Родова еднаквост

Локалниот менталитет „им тежи“ на жените жртви на психолошко насилство

Ова е едноставна приказна за една жена од мал град што живее навидум обичен живот, но токму тоа просечно секојдневие погледнато од еден друг агол е судбина на голем број жени на кои местото на раѓање и живеење им пресудило, а системот дополнително придонел за „насилство“ што треба да го трпат, и тоа не поинаку, туку достоинствено! 

 Б.Ј. е 36-годишна сопруга и мајка на три деца. Работи како продавачка во локален маркет. Во брак е една деценија. За себе вели дека е среќна затоа што има семејство и е горда што нејзините деца растат и се развиваат здраво и нормално. Додека разговаравме за секојдневните обврски што ги носи мајчинството, на лицето на оваа жена повеќе од видлив беше уморот, темните подочници и првите брчки, кои за неа се последни на листата на приоритетите. Зборувавме за секојдневието. Темата за помош и поддршка од сопругот самата се нематна. Б.Ј. не крие дека нема помош околу хранењето, бањањето, носењето на децата во забавиште и на училиште, а на шега вели дека нејзиниот сопруг ниту еднаш во овие десет години брак не ѝ приготвил ручек, или барем салата, нејзе или на децата.

Платата што ја заработува ја остава на маса, за сопругот да менаџира со неа. За себе остава 250 денари, од кои во месецот купува влошки и, како што вели, „фарба за коса“, додека редовно ги слуша забелешките од сопругот дека „е дебела“, потоа „како да облекла вреќи на себе“, но тука се и компарациите на сопругата со некое животно од женски род.

Збор по збор, дискусија по дискусија, оваа жена ни се „отвори“ за својот живот. Не е тешко да се процени дека е жртва на психолошко насилство од сопругот, кој е еден од многутемина слични на него со тврдокорен став дека обврските околу домот и децата се должност на жената, став што секојдневно во практиката се демонстрира преку зборовите „Не ти се чисти/воспитани/нахранети децата“, „Зошто се женев кога спомнуваш машина за перење алишта и садови“, а додека некое од децата ќе се пожали дека го боли стомаче, следува „Мајка ви ве држи на сува храна“...

Оваа жена не се жали од сопругот директно. Вели, кому му се потребни моите проблеми кога сите имаат свои. Подобро платена работа не може да најде за евентуално да почне живот сама. Не е првата што вели дека не сака старите и изнемоштени родители да ги доразболува со своите жалби од сопругот и обврските, а и еднаш одамна ѝ рекле дека сама си го бирала сопругот, сама сега треба да ги сноси последиците. Нејзината сестра веќе има семејство со слични проблеми.

И, се разбира, тука е она познато за ова поднебје „Што ќе речат другите?“. Што ќе помислат кога би тргнала на психолог, во брачно советувалиште, на рочиште за развод, под кирија...

Ставот на оваа жена, за жал, го делат уште многу други жени од малите градови и рурални средини, кои на својот грб го носат и товарот на локалниот менталитет.

Сумирано, нивната животна филозофија се базира на тоа дека добро е што имаат семејство, што имаат деца, за кои живеат, што работат и дома, но носат и плата дома. Доцна е по десет или повеќе години да менуваат нешто во бракот, затоа што може само да испровоцираат нови проблеми. Размислиле и, како што велат повеќето, пресметале дека поедноставно и полесно е да потрпат отколку да го разгневуваат мажот, татко на нивните деца, затоа што ако се побунат ќе се крене цела фамилија, но и градот ќе зборува.

Физичкото насилство кога станува збор за неправдите од родов карактер е видливо и како по правило има тек на разврска. Психолошкото, иако е поприсутно, останува занемарено, премолчено, истрпено, маскирано со „хелекси и дијазепами“, честопати пресликано во дисфункционални семејства во кои растат генерации наши сограѓани.

И стручните лица го потенцираат овој факт. Стефани Ѓеоргиевска, психолог од Крива Паланка, вели дека, иако не е толку видливо за другите луѓе, психолошкото насилство кај жртвата може да остави трајни негативни последици (трауми во вид на постојано чувство на страв, срам, немир, несигурност, пониско себепочитување, суицидални мисли, анксиозност, депресија и др.).

„Жртвата тешко го препознава психичкото насилство, но и ако го препознае, не сака да го признае, или пак ја намалува неговата значајност. Во заднината на ова најчесто се крие стравот дека ќе бидат оставени од партнерот, неподготвеност да останат сами“, вели Ѓеоргиевска.

На психолошкото насилство не се имуни ниту оние од повисоките социјални, економски или образовни статуси. Тоа го потврдуваат и од надлежниот Центар за социјални работи.

„Според мене, жртвите не се само лица со низок социјален, економски или образовен статус, тука може да биде кој било, без разлика дали е вработен, каде работи и каков е неговиот социјален статус. На пример, жртвата може да биде на некоја висока позиција, но да го трпи насилството бидејќи кај неа се јавува чувство на страв, срам и немоќ, па од тие причини го премолчува, односно не си дозволува да прифати дека и нејзе може тоа да ѝ се случи. Сепак, за мене е значајно подигнувањето на свесноста кај жртвата без разлика од каква социјална и материјална позиција доаѓа и давањето системска поддршка за да почне да работи на зајакнување на нејзините ментални капацитети сѐ со цел препознавање што е добро, а што не, што е здрава релација, а што е токсично“, појаснува психолог Ѓеоргиевска.

Кога станува збор за стручната психолошка поддршка, конкретно во Крива Паланка неа жртвите може да ја добијат единствено во Центарот за социјална работа. Болницата нема обврска да има вработен психолог, а во градот услуги не нуди ниту еден приватен психолог. Изминатава пандемиска година психолошки услуги нудеше локалниот Црвен крст, но според истражувањата што ги реализиравме, многу малку кривопаланчанки биле запознаени со оваа опција.

„Немаме доволно вработено стручен кадар, а потребата е голема. Јас сум некој што со големо задоволство прифаќа да се разговара отворено за овие теми бидејќи сметам дека тоа е добар почеток кон некакво освестување за проблемот и прифаќање дека постои. Секако, на оваа тема треба сите да работиме како општество и да им даваме охрабрување и поддршка на оние што се обесхрабрени, а навистина сакаат да излезат од некој токсичен однос. Во таа смисла јас како психолог и психотерапевт под супервизија работам со клиенти на најразлични теми и ги охрабрувам нашите сограѓани да побараат помош и поддршка бидејќи на тој начин и можат нешто да променат кај себе“, вели психологот Ѓеоргиевска.

Од Центарот за социјални работи и самите велат дека немаат доволно капацитет и ресурси да се справуваат со родово базираното насилство.

„Како институција немаме доволно капацитет и ресурси. Во однос на превенцијата, ги делиме промотивните материјали што ќе ни ги прати Министерството за труд и социјална политика“, ни одговорија кратко од кривопаланечкиот центар за социјални работи, од каде што велат дека бројките на пријавите за ваков вид насилство отприлика секоја година се исти, некоја помалку – некоја повеќе.

Дополнителен проблем е што во градот нема центар за згрижување жени и деца жртви на насилство.

„Кога жртвата нема каде да се засолни, се контактира со најблискиот шелтер. Тоа претставува проблем бидејќи се среќаваме со немање слободни места во шелтер-центрите. Од друга страна, понекогаш самите жртви не сакаат да бидат сместени таму и се сместуваат кај блиски сродници“, велат од Центарот за социјални работи-Крива Паланка.

Дополнителна пречка претставува локалната матрица според која посетата на психолог сѐ уште е табу-тема, особено кога станува збор за превентивно стопирање на родово базираното насилство.

Ѓеоргиевска смета дека прашањето за свесноста за менталното здравје и грижата за себе сѐ повеќе се актуализира и поголем број жени и девојки се информираат за неговото значење, за што во голем дел придонесува достапноста на информациите преку социјалните мрежи, но сепак во помалите градови сѐ уште постојат предрасуди.

„Сепак, не е едноставно и во помалите градови најчесто проблемот не е во свесноста за бенефитот од посетата на психолог, туку стигмата и стравот – „што ако бидам видена“, што ќе кажат другите, „можеби ќе си помислат дека имам некаков проблем или дека нешто не е во ред со мене’“. Всушност се плашиме дека ќе ни се наруши сликата што ја имаме пред нашата околина, перцепцијата дека немаме проблеми и дека живееме според сите општествени правила и норми за среќен живот. Сметам дека треба најпрвин да работиме на таа свесност дека сите сме луѓе што се соочуваме со различни предизвици и проблеми, како и дека имаме право и да направиме некоја грешка, дека не е срамно доколку згрешиме, но што е уште позначајно за мене - да побараме помош. Во малите места постојат поголеми предрасуди бидејќи повеќето луѓе меѓу себе се познаваат, па си даваат право да зборуваат за другиот и тогаш кога не се доволно инволвирани во тоа што реално се случува. Претпоставувам дека и поради тоа за насилството се молчи од страна на жртвата, бидејќи се јавува чувство на срам и таа се плаши дека ќе биде осудена, етикетирана, односно дека нема кој да ја разбере“, појаснува Ѓеоргиевска.

Од Центарот за социјални работи тврдат дека жртвите прифаќаат психолошка поддршка.

„Девојките и жените од нашиот град се свесни дека се жртви и пријавуваат во ПС Крива Паланка и во Центарот, но се случуваат и злоупотреби така што пријавуваат, но со понатамошен разговор може да се процени и да дојде до поинаква констатација“, велат оттаму.

Приказната на оваа жена е само една од многуте што не секогаш се прераскажуваат, се дебатираат и се анализираат јавно. Во оваа рамка се пронаоѓаат голем број жени што поради стереотипите, недовербата во системот, економската неповолност во малите места, трпат молчејќи.

За да градиме општество во кое ќе има минимум или воопшто нема да има родова дискриминација, оваа приказна не треба да биде само прочитана, туку треба да биде катализатор за промени тргнувајќи од секој еден поединец што е дел од средината, а со тоа и од менталитетот и од јавниот дискурс за полека, но сигурно да ги надминуваме видливите и невидливите пречки на патот кон родовата еднаквост. Затоа што сите ние, девојки и жени, од помалите градови и рурални средини, сите сме, повеќе или помалку, Б.Ј.

Х.Н.

Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма „Имплементирање на норми, менување на ставови“, финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе