Си-ен-ен

Избегала од Дубаи плашејќи се за својата безбедност, Македонија одби да ѝ даде азил (ВИДЕО)

Хинд Мохамед Алболуки од Обединетите Арапски Емирати избегала во Република Македонија и очајно моли за азил, пишува Си-ен-ен.

Во видео снимка објавена на интернет 42-годишната Алболуки тврди дека избегала од Дубаи поради сериозните закани од сопственото семејство затоа што побара развод од сопругот.

Но, Македонија на 4 февруари годинава го одбила нејзиното барање за азил. Хинд сега се наоѓа во притвор за емигранти, каде престојува од 7 декември минатата година, и се плаши дека властите ќе ја вратат во Емиратите.

Алболуки во видео снимката наведува дека семејството се обидело да ѝ го одземе пасошот и дека во тој момент сфатила дека мора да избега.

„Имам четири деца. Ниедна мајка не би ги напуштила децата туку така. Морав тоа да го направам, немав избор“, вели таа.

Ненад Димитров, пријател на Хинд Мохамед Алболуки кој живее во Македонија и кој се грижи за нејзиниот профил на Твитер откако е во притвор, кажа дека Хинд успеала да избега на 2 октомври минатата година кога семејството ѝ дозволило да отиде во тоалет.

Кога избегала од таму, немала ни чевли на нозете. Прво се скрила на едно градилиште, а потоа повикала такси кое ја одвело до пријател во градот Шарџах, раскажа Димитров.

Си-ен-ен не успеале да стапат во контакт со семејството на Алболуки.

Македонското министерство за внатрешни работи соопшти дека го одбило барањето за азил на Хинд Мохамед Алболуки бидејќи „немало докази за прогон... врз основа на нејзината раса, вера, националност... или политичка припадност“. Се додава и дека „немаат причина да веруваат дека на Хинд ѝ се закануваат, ако се врати (во Дубаи), сериозни повреди“.

Рада Стирлинг од британската организација Дитејнд ин Дубаи не се сложува со одлуката на македонското министерство. Таа смета дека Алболуки, доколку се врати во Обединетите Арапски Емирати, „веројатно ќе биде тешко казнета за бегството“.

„Патријархалниот систем и неформалните машки правила за старателство над жената од кои Хинд бега се подеднакво изразени во Емиратите како и во Саудиска Арабија“, вели Стирлинг.

„Многумина мислат дека Емиратите се полиберални, позападно ориентирано општество. Обединетите Арапски Емирати напорно работат на изградба на таа претстава, но реалноста е драматично поинаква“, додава таа.

„Во Емиратите силуваните жени се спасени и обвинувани за секс надвор од брак, на жените им се забранува пристап до децата по разводот, а законите всушност им пропишуваат на жените да им бидат послушни на машките старатели“, објаснува Стирлинг.

Таа претпоставува дека Македонија не ѝ одобрува азил на Хинд Мохамед Алболуки бидејќи „ОАЕ со помош на разни инвестиции суптилно влијаат врз политиката на помалку богатите земји“, пишува Си-ен-ен.

Кој беше против осудата на комунизмот. За работите да станат појасни.

повеќе

Со потпишувањето на Преспанскиот договор се чинеше дека се отстрани единствената пречка за македонската интеграција во ЕУ и НАТО.

повеќе

Демонизирањето на Исламот и неговото постојано поврзување со тероризмот е загрижувачка појава во светот, а и на Балканот.

повеќе