„На 18 јули, 2011 кога бев кај вас ми кажавте да ги тргнам мобилните телефони. Ми кажавте дека „Космос" се гради легално, но имате наредба од горе да го урнете. Кажете пред сите пратеници дека тоа ми го рековте", му вели Цаноски на Трајковски во делот наменет за поставување на прашања.
На ова тогашниот градоначалник му одговара дека со Цаноски имале одлична комуникација и дека не му било јасно зошто инвеститорот градел спротивно на договорот и додава дека нема ни „П" од политика.
На седницата Трајковски додава дека целокупната документација била изготвена од фирмата која си ја одбрал инвеститорот, односно Цаноски.
На седницата присуствува и тогашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајаноски кој вели дека општина Гази Баба поднела барање за изградба на Космос, а од град Скопје за неколку дена било дадено позитивно мислење.
На барање на инвеститорот, вели Трајановски на седницата му било дозволено на Цаноски да плати комуналии на секој 20-ти во месецот, на 25 рати. Кога ова барање на било почитувано, била активирана хипотека.
Тогашниот градоначалник Трајановски на седницата одговарајќи на прашања вели дека никогаш не урнал толку голема инвестиција, како што е „Космос" и додава дека го молеле Цаноски, но и останати инвеститори да градат, оти било добро да се инвестира во општината.
За оваа надзорната расправа која е дел од доказите за „ТНТ", тогашниот генерален секретар на Собранието Жарко Денковски забранил директен пренос на Собранискиот канал.
Предметот „ТНТ" е за уривањето на станбено-деловниот комплекс „Космос" на бизнисменот Фијат Цаноски. Меѓу обвинетите се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос" на Цаноски.
К.Д.