Има ли во Македонија законски пречки да се снима службено лице

Гевгеличанец осуден на казна затвор оти фотографирал полицајка и ја објавил на Фејсбук

Гевгеличанец доби затворска казна од три месеци за објавена фотографија на полицајка на социјалната мрежа Фејсбук. Основниот суд во Гевгелија го осуди за кривичното дело злоупотреба на лични податоци, а според одлуката на судот К.К. казната од три месеци затвор нема да ја одлежи доколку во наредната година по правосилност на одлуката, не стори ново кривично дело.

Од тука се поставува прашањето, има ли во Македонија законски пречки да се снима и фотографира полициски службеник? Полицискиот службеник ја претставува државата и е должен да се легитимира, па од тука не може да станува збор за заштита на личните податоци.

Полицијата се противи често на снимањето и фотографирањето, но постојат и случаи во кои снимките и фотографиите се доказ за сторени прекршоци на овластени службени лица. Исклучоци во делот на снимање и фотографирање секако дека постојат, односно полицијата може да го ограничи снимањето само кога тоа ја попречува нејзината работа.

Полицискиот службеник во униформа при примена на полициските овластувања е должен да се легитимира. Се разбира, правото да се документираат активностите на полицијата не е апсолутно. Полицискиот службеник може да го ограничи ова право во одредени случаи кога снимањето ја попречува неговата работа, во близина на стратешки објекти и сл. Со Законот за полиција (чл. 62) полицискиот службеник е овластен да забрани снимање на место каде се извршило кривично дело, заради заштита на жртвите или заштита на интересите на постапката.

Во Македонија постојат случаи во кои за објавена фотографија на полициски службеник на социјалната мрежа Фејсбук е изречена кривична санкција.
Полициската станица Гевгелија минатата година поднесе кривична пријава против К. К. (47) од Гевгелија поради постоење основи на сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на лични податоци.

К.К. на 15 октомври во Гевгелија, на улица „Маршал Тито", во близина на гласачкото место кај „Стар пионерски дом", со својот мобилен телефон фотографирал полициски службеник, којa била ангажирана за време на локалните избори 2017, а потоа фотографијата, без нејзино знаење и согласност, ја обработил и објавил како јавно достапна на неговиот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Два месеца по објавувањето на постот со 30 фотографии, обвинетиот е прогласен за виновен од Основен суд Гевгелија, затоа што, како што се вели во првостепената одлука „сторил кривично дело злоупотреба на личните податоци по чл. 149 ст. 1 од КЗ" (Злоупотреба на лични податоци: Тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година).

К.К. е условно осуден на казна затвор во траење од три месеци од Основниот суд Гевгелија. По жалба на осудениот, случајот сè уште се води во македонските судови.

Ако обвинителството може да води истрага и да покренува обвинение, а судот потоа да изрекува кривична санкција за „злоупотреба на лични податоци" при објавена фотографија на Фејсбук, тогаш овој случај ги засега сите корисници на социјалната мрежа Фејсбук кои објавуваат фотографии.

Во македонските закони нема одредби кои експлицитно забрануваат фотографирање полицајци при вршење на должност на јавно место. Во Кривичниот законик постои член за „неовластено снимање", но гонењето за ова дело се презема по приватна тужба и клучен елемент е повредата на приватноста.

Во случајот со објавената фотографија на полициска службеничка на Фејсбук, гонењето не било по приватна тужба, туку по службена должност, а гонителите и судот тврдат дека со објавата на фотографијата без знаење и согласност на фотографираната (на јавно место, во вршење на службена должност), биле користени нејзините лични податоци.

Ако обвинителството и судот продолжат да го применуваат истиот член од КЗ и почнат да ги прогонуваат сите лица за објавени фотографии на полицајци во медиуми и на Фејсбук, тогаш први на удар ќе бидат новинарите и медиумите, кои редовно објавуваат фотографии и снимки од полициски службеници без согласност од полицајците за време на избори, протести и на други јавни места.

Втори на удар ќе бидат активистите за човекови права, кои, исто така, објавуваат фотографии од избори и протести во кои се забележливи полициски службеници.

Трети на удар ќе бидат учесниците на протестите и изборите, кои, исто така, објавуваат фотографии на полициски службеници на социјалните мрежи.

Одличен пример за тоа како граѓанско документирање на полициска активност може да придонесе за јавниот интерес е објавеното видео за приведените членови на Левица во Скопје. Иако граѓанскиот новинар бил врзан со лисици откако го снимил видеото, неговиот материјал послужи како доказен материјал за брзата постапка која ја спроведе МВР против службените лица за пречекорување на нивните овластувања.

Јавната безбедност претставува главно поле на интерес не само на полицијата, туку и на граѓаните.

Во интерес на безбедноста граѓаните се согласуваат со мерките за надзор од државата, но и самите се впуштаат во такви активности и на тој начин стануваат „очи и уши" на полицијата. Честопати властите самите ги охрабруваат граѓаните да се впуштаат во надзорни активности и преку слики направени со мобилен телефон да известуваат за прекршоци или за било какво социјално непожелно однесување.

Граѓаните се оние кои можат да обезбедуваат докази и тоа на многу едноставен начин и без никакви трошоци за полицијата. На пример, Фејсбук групата Sид на сообраќајниот срам како иницијатива на граѓаните да објавуваат на социјалната мрежа слики од несовесни возачи низ Скопје може да има слична функција.

                                                                                                                                К.Д.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе