Живот пресметан во киловати, aко сметките за струја по државните институции не се помали за 15% ќе има казни

И официјално, од први септември мора да се штеди. Владата донесе сет мерки, а наредбите и упатствата за штедење се адресирани на државните институции и кај јавната администрација.

И, би најавено, и би направено. Клима уредите „се заклучија“. Раководителите ги прибраа далечинските управувачи во фиоките. Таванските светилки се ограничија. Во добар дел простории се исклучија. Засега, ќе помогне дневната светлина на која ѝ е олеснето „да влезе“ во работните простории со отворените прозорци. Временските прилики ги олеснија работите. Нема жештини, оти, во спротивно, клима уредот ќе беше програмиран на 27 степени. Кога ќе стигне грејната сезона  – на 20. Ниту повеќе, ниту помалку. Копир-апаратите ќе печатат само неопходни документи. И другите уреди. И, ако, некаде околу 15 октомври кога е првата ревизија на штедењето, сметките не се пониски за 15 проценти, ќе има казни. За тоа ќе се грижи одговорниот.

При посетата на прилепското јавно комунално претпријатие „Комуналец“ веднаш не информираа – почнавме со штедење. Владините мерки мора да ги спроведуваме, ама има оддели каде тоа е невозможно. Рубин Абрашоски, директор на прилепски Комуналец го споменува примерот со Градската капела.

– Ние го почнавме штедењето и мора да се придржуваме на владините мерки. Секако, во спротивно следуваат санкции. Имаме набавено штедливи светилки за сите потреби и го контролираме трошењето. Но во некои оддели не е можно и станува дискутабилно да се ограничува. Така е со Градската капела каде температурата во сите периоди од годината мора да се одржува на исто ниво. Не е можно ограничување, вели Абрашоски.

А индустријата? Според пресметките и фактите, за стопанството е најтешко. Компаниите почнаа со мерки за штедење  со време, ама велат дека се малку за спас од клуч на врата.

Жарко Качаков, е директор на секторот за развој во ПИ „Витаминка“ во Прилеп. Веќе три-четири години инвестираат во фотоволтаични централи. Досега вложиле 800.000 евра, но пресметките велат дека покриваат само 20 проценти од потрошувачката.

- Во овој кризен период кога цената на електричната енергија за компанијата пораснува повеќе од осум пати, поточно ако за домаќинства е околу 30, за компаниите е околу 800 проценти поскапо. Тоа е неиздржливо. Ако компаниите не се подготвени да го реорганизираат начинот на работа, едноставно, нема да бидат конкурентни на пазарот и, на крајот, останува да се стави клуч на вратите. Ние презедовме мерки. Инсталиравме фотоволтаични централи. Досега имаме инсталирано околу 1,5 мегавати. Во последните три-четири години вложивме преку 800.000 евра. Тоа е процес кој продолжува. Но тоа не е доволно. Со ова, покриваме околу 20 насто од нашата потрошувачка. Значајно е, но не може да нѐ спаси, вели Качаков.

 

Компанијата е со дополнителни мерки, ама ниту тоа не спасува од неконкурентост на пазарот.

– Колку што е можно повеќе, греењето и ладењето на нашите простории и магацини ги реорганизираме: да имаме помалку стока која се лади во магацините, пократко да стои таму, ја искористуваме топлината од процесите за греење во просториите, ги заменуваме помалку енергетските машини со енергетски поефикасни. Но се плашиме дека не е доволно. Цената на електричната енергија месечно, која досега беше на издржливо ниво, ја покриваше приходот од продажбата на производите. Со оваа цена, не е можно. Принудени сме да ги зголемиме цените на производите со што ризикуваме да не бидеме конкурентни на пазарот. На пример, ако ние сега ќе плаќаме 800 до 1000 евра за мегаватчас, значи од 50 до 60 денари за киловатчас, цената на струјата во Србија е загарантирана за компаниите на 6 денари за киловатчас. Бидејќи српските производи се најмногу застапени во нашата сфера на работење, како ние да бидеме конкурентни?, вели Качаков.

Очигледно, потенцира, се потребни државни мерки.

- Државите мора да му помогнат на стопанството. Дали тоа ќе биде преку субвенционирање на дел од струјата, дали преку олеснување на процесите на инсталирање на сопствено производство на електрична енергија. Државата има доволно механизми да ги види искуствата од другите земји. Значи, сите земји преземаат некои чекори за да се ублажи овој удар врз стопанството, смета Качаков.

Ерата на официјалното штедење стигна по летните одмори.  Септември, и досега жежок и тежог најдолг месец, е уште понапнат. На граѓаните им стигнаа и детални совети – што и како може да штедат. Па дури и за готвењето. Што и колку се троши.

Тоа е во ред, велат граѓаните. Секое домаќинство, во принцип, сака што помалку да потроши електрична енергија. Одамна е почната трката по огревно дрво. Каде што може. Ама, велат – што правиме со загадувањето на околината?

Голем број домаќинства поставија сончеви панели. Барем болјерот да не троши струја. Други, плинот го користат и за готвење. А зготвен ручек во рерна, на шега велат, може да има само во недела. Во ред е ако свети една, наместо три светилки. Секој се раководи од длабочината на џебот. Како и да е, секојдневите се претвори во сметки и пресметки на трошењето. Не дека досега ги немаше. Ама, кризата и скапата електрична енергија, сите се согласуваат подолго време „ќе не тресе“. Потрошените киловати станаа мерило за живеење.

МИА

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе