Може ли да го излажете детекторот за лаги?

МКД.мк на полиграф: И на сериските убијци им нудиме кафе, чај, вода и храна пред да седнат на „жешкото столче“

Седите на столче во тивка просторија обоена во бело, ви го мерат притисокот, температурата на телото, пулсот, протекот на крвта, ви го следат потењето и промените во вашето тело, од кое речиси на сите страни висат кабли... Ви наликува на болничка соба, но токму кога ќе помислите дека се работи за лекување, ќе згрешите. Ако сте сторител на кривично дело, ако сте сведок што дал лажен исказ или оштетен, овде не ве лекуваат од болест, туку ве лекуваат од „грижа на совеста". Можеби веќе погодувате, се работи за полиграф.

Кај нас има само еден апарат за откривање на вистината и само еден полиграфист (иако многумина ќе го препознаат, бидејќи е еден, неговиот идентитет ќе ѝ остане познат само на нашата редакција).

Смирен, тивок, комуникативен, пријатен за разговор и со иста боја и висина на гласот од почеток до крај. Вака би можела да го опишам. Во редовите на МВР тој е полиграфист, но во овие редови ќе го наречам професор, психолог, лекар, пријател, и на оние што се виновни, и на оние што не се.

На своите плеќи носи огромен товар, односно мислењето што го дава за полиграфското тестирање на испитаникот може да е чекор со кој ќе го испрати зад решетки. Испитувањето само по себе не е доказ, треба да е поткрепено со други цврсти докази.

Иако сите што ги испрашува го гледаат неговиот лик, вели дека ниту му се заканувале, ниту имал потреба од обезбедување бидејќи пред да почне да поставува прашања тој пријателски настапува и се обидува да ја добие довербата од оние од кои треба да ја извлече вистината.

Дефиниција за тоа како да откриете лага нема, ама постојат одредени потези, кои нашиот соговорник по 29-годишното работно искуство успева совршено да ги препознае. Но и покрај искуството, вели, не е сигурен дека би можел да ја „излаже" машината наречена полиграф.

Љубопитноста да откриеме како изгледа во реалноста да се биде дел од нешто што претходно сме го виделе само на сцена од филм, како и мистеријата дали можеме да го „излажеме" детекторот нè однесе токму таму, кај детекторот на лаги.

Оваа машина успева да ве „открие" следејќи ги реакциите на телото, умот, кожата и тоа го црта на екранот на лаптоп во линии што го менуваат движењето во зависност од вашите реакции.

Но, како што објаснува и нашиот соговорник, ако не успеете да го прочитате движењето на тие линии, бадијала ви е полиграфот. Вистинската комбинација на тоа да добиете „волшебен куршум" со кој ќе ја погодите вистина и ќе ѝ дадете вистинска насока на една истрага е токму тоа, поврзаноста на полиграфот и полиграфистот.

Но клучна улога има и оној што е на листата да биде испитуван. Треба да е смирен, да не е под стрес, под дејство на лекови, алкохол, да нема висок крвен притисок...

Пред да седне на „жешкото столче", треба да потпише согласност, како и листа со лични податоци, физичка состојба, дали и колку спиел, кој го пораснал, кога последен пат јадел, дали пиел лекови...

„Читањето на интернет како да се однесувате кога ќе седнете на полиграф не ве прави професионалец во лажење. Полиграфот успева да открие и ако сте под дејство на лекови, алкохол, ако сте вознемирени... Тогаш сте неупотребливи за тестирање. Овде на сите им нудиме кафе, чај, вода, па дури и јадеме со нив ако се гладни. Сите имаат ист третман, и оние осомничени за најсвирепо убиство, и невините. Ние не сме овде за да обвиниме некого, туку за да помогнеме да се открие вистината. За тоа се потребни многу податоци, детали за случајот, смиреност, искуство и знаење", вели нашиот соговорник.

Ако успеете да ја стекнете довербата кај оној што треба да седне на полиграф, како што вели тој, може и без да седне на детекторот да ви раскаже сè.

„Ќе го прашаме и како е, и дали е жеден, гладен и на крајот ми се случувало да ми кажат, не треба полиграф, ќе ви кажам сè, бидејќи ни дома не ме третирале со ваква почит како овде. Ако ја добиете довербата, тогаш, како што јас велам, можеш да го месиш како пластелин. Тогаш сте ја завршиле работата", ни појасни.

За полиграфското тестирање наредба може да издаде МВР, Обвинителството, а не толку често наредбите стасуваат и од судовите. На таа издадена наредба треба да даде согласност оној што треба да е испитуван, а може и да се откаже дури и кога ќе седне да одговара на прашањата што ги подготвил полиграфистот. Но сепак, и откажувањето е индикатор дека можеби нешто се крие.

Нашата земја нема приватен полиграф, односно не можете, ако сте сопственик на фирма и се сомневате во вашите вработени, или пак сте сопружник што се сомнева во својот брачен другар, да побарате да седнат на полиграф за да ја дознаете вистината.

Законот тоа кај нас уште не го дозволува, а ваквите испитувања може да се направат во земјите каде што тоа е дозволено, односно Бугарија, Србија...

„Сме имале и барања за полиграф без да се отворат постапки, но тоа кај нас сè уште не е дозволено. За успех во тестирањето треба добра подготовка, односно да ве нахранат со информации за испитаникот. Доброто претполиграфско интервју, кое се прави пред испитувањето, може да трае со часови и тука е клучот. Лицето што треба да се тестира мора да го смирите, да му објасните зошто е тука, да му дефинирате сè. Ако имате, да речеме, лице од источниот дел, а е осомничен за убиство што е извршено со секира, мора да знаете дека секирата се вика балтија, или дека моторна пила е џага. Можеби и ако му кажете збор што не му е јасен, ќе се појави реакција на полиграфот, но не бидејќи лаже, туку бидејќи не ве разбира. Важно е и времето од стореното кривично дело до полиграфското тестирање, бидејќи колку е пократко толку подобро. Ако е долго растојанието, тогаш давате можност да се подготви, односно да си обезбеди алиби", појаснува полиграфистот.

Испитаниците што седнале пред неговите очи не се бројат, многу се, но едно е сигурно, дека не постои исто тестирање и идентична реакција што би се повторила. Секое испитување е приказна за себе, а најдолгото на кое се сеќава траело повеќе од 24 часа со неколку паузи. Човекот бил осомничен за убиство и други тешки кривични дела, но неговиот идентитет не се открива.

На полиграф, според она што го предвидува законот, може да ве испитуваат со претходна согласност од ваша страна, ако сте на возраст од 14 до 65, но може да се направи и отстапка доколку сте повозрасен, а сте во добра психофизичка состојба.

Највозрасниот што се тестирал на полиграф имал 72 години, бил со совршено ментално здравје и осомничен за убиство, за кое на крајот се докажало дека навистина го сторил, а тоа го покажал и полиграфот. Прашање „Дали го уби човекот?" не постои. Прашањата имаат поинаква конструкција, а полиграфистот се сеќава дека во, како што вели, еден многу заплеткан случај успеал да добие признание, па дури и оној што се тестирал да побара да го однесе на местото каде што по убиство закопал непознат човек. Со жртвата осомничениот се сретнал случајно, заедно муабетеле, пиеле, а на крај го убил.

Не може трајно да се тестираат оние лица што страдаат од тешки душевни заболувања, срцево болните, а привремено и бремените жени.

На столчето за тестирање на лаги седнале повеќе мажи отколку жени. Приоритет им се дава на тешките кривични дела, односно на осомничени за убиства, а во втор план се кражбите, разбојништвата...

Квалитетната работа значи да се тргнат емоциите на страна и да се следат законите. Како што вели полиграфистот „Нема ни по тате, ни по бате, туку докази, факти, закон".

Прашавме и кој повеќе лаже, мажите или жените, но полиграфот не препознава пол, туку говор и реакции на тело. А експерт во тоа станал и човекот што ги чита линиите.

Меѓу деталите што ни ги откри за тоа како изгледа кога некој лаже, вели дека треба да му ја следите насмевката, бришењето на челото, движењето на очите, чешањето на главата, поминувањето со прстите низ косата...

Полиграфот буди реакции кај сите, и кај невините и кај виновните, но нашиот соговорник е дециден, дека машината детектира лаги и не може да згреши, а клучот е во човекот што ги дава мислењата на она што таа го детектира.

Оние што се пообразовани полесно се откриваат на полиграф бидејќи се свесни за тоа дека за стореното може да завршат зад решетки. Оние што се помалку запознаени со полиграфот и со тежината на законите, се посмирени и потешко може да ги „провалите".

На полиграф до сега не седнал ниту еден политичар. Требало да седне Владо Таневски, човекот за кого истрагата беше затворена како самоубиство во кофа со вода, а кој беше осомничен за свирепи убиства, но не биле исполнети условите, односно неговата состојба не го дозволувала тоа.

На полиграф не седнал ниту Дино Диневски, убиецот што ѝ пресуди на Сандра Китановска, бидејќи за него имало непобитни докази. Полиграфско тестирање побара, но не доби и Игор Спасов, осомничениот за убиството на Мартин Нешковски.

На столчето за полиграф седнал Виктор Карамарков, осуден за убиства на неколку повозрасни жени. Но деталите околу тоа како го минал полиграфското тестирање не се откриваат. Полиграфот го помина и девојката на Пино Секондо, која првично не беше осомничена, а потоа истрагата покажа дека и таа е вмешана во убиството. Дали таа го излажа полиграфот нашиот соговорник, кој го правел тестирањето, не ни кажа, бидејќи тоа се тајни податоци и предметот е во истрага.

Точна бројка околу тоа колку наредби за полиграфски тестирања се издадени, колку испитаници досега минале на полиграфот, како и дали повеќе се испрашуваат осомничени за кражби или за убиства, нема. Она што е факт е дека бројката на испитаниците во минатото била многу поголема кога заедно со сегашниот полиграфист работел уште еден колега.

Тој сега е пензиониран, а како поддршка на единствениот полиграфист, МВР обучува уште двајца помлади колеги, кои ќе учат од него и ќе се обидат да го заменат кога тој ќе замине во пензија.

Неколкучасовното испрашување на мојот соговорник околу полиграфското тестирање и читањето детали од интернет пред да се сретнам со него ми се чинеа како совршена основа за тоа да седнам на полиграф и да бидам смирена.

Бев потенцијална „осомничена за тешка кражба од станот на извесен Петре Здравевски од Скопје" (податоците и настанот се измислени за потребите на репортажата и на моето испитување).

Мојот соговорник беше во улога на професор и ми подготви тест со прашања, разговараше за настанот и за моите податоци во улога на психолог, беше лекар, кој ми измери притисок пред да седнам на тестирање...

Адреналинот и срцевите отчукувања ги зголеми уште првиот чекор што го направив за да влезам во „белата соба". Нема звук, а ме убива звукот на тишината. Повеќе од јасно ми е дека не сум крадец, дека не сум украла пари, дека немам никаква вина, дека од овде не заминувам ниту во полициска станица, ниту во притвор, ниту на суд.

Знам дека ќе се вратам на моето работно место, но сепак, ништо не ми е едноставно.

Седнав на столчето и чекам. Мерачот за притисок ми покажа покачени параметри и покачени отчукувања на срцето, но сепак во граници за дозволеното за да може да се тестирам.

Уште апаратот за притисок ми го потврди она што претходно ми го кажа и полиграфистот, односно дека и невините и виновните покажуваат реакции кога седнуваат на „жешкото столче", кое мене во еден момент ми наликуваше на електричен стол.

Меѓу прашањата на кои требаше да одговорам имаше и поврзани со тешката кражба што ми ја измисли мојот соговорник, и од мојот живот и личните податоци, но и трик прашање дали во последнава година сум излажала некого.
Мојот соговорник подоцна ми објасни дека во одговорот на последното прашање бил клучот на моето тестирање, бидејќи, како што и психологијата покажува, не постои човек што барем еднаш во текот на една година не излажал, макар и за најмала ситница. И ако на тоа одговорев со „Не", тогаш лажам во истиот момент.

На столчето има перниче, и во делот каде што се потпирате со грбот, и во делот на кој седите.

На три прсти ви закачуваат кардиограф, со кој се следи срцевата активност на испитаникот преку скала на која може да се чита фреквенцијата, која се изразува бројно. Кога е приклучен на полиграфот, кардиографот ги регистрира падот и порастот на срцевиот ритам.

Следен е пневмографот, со кој се регистрираат промените во респираторниот волумен, односот на вдишување и издишување, и фреквенцијата на дишење на испитаникот, а потоа галванографот со кој се регистрираат промените во галванско-рефлексната активност на кожата - потењето. Приклучокот на овој дел се става на дланките или прстите на испитаникот,

Има тенка жица што ви мери температура, како и апарат што ви го следи протекот на крв.

Сè на мене беше наместено и поврзано како што е ред. Погледот ми е вперен кон ѕидот, а концентрацијата ја насочувам кон гласот на полиграфистот, кој на екранот ја следи секоја моја реакција.

На полиграф сум, добивам инструкции дека не смеам да мрдам и чекам прашања. Чувството дека некој може да ви ги види сите реакции е како да шетате без облека пред светот. Полиграфот буквално ве „соголува".

Тестот почна со уште побрзи отчукувања на срцето и прашање дали моето име е Катерина.

Одговарам потврдно и си велам добро е, го скршив мразот. По ова следи второ прашање поврзано со годината и местото на раѓање, образованието. И тоа го минувам и одиме понатаму.

Трепкам бавно со очите и гледам напред кон белиот ѕид. Забрането ми е секакво движење бидејќи тогаш тестирањето нема да е веродостојно.

Полиграфистот: Дали имате намера точно да одговорите на прашањата што сега ќе Ви ги поставам?

Јас: Да.

Полиграфистот: Дали сте родена во 1985 година?

Јас: Да.

Полиграфистот: Дали Вие имате каква било врска со кражбата случена во станот на Петре Здравевски случена на 8 јули, 2019 година?

Јас: Не.

Полиграфистот: Дали Вие на кој било начин учествувавте во кражбата во станот на Петре Здавевски случена на 8 јули 2019?

Јас: Не.
Полиграфистот: Дали од 2018 година па наваму сте излажале некого?

Јас: Да.

Сега ја зборувам вистината, а тоа го покажува и полиграфот. Нема промени на моето тело, во температурата, погледот, движењето на очите...

Концентрацијата ми е насочена кон тоа да не го погрешам одговорот на некое прашање, а не да ја излажам машината.

Последното прашање е дали на сите поставени прашања одговорив точно, а мојот одговор е потврден.

По ова полиграфистот ја кажува последната реченица: „Тестот заврши".
Резултатите од моето тестирање се зачувуваат, а тој полека станува од столчето лево од мене за да ме ослободи од каблите што претходно ми ги поврза.

Како што ги вадиме, на моето лице се враќа насмевката и срцевите отчукувања се стабилизираат.

Мојата прва реакција беше: „Уф, не е лесно и едноставно".

На ова мојот испитувач благо ми се насмевна и ми посочи дека поради таа „тешкотија" и адреналинот, тој нема да ја смени својата професија додека да замине во пензија.

Меѓу четирите ѕида тој слушнал милион приказни и видел многу човечки реакции, не заплакал никогаш, но вели она што го видел и чул во собата во која седевме останува закопано во „белата соба".

Ние ви го пренесовме нашето искуство јавно и немаме кривична одговорност за тоа, а овде заминуваме со две мисли, дека вистината секогаш излегува на виделина и дека прв и последен пат сме на полиграф.

Катерина Додевска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Понеделник, Јули 22, 2019 - 14:59

(Текстот е одговор на колумната „Сите нации се модерни конструкти" од д-р Љубица Спасковска објавена на МКД.мк, 1 август)

повеќе

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе