ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ

Луѓе-монструми прават кучиња-монструми (1)

Борби со кучиња се одржуваат секој месец, низ цела Македонија. Голем бизнис, за кој сите знаат, и надлежни и ненадлежни, и борци за заштита на животните и државни агенции чија работа е тоа да го спречат, и полицајци и ветеринари - и никому ништо. Борби со кучиња и натаму се одржуваат секој месец, низ цела Македонија.

Двете кучиња ги внесуваат во рингот. До нив се нивните сопственици и еден судија за мечот. Од околу група на одбрани луѓе, гледачи и обложувачи во чии очи се гледа некое чудно задоволство за крвопролевање. Следува борба за живот или смрт. Кучињата се борат и буквално се распарчуваат едно со друго, а не ни пуштаат крик додека се касаат. Бесната публика ракоплеска и бодри. Кучињата се распарчуваат и сликата по борбата е неописливо страшна. Крв има на сите страни. Сега толпата го доби она по коешто дојде. Борачите на кучињата се ракуваат, публиката си разменува пари за меѓусебните обложувања, а долу на земја лежи крваво куче со расцепени усни, огромни и длабоки рани додека гордиот сопственик и „тренер“ ладнокрвно ги брои парите.

 Вака изгледа само една од илегалните борби на кучиња кои се одржуваат неколку пати месечно на целата територија на Македонија. Овие борби се одржуваат на различни локации и секогаш оддалечени од градовите, во импровизирани рингови на ниви или дворови од викендички. На нив присуствуваат одреден одбран круг на луѓе за кои борачите на кучиња одобриле да присуствуваат, а заради безбедност, локацијата се дознава ден или два пред борбата.

Успеав да присуствувам затоа што мој школски другар, добро познат во бизнисот со борби, гарантираше за мене. „Девојче е, нема да снима и нема да објави имиња“, рече и ми дозволија да гледам. Искуството беше фрапантно.

По петнаесет минути возење, на самиот излез од Битола, на приватен имот со голем двор заграден со боцкава жица и мала куќичка, во најмизерни услови живееја околу 20 питбули. Во дворот имаше посебно изграден вдлабнат ринг за борба, па дури и столчиња за гледачите. Недалеку од рингот се наоѓаа питбулите. Дел од нив затворени во премали дрвени импровизирани боксови, а дел оставени да живеат надвор и само врзани за кратки синџири на дрво.

Организирана борба на кучиња во ринг

Тука кучињата ги одгледуваме за борби. Ги тренираме уште од мали, ги селектираме најдобрите, а потоа се случува цел циклус на школување и во принцип е исто како во сите борбени вештини, бокс или кикбокс. Кој е надарен, тој преживува и оди понатаму“, ми објаснуваше Д.К. од Скопје, сопственик на четири питбула кои редовно ги носи по борби.

Кучињата, кои се одгледуваат за борби, најчесто живеат во лоши услови. Сопствениците ги прегладнуваат, ги тепаат, обидувајќи се да ги направат кучињата што поагресивни.

Според нив, злоставувањето прави кучињата полесно да се навикнат да поднесуваат болка и страдање за да можат подолго да издржат во рингот.

Целта ги оправдува средствата – тренинг на кучињата

Присутните ми раскажуваа како тренингот на кучињата е многу сложен и се споредува со тренинг на професионални спортисти. Ги тренираат на сила, кондиција и им ја развиваат агресивноста.

Се обидуваме кучињата да ги направиме крволочни, ги дресираме да се борат од мали, да не се откажуваат, без разлика на раните и да сакаат да го убијат својот противник. Има и кучиња кои се во рингот само зашто газдата сака да бидат, а не се за во ринг, тие се родени губитници, немаат животна цел и не ги бива“, вели Т.К од Битола.

Оваа пролет присуствував на борба на која кучињата се бореа до смрт, едно од кучињата го напаѓaше противникот, иако беше останато без една предна нога. На крај го уби и ја доби борбата, а потоа сопственикот го уби него. Кучето немаше нога и многу крвавеше, така беше најдобро. За моја среќа, тоа беше и кучето на кое и се опкладив. Имав добра возбуда и заработувачка од 1.600 евра“, кажува Марко К., близок пријател на сопствениците и добро познат обложувач во борбите на кучиња.

Кучињата ги тренираат како „професионални боксери“

Борачите на кучиња објаснуваат дека тренингот и дресурата на едно куче за да стане борач почнува уште од најрана возраст, уште кога кучето е бебе на 4 до 5 месеци. Играчки на кучето бебе најчесто се одрана кожа од друго животно за да се навикне да гризе, а кога кучето малку ќе порасне, го пуштаат да се бори со други животни послаби од него за да се развие инстинктот на убивање. Исто како боксерите, објаснуваат одгледувачите, кучињата најактивно се тренираат пред борба. Секојдневен тренинг 3 до 4 месеци, со пешачење, трчање на лента, висење на дрво, влечење со кола.

Кучињата ги дрогираат со спид и екстази и ги билдаат со стероиди

„Припремата за едно куче за борба со специјалната храна и употреба на стимулативни средства чини од 1.500 до 2.000 евра. Во подготовките на кучето се оди со филозофијата „целта ги оправдува средствата“. Значи, за да се постигне целта, т.е. победата во борбата, не се штеди ни на парите ниту на кучето“, раскажува Д.Ј. од Скопје, борач и одгледувач на кучиња за борби.

„Тренингот во принцип зависи од тоа по колку пари се обложуваме. Тренингот чини од 1.000 евра, па нагоре. Се користат и стероиди и суплементи, најдобра храна, гранули, ориз, сѐ што може на кучето да му даде подобар перформанс. Им се даваат и суплементи кои луѓето ги користат во бодибилдингот, како БЦ, глутамин, елкарнитин, амино киселини, креатин, сѐ што користат професионалните бодибилдери“.

Михајло Ристов, професорот по Анатомија на животни на Ветеринарниот факултет во Битола вели дека сопствениците им даваат на своите кучиња ветеринарни стероиди кои се употребуваат за добивање на прираст во тежина кај крупните животни и стероиди кои им се даваат на тркачките коњи на трките. Неретко се даваат и човечки стероиди, по од нив кучето има загарантирани проблеми со црниот дроб и срцето. Има и стероиди за кучиња, но се многу скапи и не се наоѓаат кај нас.

Сум учествувал на борба на два питбула на амфетамин, борбата траеше скоро 3 саати, ако се на екстази или на спид, борбата дефинитивно трае подолго и е покрволочна за гледање. Дрогата ја ситниме и им ја даваме на кучињата пред борба во парче месо, но фер е двата сопственика претходно да се договорени за ваков вид борба“, вели Д.Ј.

Психотерапевтот Деспина Ристевска објаснува дека кучињата не се раѓаат такви, туку сопствениците низ нив ги проектираат сопствените настрани мотиви и производот е крволочно животно насочено единствено кон борба. Дискутабилно е и самото одгледување, бидејќи за да се создаде куче кое крволочно ќе се бори до смрт, тоа е растено со малтретирање, тепање, вежбање на издржливост без воопшто питомост.

Што вели законот и кои закони ги регулираат борбите?

Закони има, но не се спроведуваат. Измачувањето на животни е кривично дело, член 233 од Кривичен закон. Во Македонија се казнува парично и со шестмесечна затворска казна. А кога се организираат борби со кучиња, се нарушува и јавниот ред и мир од Законот за прекршоци на РМ.

Борбите се забранети според Законот за заштита и благосостојба на животните (Сл.весник на РМ 113/07) и во него се предвидени прекршочни санкции за организаторите и учесниците. Доколку во тие борби кучињата се измачуваат или убиваат, тоа веќе влегува во доменот на Кривичниот закон на Македонија и претставуваат кривично дело за кое следува затворска казна од шест месеци, што според мене е премала казна“, вели Наталија Миленкова, адвокатка на здружението „Анима Мунди“.

Портпаролот на Основниот суд Скопје 1, Дејан Ристевски, на барањето на информации од јавен карактер кое го испративме, ни одговори дека во последните три години во Македонија судска завршница имаат три случаи по член 233 за измачување на животни, но ниту едно од нив не се однесува на борби со кучиња.

МВР во периодот од 2010 до 2015 година поднело една кривична пријава за „мачење на животни“ по член 233 од Кривичниот закон која се однесува на илегално организирани борби со кучиња и тоа во 2013 година во Охрид против сопственик на куче кој дозволил да учествува во борба со кучиња, нѐ извести Дејана Неделковиќ од МВР.

Во февруари годинава во селото Челопек во Тетово, полицијата затекнала борба со кучиња, откако некој телефонски им пријавил.

Двајцата сопственици и организатори на борбата ќе се соочат со соодветни поднесоци за глоба согласно Законот за прекршоци на јавниот ред и мир што изнесува од петстотини до илјада евра. Во овој случај двете лица нема да одговараат кривично за измачување на животни“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според Законот за заштита на животните, Агенција за храна и ветеринарство треба да има активна комисија која по пријавите од здруженијата за заштита на животни или граѓаните, ќе оди и работи на терен. Во тричлената комисија треба да има и претставник на здружение на заштита на животните. Но, оваа комисија сѐ уште не е оформена. Од АХВ ни кажаа дека Законот за заштита е прилично нов и голем број од работите не се имплементирани во реалноста и голем дел од законите сѐ уште остануваат само пишани, а не се спроведуваат.

И покрај двомесечното обидување за каква било информација или интервју, во Агенцијата за храна и ветеринарство не беа заинтересирани за споделување на податоци за оваа проблематика. Пријавите ги прават или граѓани или здруженија за заштита на животни.

 Здруженијата пак тврдат дека АХВ мора да даде одговор на поднесените претставки и пријави кои ги праќаат до нив, но дека АХВ досега не одговара на ниту една поврзана со борби на кучиња.

Одговараат само на некои претставки кои се однесуваат општо за нарушување на благосостојба на животно (ништо поврзано со борби), најчесто каде има парична казна за плаќање и тоа придонесува само за пополнување на буџетот. На пријавите за борби со кучиња досега не одговориле, најчесто викаат дека одговори пратиле, но не стигнале до нас, поштарот ги изгубил, пратиле мејл, но го нема“, велат од здруженијата за заштита на животни.

Марија Хаџи Стојанова

(Продолжува)

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе