За набавката на луксузниот мерцедес

Јанкулоска расплакана на завршните зборови за „Тенк“, пресудата ќе ја чуе во понеделник

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во понеделник ќе ја чуе одлуката на судот за случајот со одвоената постапка за „Тенк". На денешното рочиште во завршни зборови обвинетата Јанкулоска рече дека судечкиот совет кој ја води оваа постапка ја огласил за виновна уште при изрекување на одлуката за обвинетите Никола Груевски и Ѓоко Поповски.

Јанкулоска ја обвини судијката Кацарска и за пристраност уште од самиот почеток на постапката.

Јанкулоска низ солзи ја прокоментира одлуката на Судечкиот совет во експресен рок да го заврши процесот.

„Ова постапка се води во исклучителни околности за мене. Постои пристрасност кај мнозинството од Судечкиот совет кој јавно искажа став дека сум виновна уште при носење на пресудата за Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Дополнителна околност за пристрасност е носење одлука во експресен период. На почетокот на процесот требаше да се грижам за дете кое имаше 2 месеци, а сега на крајот има 3 месеци", рече Јанкулоска низ солзи.

Според обвинетата министерка, во овој случај немало потреба од експресно завршување на постапката, ниту од итност за тој да мора да заврши за еден месец.

Јанкулоска покрај обвинувањата кон судечкиот совет, во завршните зборови ги отфрли сите обвинувања дека имала некакво влијание во набавката на луксузниот „мерцедес", односно дека извршила злоупотреба на службената положба со поттикнување на тогашниот заменик-министер Ѓоко Поповски да го нарача автомобилот „мерцедес ес 600 гард" по желба на експремиерот Никола Груевски, а притоа да го фаворизира операторот „Макаутостар".

Обвинителството, во завршниот збор, побара Судот да ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања, како и да ги подмири трошоците заедно со Поповски и Груевски во висина од 313 илјади денари.

Обвинителката Фатиме Фетаи, во завршен збор наведе, дека од изнесените докази јасно се гледа дека Јанкуловска го поттикнала Поповски да набави блиндирано возило за МВР и тоа да се даде на користење на премиерот Груевски.

„Обвинетата Јанкулоска е виновна за злоупотреба на службена должност, бидејќи таа била свесна за своето дело и го сакала спроведувањето. Предлагаме Судот да ги земе како отежнувачка околност степенот на одговорност, а како олеснителна околност семејната состојба“, рече Фатиме.

Одбраната, во завршен збор, рече дека во постапката било грубо нарушен принципот на еднаквост на оружјата, СЈО не ја докажало својата надлежност, како и дека Судот треба да донесе пресуда за дејствие што наводно се случило пред шест години врз основа на докази кои во најголем дел се прибавени со кршење на домашните и меѓународни права.

Во „Тенк" веќе се осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „Мерцедес С 600 Гард" во вредност од 600 илјади евра.

Пресудата ќе биде соопштена на 8 октомври.

 

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе