СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Малиот Агуш ја изгуби левата рака, а пет години потоа за лекарската грешка доби судска пресуда

На 14 септември 2008 година на тогаш седумгодишниот Агуш С. заради лекарска грешка во прилепската болница му беше ампутирана левата рака. На 21 јануари годинава Апелацискиот суд во Прилеп донесе пресуда во корист на Агуш за нешто што било очигледно уште првиот ден.

Семејството на малиот Агуш
 
Освен тоа што е пресудено за надомест на нематеријална штета прилепската болница на  малиот Агуш да му исплати 2,7 милиони денари, за „несовесно лекување на болни“ и за сторено кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“ ортпопедот Златомир Аризанкоски од прилепската болница „Борка Талески“ доби тримесечна условна казна затвор. 
 
Овој случај по повод Светскиот ден на здравјето 7 Април невладината организација Рома С.О.С. го обзнани и упати апел до сите здравствени работници и здравствени институции во насока на посветување поголемо внимание на здравјето и на припадниците на маргинализираните групи.
Целиот случај го почна токму оваа организација која го ангажираше адвокатот Владо Димовски од адвокатската канцеларија „Петличковски“. 
 
Повеќе од 5 години траеше потрагата по вистината за случајот со малолетниот Агуш С. Се почна на 10 септември 2008 година кога малиот Агуш играјќи си во близината на семејната куќа се здобил со скршеница на левата подлактица. Во прилепската болница му била извршена имобилизација на раката. Дежурниот лекар одлучил дека нема потреба од оперативен зафат. Раката на детето почнала да црвенее, да отекува, но никој не презел ништо. Откако гипсот бил изваден, на раката биле забележани знаци на гангрена. На 14 септември Агуш итно бил префрлен во Скопје, каде не им останало ништо друго туку ампутација на раката. Во прашање бил доведен и животот на Агуш.
 
„Овие години поминавме низ тешки проблеми. Агуш не може сам да се облекува, да ги врши основните потреби, сѐ јас му помагам. Многу ми е тешко.Зошто ми се сега мене парите? Да го родиш детето здраво право, после да го гледаш вака без рака, многу е тешко. Никој во болницата не водеше рачун за Агуш, никој. Ќе поминеа докторите, ќе го прашаа дали е арен и толку. Да провереа, да видеа подруго ќе беше. Му помодри раката. Нѐ пратија во Скопје, а не ни кажаа ништо, ни зошто нѐ праќаат таму, ништо“, ја раскажа на кратко својата приказна мајката на Агуш, Мазес. 
 
Екипата од организацијата Рома С.О.С.
 
Ромската организација за мултикултурна афирмација Рома С.О.С. веќе четврта година го имплементира проектот „Здравјето на Ромите – основно човеково право“. Во рамките на проектот, здружението документирало 4 случаи на прекршување на правата на здравствена заштита кај пациенти Роми. 
 
„Покрај случајот со малолетниот Агуш С, евидентирани се 2 случаја во Битола, каде во едниот станува збор за смрт на родилка под сомнителни околности за време на пораѓање, а другиот е смрт на новороденче два дена после неговото раѓање. Третиот случај е во Делчево, каде 63 годишна Ромка при пад дошло до скршеница на раката и траен инвалидитет поради несоодветно третирање во болницата во Кочани“, вели правникот Тање Тренкоска, која во здружението работи на документирање на случаите на прекршување на правата од здравствената заштита. 
 
Случајот со Агуш уште не е завршен. Поднесена е жалба до Апелацискиот суд против за досудениот износ на нематеријална штета и се одбива барањето за исплата на доживотна рента. Постапката за одлучување за исплата на доживотна парична рента пред Основен суд Прилеп е во тек. 
 
Преку застапување на овие случаи се создава судска пракса во однос на донесување пресуди од страна на домашните судови за определување на медицинските грешки како основа за криминализација, а несоодветниот третман на пациентите во пристапот до здравствените услуги да се разгледува од правен аспект, а не само во смисла на почитување на Хипократовата заклетва и должноста кон хуманата дејност.
 

Сите овие промашувања на Груевски имаат едно заедничко - дирекно ја загрозија државноста на Република Македонија.

повеќе

Во САД и во многу европски земји, просечните плати стагнираат, и покрај тоа што многу од економиите закрепнаа од финансиската криза од 2008 година.

повеќе

(Полемика: „Стратегија за прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во ООН“, Игор Јанев, МКД.мк, 11 ноември 2017)

повеќе