормално и исто за потребите на една затворска кујна. Проблемот е во тоа каде завршувала храната и како ќе ги составиш нештата. По 10 години осудениците овде прв пат видоа мусака, потпечени макарони, домати, лубеница... Храната и со квалитет и со количество е на многу повисоко ниво, а знак за доброто функционирање на кујната е и тоа што се намалуваат пратките со храна што осудениците ги бараат од надвор. И претходно имало услови за добра кујна, но не се работело како што треба. Јас ништо не донесов плус од тоа што претходно требало да стаса до кујната во затворот, но проблемот е каде тоа ќе заврши и како ќе се спакува. Многу е важно и како ќе се пренесува храната. Кога дојдов овде, храната на осудените лица им се носеше во пластични канти за сирење. Добивме термоси како донација од АРМ, а докупивме и термоси за да може храната откако ќе се зготви, хигиенски да се пренесе до осудениците и да може да се јаде. Ако вие правите трошок, а не се грижите за понатаму како ќе им се однесе храната, бадијала е да имате намирници. Тој дел мораше да се измени. На пример во еден ден имаат две јајца и виршла за појадок, за ручек мусака со салата, за вечера компот, или леб, маргарин и мармалад со чај. Во новите објекти предност е тоа што имаат и свои кујни каде што можат да доправат нешто.


Со каков возен парк располага најголемиот затвор во Македонија во моментов и имате ли доволно возила за да одговорите на издадените наредби од судовите за спровод на осудените лица на судските рочишта?

- Добивме донација од две нови возила за спровод на осудени лица, а очекуваме уште едно. Имаме две што ни беа на располагање, и сега доаѓаме до една солидна бројка што за еден месец ќе биде 8 возила. Со ова сигурен сум дека нема да има проблем од типот на неможност на спроведување на осудените лица на суд. Тоа е многу важно за на осудениците да им се затвори едно дело и да можат да го добијат тоа што им следува, како што е, да речеме користење викенд.
Што е со облеката на затворските чувари? Дали конечно ќе ги дотерате и ќе добијат ли конечно униформи?

- Распишани се тендери за 660 униформи, преку Управата за извршување на санкции. Требаше минатата година да се распише овој тендер, односно ноември или декември лани, но малку задоцнивме поради обезбедување некои сертификати околу самите униформи, бидејќи директорот на санкции сакаше униформите да бидат со добар квалитет, како оние на МВР. Поради тоа се пролонгира и за месец два би требало и тој проблем да се реши. Последен пат затворските чувари добиле униформи пред 5 или 6 години, и тоа само по еден пар униформа. Овие униформи што ќе ги добијат ќе бидат со највисоки стандарди на квалитет.

Што да очекува јавноста од Вас до завршувањето на мандатот и се среќавате ли со осудениците онака како што ви налага Законот за извршување на санкции?

- Транспарентност, коректност, чесност, одговорност и спроведување на сите законски фактори и човечки пристап и кон осудениците, и кон вработените.
Затворот во Идризово конечно почна да личи на затвор. Со осудените лица имам континуирани средби. Разговарав и разговарам со осудениците за решавање на проблемите. Најчест проблем поради кој ме повикуваат е тоа што не се носат на суд. Можеби се работи за некоја мала казна, втора не се носи на суд, а тоа му претставува пречка за да излезе на викенд. Во овој период откако сум на оваа функција можам слободно да кажам дека за 70 отсто носењето на суд е зголемено. Решаваме и приватни проблеми, соработуваме и со центрите за социјални работи за деца да дојдат да ги посетат осудените лица. Сепак се работи за голема бројка на осудени лица и секој има по некој проблем, но гледаме да се средуваат работи, како во разговор со мене, така и во оние лица што се вклучени во процесот на ресоцијализација. Овој затвор долги години беше затворен за медиумите и сè што се случуваше беше далеку од очите на јавноста. Тоа повеќе не е така и сите медиуми што побараа дозволи за влез во затворот, добија можност да влезат внатре. Состојбата е таа, јас не сум тој што ја измислил, но сум тука за да работам нештата да тргнат кон подобро и за осудениците, и за вработените. Треба да бидеме затвор, а не чудовиште, треба да се бориме против, а не во интерес на шверцот и корупцијата. Само како таков тим ќе се движиме во вистинската насока.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе