Ректорот на УКИМ за „близначкиот“ бугарски универзитет

Јанкуловски: Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ ќе реагира со правни средства доколку се регистрира „Свети свети Кирил и Методиј“

Името и обележјата на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј" се заштитени во државава и доколку тоа нашето право биде повредено со регистрација на друг универзитет, ќе реагираме, вели за МКД.мк ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски. Академик Владо Камбовски пак, вели дека европскиот универзитетски простор е отворен и дека постојат високообразовни и научни институции со исти имиња. Одборот за акредитација уште не расправал за наставните програми на Великотрновскиот „Свети свети Кирил и Методиј". Владиката Наум е веќе одликуван од ректорот на бугарскиот универзитет.

Откако Владата даде одобрение бугарскиот „Свети свети Кирил и Методиј" да може да отвори универзитет во Македонија, иако има речиси исто име со најстариот македонски универзитет „Свети Кирил и Методиј" (УКИМ), во јавноста има голем број на негативни реакции, не само од политички аспект, туку и од аспект на авторски права и индустриска сопственост. Според законот за индустриска сопственост, не може да се одобри исто име или име кое имитира име кое е во туѓа сопственост во оваа држава.

Според Владата, не станува збор за исто име бидејќи се работи за „Великотрновски универзитет Свети свети Кирил и Методиј" од Велико Трново, а дека точниот назив на УКИМ е „Св. Кирил и Методиј". Но, сепак, останува отворено законското толкување на авторското право на име или на имитирање на име.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" проф.д-р Никола Јанкуловски за МКД.мк вели дека ќе реагира доколку се дозволи регистрација под името „Свети свети Кирил и Методиј".

„Имајќи предвид дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј' во Скопје за името и обележјата му е признато правото на трговска марка и е заштитено во Заводот за индустриска сопственост во Република Северна Македонија, доколку со регистрацијата, односно уписот на друга високообразовна установа се изврши повреда на нашите права и посебност, ќе реагираме соодветно по легален пат. Во тој момент ќе ги искористиме расположливите правни лекови согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за индустриска сопственост и, евентуално и меѓународните прописи кои ја регулираат оваа материја", нѝ изјави ректорот.

Jанкуловски нѝ нагласи дека засега би се воздржал од поширок коментар бидејќи, вели, тој како ректор, а ниту Универзитетот, не се ништо информирани околу бугарскиот универзитет, ниту какво ќе биде името на неговата подружница, ниту каде би бил основан, ниту пак за содржината на програмите.

Академик Владо Камбовски, кој е претседател на Одборот за акредитација на високото образование за МКД.мк вели дека е интересно прашањето за имињата на универзитетите и дека правилата во таа материја можеби треба да се дорегулираат. Но, нагласува, тешко е да се интервенира кога стаува збор за научни институции бидејќи, вели, не можете на пример на Кембриџ кога отвора универзитет, да му го менувате името. Камбовски вели дека има многу примери на универзитети и на други научни институции кои го носат името на Тесла, или на Мајка Тереза или пак има и втор универзитет „Мајами", кој не е од Мајами - Флорида. Вели, во словенските земји сигурно дека има и други научни институции кои го носат името на светите Кирил и Методиј.

„Како и да се гледа на овие прашања, треба да се има предвид дека европскиот простор е отворен за високообразовните институции и таа политика и востановените принципи не може да се запрат, па и не знаеме кои сѐ универзитети ќе ги имаме на македонската висообразована мапа веќе во блиска иднина. Но, тоа не е во надлежност на Одборот, туку согласноста ја дава Владата. Одборот за акредитација ќе заседава за да одлучува за законските услови на програмите според кои планира да работи овој Универзитет, чие седиште е во Бугарија, односно на неговите факултети. Има и друго прашање за кое треба да се расправа бидејќи се бара да се издаваат заеднички дипломи со постоечкиот Славјански универзитет", вели Камбовски.

Тој додава дека потоа Агенцијата за квалитет треба да изврши проверка на законските услови за програмите, потоа за просторот на кој ќе се организираат студиите и за бројот и кадарот на професорите, за на крајот да издаде или не решение за работа, така што, нагласува академик Камбовски, работата со отворање на Великотрновскиот универзитет не е завршена.

Секако има и друго прашање - законски настава може да се врши и на еден од светските јазици. Бугарскиот јазик не спаѓа во оваа категорија.

Вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиески вели дека не е изненадување што ќе се отвори подружница на бугарски универзитет со барањето доставено преку Славјанскиот универзитет од Свети Николе, што веќе го најавил претходно неговиот ректор Христо Бонџолев преку медиумите откривајќи дека разговарал телефонски со премиерот Зоран Заев од кого добил уверување дека одобрение ќе биде дадено.

Но, Илиески забележува дека на одобрението од Владата претходело позитивно мислење од Одборот за акредитација па поставува прашање врз основа на ставовите на кои лица од „стручната комисија" академик Камбовски на 6 мај годинава го потпишал мислењето.

„Кој е проектот во кој се содржани и образложени условите за позитивно мислење за Великотрновскиот универзитет 'Свети свети Кирил и Методиј' од Велико Трново, Република Бугарија? Кои се посдипломските магистерски и докторски студии?", прашува Илиески.

Инспекторот Илиески во својата изјава вели дека можеби на Одборот за акредитација повеќе информации за квалитетот и програмите на овој бугарски универзитет може да му даде владиката Наум, кој докторирал токму на Великотрновскиот универзитет, а не на Богословскиот факултет во Скопје. Или пак, вели, да бида прашан и владиката Јосиф, кој исто така таму докторирал.

„Дали следното што ќе спроведе академик Камбовски ќе биде остварување на децениската желба на владиката Наум да стане академик на МАНУ, кој и магистрира на Факултетот за психологија на Меѓународниот славјански универзитет во Свети Николе? Што се крие зад оваа игра? Дали знае Заев каква шема му се организира? Колку е злоупотребена близината со владиците во овој случај особено, што владиката Јосиф е во секојдневна комуникација со министерот Оливер Спасовски? Одговорот на ова прашање ќе покаже колку бугарската национална разузнавачка служба има влијание во овој процес преку активноста на владиците, кои можеби делуваат во знак на благодарност што им беше овозможено по брза постапка да станат доктори на науки во Бугарија. Каде е Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање да го следат овој процес?", вели Илиески.

Инаку, како што и објави Славјанскиот универзитет на својата веб-страница, владиката Наум на свечена церемонија во Великотрновскиот универзитет е лично одликуван од ректорот.

„Неговото Високопреосвештенство, проф. д-р Наум Илиевски, Митрополитот Струмички, е награден со највисокото почесно звање на Великотрновскиот универзитет за неговите заслуги како еден од најистакнатите современи богослови, научници, писатели и преведувачи. Ректорот на Великотрновскиот универзитет „Св. св. Кирил и Методиј", проф. д-р Христо Бонџолов ги врачи почесните инсигнии „Doctor honoris causa" на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Струмички г. Наум", пишува во информацијата.

Инаку, во план е штипскиот Универзитет „Гоце Делчев" да отвори свој кампус во Благоевград.

П.Џамбазоски

Либералната империјалистичка доктрина на Америка е одговорна за ужасниот масакр во места како Виетнам, Ирак и Централна Америка. Но Америка, исто така, произведе либерална антиимперијалистичка доктрина што останува затскриена во една ТВ-серија што ја восхитува американската публика уште од 1966 година.

повеќе

Граѓани, бегалци, мигранти, веќе не ни е важно – се чини дека никој не гледа светла иднина за себе во Албанија.

повеќе

Енергетската сиромаштија е значително поприсутна во централна, источна и југоисточна Европа, покажува последното истражување.

повеќе