На судењето за насилството во општина Центар

Фетаи го искара Груевски, повеќе гледал во мобилниот отколку што го следел судењето

На денешното рочиште за случајот со насилството во општина Центар, обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи го опомена обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски дека наместо да гледа постојано во мобилниот телефон, треба да го следи судењето, во кое тој е првообвинет, и да покаже почит кон судот. По ова Фетаи побара од судијката Татјана Михајлова да им укаже и на обвинетите што седеа зад обвинителката да не ѝ дофрлуваат постојано додека таа зборува. 

„Ќе ве замолам, чесен суде, да го опоменете и да му укажете на обвинетиот Никола Груевски дека треба активно да го следи судскиот процес што се води против него. Тој повеќе гледа во мобилниот телефон отколку што го следи судскиот процес против него. Ако може и да му укажете на еден од обвинетите што седи зад мене да не дофрлува постојано додека јас зборувам, бидејќи ми пречи додека му поставувам прашања на оштетениот Андреј Жерновски“, рече обвинителката Фетаи, обраќајки се кон судијката Татјана Михајлова, која ја води постапката. 

Судијката Михајлова му укажа на обвинетиот Груевски, а и на другите присутни во судницата, дека мобилните телефони во судница не смеат да се користат и дека ако таа може да се воздржи од користење на мобилниот телефон додека е во судница, тоа треба да го направат сите присутни.

„Оставете ги настрана мобилните телефони за да не се доведам во ситуација да треба да станам и јас да ги одземам од сите вас. Овде сè е снимено и документирано. Секој ваш потег, секој разговор. Имаме две рачни камери што снимаат, за не дај боже едната да откаже. Не сме Америка, но условите се тие. Во записникот ќе има сè, од А до Ш. Колку и да ми одземе време или да ми предизвика тешкотија, јас ќе ги прегледам снимките и сè ќе внесам на записник, а и сите од овој процес ќе добиете од снимениот материјал“, рече судијката Михајлова. 

Денешниот судски процес е прв од постапките на СЈО што се снима. Снимање на судењето Јанакиески и Груевски побараа и во постапката за „Траекторија“, во која се обвинети, а истото од судот го побара и обвинетиот Драган Павловиќ-Латас.

Оваа можност ја даде Законот за кривична постапка што стапи во сила во јануари 2013. 

И Груевски и Јанакиески, а денес и Латас не им дозволија на снимателите и фотографите да направат снимки и фотографии од нив во судница. 

Во Основниот суд Скопје 1 големата судница со број 1 е единствената што има можност за снимање судско рочиште.

К.Д. 

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе