Интервју

Ѓорѓи Танушев: Мали казни, непроценливи штети од загадувањето на реките од рудниците

Најголем процент од непречистените отпадни води од индустријата и рударството завршуваат во водотеците. Сепак, рудниците, иако се значителни загадувачи, плаќаат симболични суми.

Загадувањето на водите од рудниците е обемно и долгорочно. Иако рудниците се во топ 5-те најголеми загадувачи што имаат огромно влијание врз природата, државата ги казнува со минимални суми, во услови кога нивните приходи се милионски. Се чини дека сѐ додека штетата не е видлива со голо око, или поточно додека не настане хаварија, загадувањето од рудничките операции се смета за индиректно и недоволно опасно, а фактот што има казни, но несоодветни, оди на сметката на аргументи на државата, надлежна за ова прашање.

На оваа тема разговараме со Ѓорѓи Танушев, дипломиран економист информатичар, долгогодишен гласен активист во невладината „Здрава котлина“.

Каква е состојбата со загадувањето на водните површини од рудниците во земјава? Дали ситуацијата е алармантна и каде го лоцирате основниот проблем?

- Мое мислење е дека состојбата во Македонија е алармантна и неодржлива поради сѐ поголемата свесност со загадувањето од рудниците, што досега не се отвораше како тема во општеството, делумно поради слабата информираност, но и поради интересите на рударското лоби. Досега загадувањето на водите беше поврзувано единствено во корелација со хидројаловиштата, кои се во фокусот на јавноста кога ќе настане инцидент или хаварија. Секако дека тоа е највидлива состојба, каде што директно со голо око се гледа негативниот ефект, но тоа е само половина од вистината, зашто загадување на водите има и без хидројаловишта.

Инаку состојбата со управувањето со флотациската јаловина во хидројаловиштата во земјава не е на некое завидно ниво, поради тоа што постојната законска регулатива слабо се имплементира и контролира, нема единствен унифициран законски дел што темелно ќе ја третира ова проблематика, надлежностите за мониторинг се рудиментирани, ограничени и подложни на корупција. Сите флотациски јаловишта во Македонија при нивната експлоатација имале одредени неправилности, што резултирало со хаварии од поголем или помал размер или испуштање контаминирани води. Во нашата држава досега се евидентирани три поголеми хаварии на флотациските јаловишта, кои прилично им нанесоа штети на водите, воздухот, а особено на земјиштето. Тоа се хавариите на јаловиштата од рудниците Саса, Злетово и Бучим. Во таа смисла има логика што државата сѐ уште нема закон за почви, што сепак е неразделно поврзано со водите и како такво е на општа штета на интересите на граѓаните. Но и без хаварии повторно имаме проблем со загадувањето на водите од рудниците поради тивкото и постојано загадување на површинските и подземните води преку директно и индиректно влијание од рудничките операции.

Реките во близина на рудници имаат поинаков, односно понизок квалитет. Штетите од рудниците во близина траат не со години, туку со децении потоа. Кои се Вашите сознанија за ова прашање?

-Сета загадена вода што понира до подземните води, сета рудничка прашина од карпи што содржат метални оксиди, кога ќе се разнесе со ветерот, ќе ги загади почвите и потоа со дождовите ќе формира киселина, која ќе се пренесе во речните корита и малку по малку ќе ја менува Пх-средината, но и нивото на концентрација на тешки метали. Во голем број научни студии и дел од студиите за оцена на влијанието врз животната средина, докажани се промените на водите пред и по отворањето рудници во околината, но што е најстрашно, последиците од тие загадувања не завршуваат со животниот век на рудникот, туку продолжуваат понатаму стотици години по затворањето на рудниците. Од сето наведено произлегува дека државата слабо го има регулирано ова и дури она што е некако законски регулирано, слабо се спроведува.

Според мене, основниот проблем и воедно коренот на проблемите поврзани со загадувањето е токму постоењето на корупцијата во високите кругови на општеството, што понатаму се прелева на сите слоеви. Ако не беше така, досега ќе имаше и кривично гонење со затворски казни, а не само плаќање на смешни прекршочни мали фиксни глоби за загадувачите што колективно сите нѐ трујат.

Факт е дека досега не е изречена затворска казна, туку само прекршочни казни за рудниците што загадуваат. И околу сумите што ги плаќаат како казна постојат спогодбени решенија, па така на крајот загадувачите завршуваат со минимални казни. Во однос на казните и санкциите, каков е Вашиот став, дали се соодветни за рудниците споредбено со штетата што се предизвикува за животната средина?

- Во земјава казните и санкциите се сосема несоодветни за рудниците споредбено со штетата што се предизвикува за животната средина. Ако се тргне од фактот што сите казни се прекршочни и највисоката казна по секоја основа предвидена со закон е 150.000 евра, а уште повеќе фактот што законски можат да се спогодуваат за казните, тогаш произлегува дека сосема е дискутабилно дали тоа воопшто има смисла целата концепција за компании што вртат десетици и стотици милиони евра.

Еве за пример пред 9 месеци концесионерот на рудникот Саса беше спогодбено казнет со вкупно 65.000 евра поради истекување јаловина во Каменичка Река. Во исто време, концесионерот на рудникот Саса во 2020 имаше бруто-приходи од 82,7 милиони долари (2019 – 99,1 мил. долари), добивка пред оданочување од 42,3 милиони долари (2019 – 59,6 мил. долари), па вкупен надоместок (2% на ископани руди) за концесијата 2,5 милиони долари (2019 – 2,6 мил. долари). И сега ако ги видиме овие цифри, ќе ни стане јасно дека во македонскиот систем во едно екстремно бизарно, но сепак законски можно сценарио, Саса може секој ден во годината да плаќа казни од по 65.000 евра и пак да оствари профит од 18,5 милиони долари.

Се гледа дека загадувањето може да биде исплатливо и сѐ што треба е само да се спогодува повторно во рамките на законот, што од друга страна отвора можности за корупција посебно во локални рамки, зашто целиот регион каде што има рудник е доведен во состојба на симбиотска конфлуентна врска, каде што локалната економија веќе не може да функционира без работата на рудникот. Дури и по цена индиректно да се трујат, полека, но сигурно.

Колку рудниците имаат технички исправни постројки за прочитување на отпадните води?

-Исправноста на техничките постројки е еден вид мистерија, зашто секогаш сѐ е исправно освен кога ќе се случи хаварија што не може да се скрие и забошоти. Да не заборавиме дека и да има нешто неисправно, големи се шансите тоа да биде свесно превидено со цел да не се предизвика застој во работата и губење профит. Посебна приказна се надлежностите за техничка инспекција, која редовно не наоѓа проблеми дури и кога има проблеми. Еве денес сѐ уште никој не знае како тоа настануваат хаварии во системи што претходно редовно се проверувани и прогласени за безбедни, за потоа да излезе проблем и повторно никој да не одговара. Уште повеќе што има пример на скандалозен фалсификуван записник изработен од инспектори на релевантни институции (Државен технички инспекторат), кои потоа се забошотуваат и повторно никој не одговара за сторен фалсификат (случајот со Казандол). Еден дел од проблемот е тоа што под техничка инспекција ѝ се дава монопол на само една државна институција, иако проблемите се мултидисциплинарни и институциите се подложни на корупција поради огромните интереси на компаниите што ги оперираат рудничките инсталации. Зошто во таква техничка инспекција да нема и инспектори за животна средина, градежни инспектори, истакнати еколошки невладини организации?

Депониите на рудничка и металуршка јаловина и денес придонесуваат за внесување тешки метали во околните реки. Колкава е можноста тешките метали што се испуштаат во близина на изворите, во реките и езерата, да стигнат до водата за пиење?

- Ова е прилично широка тема, зашто водите во поголемите реки во Македонија се претежно од четврта и петта категорија, додека пак водите во близина на рудниците се неспоредливо позагадени и влијаат на оние сливни подрачја каде што се лоцирани активни и неактивни рудници. Ретко кој од професорите на рударски факултет ќе сака отворено да зборува, од очигледни причини, но останува факт дека најзагадените води во земјава се оние во близина на рудниците. Генерално загадувањата на водите од рудниците можеме да ги поделиме на две групи, зависно од начинот на кој загадувањето патува до површинските и подземните води.

Првата група се загадувања што се случуваат при хаварии на руднички брани со јаловина, при што имаме испуст на токсична флотациска јаловина во природните водени површини и понатаму загадување по целото течение на водената површина зависно од испуштеното количество и концентрација на јаловината. Времето на испуст на загадувањето е краткорочен, видлив и во ретки одредени околности може да се запре или управува.

Втората група се загадувања што се случуваат во нормални околности со постојана емисија на загадување од руднички суровини или отпадна јаловина, при што имаме делумно или целосно неконтролиран испуст или генерирање флотациска јаловина, што понатаму директно или индиректно ги загадува водените површини. Времето на испуст на загадувањето е долгорочен, невидлив и најчесто ова или е тешко или не може долгорочно да се запре или управува. Ова обично се случува во близина на лошо проектирани и менаџирани хидројаловишта или пак во постоечки отворени или подземни ископи што имаат различни оксидирани карпи, што во допир со атмосферски кислород и влага почнуваат природно и постојано да генерираат загадувачки исцедок, кој со понирање понатаму ги загадува подземните води, а преку нив и сите околни води. Цела оваа област не е законски покриена и општо е табу тема во рударството во Македонија.

Но најчесто водите загадени од руднички операции се комплекси што имаат екстремни вредности на средина и истовремено содржат растворени тешки метали. Ваквата состојба не е обично загадување и многу ретко може да се третира со пасивни третмани, туку нужно е користење активни третмани, кои се скапи за инсталирање и одржување, особено на долг рок (стотици години), колку што обично траат овој тип загадувања. Свесноста за ова загадување во Македонија е скоро непостоечка зашто никој не сака да се фати да го решава овој проблем како што се решава во западните земји, посебно затоа што ова директно влијае врз профитабилноста на рударските компании и тие бараат земји што имаат слаба регулатива како нашата.

Во споредба со земјите од регионот, дали имате сознанија дали таму се практикуваат некои иновативни методи за превенција и санација на загадувањето од рудниците што би биле применливи и кај нас?

Македонија има доста работа во делот на усвојување добри практики со цел вистинска еколошка заштита за граѓаните и животната средина. Од регионот нема некоја добра практика за пример, но има во Европската Унија и САД.

Јас мислам дека на почеток најважно е носење вистински реформи во законскиот дел, за да може потоа на законски основи да се постапува во имплементација на најдобрите технолошко-индустриски практики и иновативни методи за заштита. Добар пример е сегашната регулатива на ЕУ, каде што со системска легислатива е направена мрежа што ги филтрира негативните примери пред да бидат штетни по околината и граѓаните. Но не само регулативата, туку и имплементацијата, спроведувањето, мониторингот и транспарентноста на регулаторните органи, кои имаат пресудно значење за редукција на корупцијата.

Затворски казни се предвидени за криминал поврзан со екологија и тој тренд во казнената практика е посебно често применет во судовите согласно со националните законодавства на земјите членки на ЕУ. Моментално еколошкиот криминал во Македонија дебело се исплаќа. Во ЕУ има финансиска гаранција што покрива секаков непредвиден настан, кој специфично се проценува по усвоена методологија за санација и ремедијација. Понатаму регулацијата за индустриски емисии е значаен чекор кон спречување на загадување што детално е дефинирано на се она што од индустријата се емитира во околината без исклучоци. Транспарентноста е значаен дел од решението и таму не може ни да се помисли еколошка студија да биде цензурирана од целосно објавување на барање на инвеститорите, како што е случајот со еколошката студија за Иловица од 2012 или пак платените лажни вести за документирано докажани лаги во медиумите како ПР-текстови и реклами. Доколку ова се промени, тогаш и самата индустрија ќе се реформира во позитивна смисла зашто ќе се гарантира безбедност наместо празни ветувања. Не е случајно што денес во ЕУ има рудници, но тие се многу строго регулирани и затоа не секоја компанија се нафаќа да оперира во таква околина.

Од друга страна, огромен процент од рударските компании ја избегнуваат ЕУ баш поради регулацијата која е многу заострена по големите еколошки хаварии што се случија пред да бидат имплементирани сегашните закони. Заслугата за тоа ја имаат свесните граѓани насекаде во светот, па и кај нас, кои поучени од негативните светски настани и познатите локални коруптивни практики нема да дозволат некој да си игра рулет со нивното здравје и имоти заради лукративни профити на грст корпорации. Здравјето е пред профитот секогаш!

Х.Н. 

Со оваа сторија, МКД.мк се приклучува кон кампањата „Разбистри се'", што ја спроведува Инситутот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе