Интервју со директорот на Истражниот затвор

Котевски: Никој нема да го ликвидира Груевски ако дојде во затворот во Шутка, апсолутно му гарантираме дека ќе биде безбеден

Една година на функцијата директор на Истражниот затвор во Шутка е Ѓоко Котевски. На местото е дојден од Управата за водење на матични книги при Министерството за правда. Од април минатата година раководи со затворот во Шутка, а неговата функција беше проследена со неколку скандали, по кои поднесе оставка, која е во мирување до претседателските избори. 

Со директорот Котевски зборувавме за тоа што се крие зад ѕидовите на затворот стар преку 50 години, за инцидентите со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, за најавите од Никола Груевски за негова ликвидација и за тоа што му недостига на овој затвор.

Истражниот затвор во „Шутка“ е објект што долги години беше затворен за медиумите и за јавноста. Што е она што Вие го направивте или не сте го направиле, а јавноста не го знае?

Петнаесет години во Истражниот затвор во Шутка не е закована ниту една шајка, а уште помалку да се работи на реконструкција на објектот. Овде по долги години се прави реконструкција на тоалет во полуотвореното одделение. На функцијата директор сум една година и најлесно е да се каже за тој период што не е направено, но најтешко е да се одговори што е направено во последните 12 години. Во 2009 година Михајло Маневски и Гордана Јанкулоска пуштаа во употреба нови затворски крила, кои денес, поради неквалитетни материјали, се во катастрофална состојба.

За да одржуваш хигиена не е потребно многу, но тоа треба да биде објект што е во некоја кондиција, а не во вакви услови. Ева вака попластично да објаснам, исто како да поправаш стар автомобил. Што можеш да му направиш? Објектот е од 1968 година. Надворешниот периметар на затворот има ограда од 80 сантиметри и многу лесно може да се прескокне.

По инцидентите со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски премиерот Зоран Заев побара оставка од Вас. Има ли пропусти и каде навистина лежи вината за овие инциденти?

Освен моралниот чин на оставката побарана од премиерот Зоран Заев, јас не гледам вина во себе. Еве, може да се случи инцидент додека јас овде зборувам со вас. Има во смена доволен број затворски чувари.

Конкретно за настанот со М.Ј и С.Р. пропусти има од првиот до последниот. Вистинската вина ја има во двата извештаи, едниот на затвор Скопје, а другиот на Управата за извршување на санкции. Детектирани се пропусти во постапките за работа. Постојат правила за работа по кои лицата не постапувале. Вработените со години правеле грешки и тие им преминале во пракса. Затаи претресот на лицата, отворани се повеќе врати во исто време, нарушена е безбедноста на институцијата.

Внатре кога се случил настанот брзо се реагирало. Помеѓу првиот и вториот настан дел од раководството на затворската полиција по вертикала не презел одредени чекори за да се превенира случувањето на втор настан. Требало да се затворат сите шеталишта, да се повлечат сите групи во соба, да се свика итен состанок во дежурната канцеларија.

Ве известија по првиот инцидент?

Телефонски бев известен и кога прашав што е преземено, ми одговорија дека имало само усно известување лицето да се однесе на лекар и да се земат изјави. Се случи и втор настан и одговорниот е тој што дента не превенирал да се случи вториот немил настан. Тој е суспендиран и отворени се 11 постапки и ќе се поведе и уште една постапка. Вториот Извештај на Управата за извршување на санкции детектираше работи што посочуваат на друга одговорност и таа дополнително се разгледува.

Чувствувате ли одговорност за инцидентот и дали самиот ќе поднесевте оставка ако тоа од Вас не го побараше премиерот Заев?

Не можам да одговорам на тоа прашање. Од тогаш до денес чувствата ми се измешани и многу работи ги гледам од различна перцепција. Чувствувам одговорност од аспект дека не сум се борел доволно да ја наметнам потребата институцијата да биде видлива во очите на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, иако сите чинители кажуваат дека постојат сериозни проблеми во делот на кадарот.

Можеби не сум се борел доволно во делот на правдата да им се наметнам на Владата на Република Северна Македонија, на Управата. Искрено, сега работите ги гледам од друг агол и сфаќам дека со ставањето на работите под тепих ништо не се решава. Можеби и една од работите нотирана како пропуст е намалената комуникација во вертикалата. Но нам непобитен факт ни е дека М.Ј. три недели беше тука и шеташе со истите тие лица од групата. Од каде да знаеме дека не се договориле меѓу себе за да се случи инцидент, за да го оправдаат тоа дека Груевски ќе биде небезбеден овде и дека затоа побегнал? И лицата што ги гледаа снимките потврдија дека тоа е нешто што е монтирано, инсценирано и плански направено.

Го осудувам инцидентот и можам да дополнам дека, според мене, сето тоа беше направено за да му се остави отворена врата на Груевски за да нема екстрадиција. Но што ќе правиме сега кога допрва ќе треба да одговара за настаните од 27 април?

Никола Груевски се пожали дека за него имало план да биде ликвидиран кога ќе биде во затвор. Еве да речеме, ако издржуваше затворска казна во ќелија во Шутка, бидејќи засега има само една пресуда што според законот му наложува престој овде, ќе беше ли безбеден?

Да, апсолутно ќе беше безбеден Никола Груевски, бегалецот од правдата. Ако дојде и ако овде треба да одлежува затворска казна, гарантираме дека нема да има негова ликвидација. И од кого би бил ликвидиран? Еве овде беше и Ангеле Зафировски, познат како Бате Геле, кој издржуваше затворска казна, и ништо не му се случи.

Има ли Истражниот затвор во Шутка кадар да одговори на потребите на лицата во притвор и затвор?

По 6 години, оваа година се примени првите 150 вработени во затворскиот систем. Во тие години, луѓето по природен пат заминуваат во пензија, даваат отказ или слично. За 14 месеци додека јас сум директор има повеќе од 10 лица што излегле од работните места, а сме примиле само 15 лица од затворската полиција.

Има технологија на блокатори инсталирани во 2006, а кои во 2009 дел се надвор од функција. Во најсофистицираните затвори единствен предизвик се мобилните телефони и дрогата, а ние овде зборуваме за застарена технологија на камери, видеонадзор и снимачи на податоци. Реалноста е дека нема пари за да се надогради тој систем оти технологијата оди напред. Институцијата ја затекнав со сериозен долг и запуштени витални позиции, односно недоволно обучен кадар, голем дел од вработени кои ќе треба да заминат во пензија за краток период... Европските затворски правила препорачуваат на двајца притворени, осудени лица, еден затворски чувар. Имаме вкупно околу 400 притворени и осудени лица, а работиме со само 110 затворски полицајци, што е доста мала бројка.

Што е со возниот парк и буџетот за потребите на Истражниот затвор во Шутка?

Работиме со возила што се стари повеќе од 15 години, а функционални се само 6 возила. И да знаете дека Истражниот затвор во Скопје нема вратено притвор и спровод. Сите возила се од Управата за одземен имот и се пренаменети за овде. Овде со помош на браварската работилница и со посветени осудени лица правиме решетки и кафези. Не ова нешто дека се жалиме, туку сакаме да истакнеме дека се снаоѓаме. Возилата се безбедни и технички исправни, оние што ни се функционални, но факт е дека се стари. Имаме проблем со буџетот, кој лани беше намален, а оној од оваа година е за 40 проценти помал од ланскиот бидејќи одиме на тоа дека треба да се редуцираат сите трошоци.

Сакаме да ги почитуваме правата и потребите на притворените лица. Сакавме да ги укинеме растителните производи и тоа и го направивме - ги заменивме сите од типот на намази, кашкавали и слично со млечни. Внесовме повеќе риба, и освен пржена и печена, имаме и сардина производ. Имаше потреба и од благи и овошје, и тоа исто така постојано им се дава на овие лица. Сакаме да ги почитуваме правата и потребите на притворените лица, но како тоа да го направиме со намален буџет? Ако лани сме имале 7 милиони денари на располагање, сега имаме 5 милиони. Потребите се тие, а парите се намалуваат. Ние не сме магионичари. Секој си има свои навики и врз основа на тие навики може да видите дека има различни простории, на едни собите им се чисти, на другите собите им се валкани. Еден дел од процесот на ресоцијализација е и работењето, односно чистењето и тие сами си чистат и ја одржуваат хигиената.

Најголем проблем е тоа што минатиот систем го запоставил овој дел со затворите до максимум. Адвокатската комора, која ја раководи Љубомир Михајловски Џанго, ќе се ангажира да ги реновира собите и канцелариите за средба на адвокатите со притворените лица. Средствата се префрлени и овие соби ќе бидат комплетно реновирани.

Но адвокатите влегуваат и излегуваат кога доаѓаат на посета кај своите штитеници. Притворените лица остануваат овде и факт е дека има ќелии што се наоѓаат во катастрофални услови, кои се дел и од извештаите на народниот правобранител.

Точно, да. Извештаите на народниот правобранител се од 2016 година и сите се базираме на тие извештаи. Овде по овој период е направен нов паркинг од 600 квадрати, донација од Град Скопје. Реновираме три тоалети комплетно во осуденичка средина. Во притворскиот дел се реновираат и бањите, кои согласно со Куќниот ред притворените лица треба да ги користат за капење еднаш во неделата. Топлење вода во шишиња на прозор веќе нема. За потребите на таа бања ископавме нов бунар за техничка вода и добивме вода што е од обновливи извори, за да ги намалиме трошоците кон Јавното претпријатие Водовод и канализација, бидејќи им должиме преку 10 милиони денари за вода. Освен овој, има и долг за мазут и за транспорт на притворени лица. Долг кон доставувачи на храна и сето тоа вкупно изнесува преку 60 милиони денари. За овие долгови знае и Управата за извршување на санкции. Не можам да бидам експерт и по само една година да кажам што не чини, но можам да кажам што треба да се направи. Под итно треба да се вработат најмалку 30 нови лица, потребни се униформи, скенери, блокатори, инвестиции во возниот парк.

Што е со шверцот на мобилни телефони, на дрога и заплена на недозволени работи? Се прават ли редовни контроли и претреси во Истражниот затвор во Шутка?

Овде се соочуваме со многу предизвици и иновации направени од притворените лица. Не можете ни да замислите какви сè идеи ним им паѓаат на ум, само за да може да внесат мобилни, да може да остварат телефонски повик и да можат да го наполнат мобилниот. Има мобилни колку половина запалка, кои ги внесуваат во салама или во друга храна. Има мобилни што се од пластика и кои поминуваат на детекторот за метал.

Прават полначи од кутија за шумливи таблети, жици и други предмети и ги полнат со батерии. Ги лимитиравме батериите и секојдневно правиме претреси. Можам да кажам дека за една година додека сум јас директор се направени повеќе претреси отколку од постоењето на оваа затворска установа и сериозно се бориме против внесувањето недозволени работи во затворот.

Најавени беа и нови униформи за затворските чувари, кои требаше до сега да ги добијат, но ништо од тоа не се оствари. Што се случи со облеката за овие луѓе, кои кога ќе дојдат на спровод во суд, би требало да се уредни и со исти униформи, а не со позајмени, различни и стари униформи? Сепак тие ја претставуваат оваа институција.

Униформите требаше да се набават во почетокот на 2019, како што беа најавите од Управата за извршување санкции. Но имаше проблем во делот на правилникот за униформи, кој беше преземен од МВР и многу беше комплексен за да може да се реализира во делот на затворската полиција. Ангажирана беше и работна група што работеше на овој правилник, го упрости и веќе на есен затворската полиција ќе има нова униформа, а во 2020 ќе имаат нова летна. Лани набавивме 40 кошули за оние лица што одат на спровод, и тоа од сопствени средства. Знаеме дека е малку, но ветуваме ќе им биде набавена нова униформа како што реков кон крајот на 2019 и почетокот на 2020 година.

Ве поврзуваа со скандалот со „Фурна Диме" дека сте потпишувале договори со државни институции од името на оваа фирма откако сте на функцијата директор, како и дека сте поврзани со непотизам, односно дека сте ја вработиле сопругата во УЈП откако сте на оваа позиција?

Договорите што се потпишани се во периодот од 2016 година и тогаш не бев на директорската функција. Договорите ги потпишував кога бев лице одговорно за тоа и кога моите надлежности биле да потпишувам такви договори со државни институции, градинки, училишта... Непотизам за мене е кога некој ќе си вработи близок роднина во иста установа, на пример кога професор ќе си го вработи синот за асистент, или судија за стручен соработник. Тоа за мене е непотизам. Мојата сопруга не работи 5 дена, туку од март 2018 е во УЈП и е на определено време со соодветно образование, на соодветно работно место.

Каква е состојбата со лекари, стоматолог и психијатар во оваа установа?

Со последната измена од Законот за извршување на санкции во 2016 година здравствениот сектор му припаѓа на Здравствен дом Скопје. Имаме двајца лекари и една медицинска сестра, кои се тука само до 16 часот. Стоматологот го делиме со затворот во Идризово. Психијатарот исто така го делиме со затворот во Идризово, и тој оваа година ќе замине во пензија.

Катерина Додевска

ФОТО: Роберт Атанасовски 

Објавено

Среда, Март 20, 2019 - 11:19

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе