Претседателка на Комитетот за одобрување на инвестиции при ФИТР

Кларис Молад: Македонките не се доволно амбициозни за глобалните предизвици во бизнисот

Со професорката д-р Кларис Бехар Молад која е претседателка на Комитетот за одобрување на инвестиции при македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој поразговаравме за нејзиното искуство при одобрувањето на финансиски средства и поддршка од стручните тимови при ФИТР за жените, од една страна, и за храброста и амбициите на самите жени да аплицираат и да „се впуштат“ во поголеми ризици за глобални достигнувања. 

Стратегијата на Министерството за економија за развој на женско претприемништво во периодот 2019– 2023 предвидува истото да стане сила која придонесува во развојот на претприемничката клима и економијата во земјава. Колку се прават напори оваа стратегија да заживее во пракса сè уште е рано да се оцени, но според експертите меѓу македонските жени присутен е невидливиот страв од ризик да се направи нешто големо и корисно за глобалниот свет. Претпоставка е дека причина за тоа е што секој бизнис потфат го гледаат како можност за сопствено вработување и плата, но не и нешто што ќе предизвика „бум“ како глобална придобивка.

За ова поразговаравме во професорката д-р Кларис Бехар Молад која, со над дведецениското искуството, зад себе има комплетно право на констатација за „женската“ бизнис клима.

Таа е претседателка на Комитетот за одобрување на инвестиции при државниот Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) и како што вели, бидејќи нејзините двајца родители се Македонци, има лична врска со земјава.

„Бев избрана за претседателка на комитетот откако изминатите 15 години работев повеќе пати во јавниот и приватниот сектор во земјата и се посветив на позитивно влијание врз локалната економија менторирајќи млади претприемачи и претприемачки“, вели Молад.

Молад е доктор по науки за глобален бизнис менаџмент и поседува повеќе од 12-годишно искуство во обезбедување ефикасен развој на бизниси, консултантски услуги како и во областа на држење предавања во третиот циклус студии. Таа исто така обезбедува стратешки решенија во однос на светските трговски односи и лансирање старт ап компании. Нејзините експертизи се во областите на стратешко планирање и спроведување, менаџирање бизниси, претприемништво, мотивација на вработените, маркетинг и продажба, дизајн и употреба на информатички системи, како и интернет маркетинг. За својата работа е добитничка на бројни престижни признанија и награди.

Иако родовата еднаквост барем на хартија е сè повеќе дефинирана, во пракса жените Македонки не се секогаш и секаде присутни „да се тракаат“ на глобално ниво. Дури и статистиката говори дека од вкупниот број на корисници на ресурсите на ФИТР една третина се во сопственост на жени или имаат жена управител што значи дека соодносот со нивните колеги од машкиот пол не е 50-50.

„Процентот на жени апликанти е под 50%, додека пак жените од малцинствата сѐ уште помалкубројни“ – вели Молад која во однос на младите жени на кои имала можност да им биде менторка го има впечатокот дека недостасуваат амбиции бидејќи се главно фокусирани на своето вработување.

„Ми се чини дека значителен број од нив немаа големи амбиции во смисла на личен успех и не зборуваа многу за тоа дека сакаат да основаат или да раководат нивни сопствени компании или јавни установи. Верувам дека многу од нив во суштина беа мотивирани да бидат добри студенти и едноставно да најдат вработување, без да сфатат дека тие ја имаат моќта и способноста да ја исцртаат сосптвената иднина. Ова исто така се рефлектира и во стотиците апликации за иновации и технолошки развој кои му се доставуваат на увид на Комитетот во изминатите две години“ – констатира врвната експертка Молад.

Наспроти ова таа порачува дека градењето бизнис значи развивање на способноста за создавање услуга или производ што би можеле да се нудат на глобално ниво со оглед дека се соочуваме со големи егзистенцијални предизвици.

На глобално ниво, согласно нејзиното интернационално искуство, Молад вели дека жените лидерки се присутни сè почесто, но кога станува збор за инжинерството и технолошкиот развој пиедесталот сѐ уште им припаѓа на мажите.

„Гледаме сѐ повеќе жени на важни лидерски позиции и во приватниот и во јавниот сектор на екаде низ светот. Но сѐ уште сме прилично далеку кога станува збор за инженерство и технологија, а тоа ме загрижува. Затоа СТЕМ образованието е клучно, особено кога е прашање на избор за помалку од 25% од девојките во западниот свет, а тој процент е могу помал во другите делови на светот. Од исклучителна важност е жените не само да целат да бидат „членки на клубот“, туку да сфатат дека ни се потребни што повеќе жени на лидерски места бидејќи сме соочени со најголемите егзистенцијалистички предизвици во нашето постоење. И не треба да заборавиме дека мораме да направиме сѐ што е во наша моќ за да ги заштитиме жените низ целиот свет од бескрајната експлоатација и насилството кон нив, ако сакаме иднина каде човештвото ќе оди напред“ – вели Молад.

 

Главниот совет на професорката е жените во бизнис заедницата да се организираат и да се вмрежуваат со жени од другите земји со цел да можат да вршат посилно влијание и да имаат посилен глас.

„Треба да се усвои првична агенда за клучни прашања што ги засегаат и за кои сакаат да извршат влијание и да развијат акциски план заедно со конкретни волонтерки кои се подготовени да го извршат тоа. Уште повеќе, тие треба да ги искористат веќе постоечките ресурси за финансирање одредени проекти, бидејќи делото зборува повеќе од самите зборови“, појаснува Молад алудирајќи на тоа жените во земјава да ги искористат расположливите ресурси за поддршка при реализација на своите идеи.

Колку ФИТР како институција може да биде катализатор на позитивни промени, меѓудругото, и во сферата на женскиот потенцијал во однос на иновациите, технолошкит развој и позитивниот раст на бизнис секторот, Молад вели дека сме на почетокот кој е многу клучен.

„Северна Македонија сè уште сади семиња кон таа цел, а ФИТР е клучна за тоа да се случи заедно со образовниот систем на земјата. Земјата сè уште чека катализатор/субјект кој може да обезбеди поттик за другите. Пронајдок што може да стане глобален феномен (ала Скајп од Естонија) кој ќе може да го промени курсот за мала земја. Од друга страна, упорната посветеност на владата преку финансиска помош заедно со реформите во образованието мора да создаде силна основа за претприемништво. Таков е примерот со Израел каде секојдневно го доживувам духот на стартап нацијата што продира низ целото општество. Токму тој дух треба да се негува“, појаснува Кларис Бехар Молад.

Надлежните од ФИТР ги охрабруваат жените да ги презентираат своите идеи и проекти и да бараат помош и поддршка за реализација на истите во реалната сфера.

Фондот, не само преку финансиска, туку и техничка и менторска поддршка им помага на сите компани и потенцијални апликанти и корисници и интензивно работи на изградба на капацитетите на бизнис секторот со цел да станат атрактивни и за странските инвеститори, но и да им се овозможи олеснет пристап кон пазарите и се разбира да го остварат својот профит, односно комерцијализација на резултатите, велат од ФИТР.

                                                                                                                        Х.Н. 

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе