Македонија направи соработка во форензиката со Грција

Станков: Институтот за судска медицина има опрема, но му фали кадар

Масовната гробница во Велес, 6 авионски и 2 хеликоптерски несреќи, жртвите од војната во 2001-та година, бродската несреќа во Охрид, автобуската несреќа во Ласкарци се само дел од истрагите кои се наоѓаат на огромната листа на сработени случаи кои поминале низ рацете на тимот во Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје.

Освен овие случаи, специјалистите по судска медицина од Институтот постојано работат и на случаи од убиства, самоубиства, сомнежи за лекарска грешка... Работата на овие луѓе почнува онаму каде што завршува човечкиот живот. Простор за грешки нема, а за успешно да се реши еден случај потребно е многу знаење искуство, опрема, но и пари, како и соработка со институциите овде во Македонија, но и надвор од границите.

Македонија направи соработка во форензиката со Грција. Денес во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје беше презентиран Твининг лајт проектот „Стандардизација и хармонизација според ИСО 17025 стандардот на лабораториите на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија"

Во проектот се вклучени експертите кои веќе 15 години работат во акредитирани лаборатории ќе им помогнат на македонските стручни лица да се стекнат со знаења за процесот на акредитација. Реализацијата на проектот е направена со европска помош во висина од 250.000 евра.

Проектот е финансиран од ЕУ и е соработка помеѓу Лабораторијата за форензика и токсикологија од Атина и Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија од Скопје. Целта на овој проект е да се зголеми соработката околу обезбедувањето на маретијални докази кои од местото на злосторството преку останатите институции, како што се ОЈО и МВР, ќе завршат кај судиите, кој врз основа на тоа ќе треба да носат одлуки за сериозни настани.

Директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, Александар Станков овој проект го претстави како почеток на едно долготрајно и квалитетно пријателство и нагласи дека со оваа акредитација се скратуваат трошоците, а се зголемуваат можностите. Станков дополнува дека важноста на Институтот за судска медицина е голема, но апелира Владата да вложува и да даде поддршка во иднина за нови проекти.

Првиот човек на Институтот зборуваше за историјата на Институтот за судска медицина, но и за тоа колку оваа акредитација значи за него како директор, за неговиот тим, како и за институцијата со која раководи.

„Институтот за судска медицина е формиран 1951година на истото место каде што е сега и тука се направени првите обдукции и експертизи. Институтот за судска медицина за нас не е само зграда, туку е наш втор дом каде знаеме и да преспиеме. Судската медицина не е само работа, тоа е страст и љубов. Од 1999 година на местото на старата зграда направена е нова зграда, со модерна опрема која има повеќе лаборатории", рече директорот на презентацијата на проектот.

Првиот човек на институтот признава дека тимот кој работи со него на Институтот има знаење и дека опрема имаат, но им недостасуваат најмалку уште шест лица за работа во лабораторија.

„Должност на секој лекар е едукацијата на помладите колеги, како и на населението. Знаење имаме, но ни недостасуваат луѓе. Акредитацијата ќе ја добиеме и ќе бидеме перфектни во работењето. На Институтот му фали кадар и тоа најдобро би се решило со промена на законот за работни односи каде што на местото на вработен што оди во пензија, би се вработило ново лице и за тоа да не се бара дозвола од Министерството за финансии. Вака сега процесот е многу сложен. Ние праќаме писмо до Деканатот, па од таму до Универзитетот, па од тука до Министерството за образование, па од таму до Министерството за финансии. Но овие писма ретко кога доаѓаат до Министерството за финансии. Кадар ни е неопходен и не можете да создадете експерт за една година. Потребно е тие луѓе да работат најмалку 10 години заедно, за да имате прекрасен тим кој што нема никогаш да направи грешка. Опрема има, ќе добиеме и нова, но бадијала ни е опрема ако нема кој да работи на неа. Битно ни е да имаме нови вработувања, особено во лабораторијата, бидејќи сега и со овој процес за акредитација потребен ни е кадар кој е пропишан и со условите за овој проект. Институтот мора и работи 24 часа во текот на 7 дена. Потребни ни се луѓе кои што се паметни , кои сакаат да работат и кои ќе спијат на Институтот. Во моментов ни требаат уште 6 луѓе во лабораториите", рече директорот Станков.

До сега во Институтот направени се идентификации на преку 3.500 жртви кои на време биле предадени на семејствата.

На презентацијата присуствуваа и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорите на Холандија и Грција, како и од Медицинскиот факултет во Скопје, и експерти од Холандија и Грција.

Според експертите од Грција, овој проект не е од корист само за Македонија, туку и за Грција и за целиот Балкан. Форензичката наука е голем предизвик е со оваа соработка се внесуваат нови промени.

Ако од местото на злосторството до судската постапка, надлежните добро си ја сработат својата работа, тука нема простор за грешка, а токму поради ова форензиката е многу важна во обезбедување на материјалните докази, велат експертите со кои ќе соработуваат вештаците од Институтот за судска медицина во Скопје.

Министерот за внатрешни работи, Спасовски нагласи дека настанот што сам по себе говори не само за решителноста и волноста на вработените во оваа институција да продолжат со натамошен развој и унапредување на сите аспекти од работењето на Институтот, туку и за континуираната стручна и професионална надградба инаку својствена за оваа наша реномирана институција во сите изминати години од нејзиното постоење.

„Етаблирањето на новите, современи стандарди во функционирањето и менаџирањето на институциите, дури и независно на нивниот правен субјективитет, денес е повеќе од императив, без кој што не може да се претендира кон натамошен динамичен развој и институционално, техничко, кадровско или кое и да е друго усовршување. Сите ние мораме да се стремиме кон имплементирање на стандардите во секојдневното работење како своевиден гарант за успешност", рече Спасовски.

К.Д.

 

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе