И покрај очекуваниот пад на извозот од индустриските зони поради пандемијата, бројот на вработени остана речиси константен, изјави денеска премиерот Зоран Заев при увидот на активностите за изградба на инфраструктурата во ТИРЗ Скопје 2.
„Извозот од зоните на годишно ниво лани изнесуваше близу 2,8 милијарди евра, 40 проценти раст во однос на 2017 година, а во услови на пандемија, согласно податоците до септември, забалежан е очекуван пад, но и покрај тоа позитивно е тоа што бројот на вработени останува константен. Во зоните низ државата 13.480 вработени работат активно на зголемување на продуктивноста, изјави Заев, пред капацитетот на „Герешајмер", чија инвестиција е во финална фаза.
Очекувањата на премиерот се дека до крајот на годината се очекува да се заокружи изградбата на инфраструктурата во технолошко индустриските зони во државава – инвестиција во износ од 107 милиони денари.
„И покрај нестандардните услови за изведување на работите како резултат на почитување на мерките за претпазливост од Ковид-19 согласно динамиката на работата очекуваме предвидените работи да бидат завршени до крајот на годината во оваа зона и во поголем дел во индустриските зони ширум државата. Сакаме да ги обезбедиме потребните инфраструктурни стандарди за инвеститорите кои го вложуваат својот капитал и средства, рече Заев.
Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Александар Младеновски ги претстави тековните инвестици во ТИРЗ Скопје 2 и најави дека по заокружувањето на тековните работи во зоните, веќе напролет ќе почнат со изведба на зоната Скопје 3.
– Генерално веќе се привршуват сите проекти во инфраструктурата. Во Прилеп е готова клучката, завршена е внатрешната инфраструктура, исто и надворешната, во Струга е завршена внатрешната инфраструктура, во Кичево се завршува, во Струмица е при крај терминалот и со тоа ја комплетираме комплетно зоната, а во Штип ќе почнеме со изведба на спојувањето со новиот експресен пат со Кочани. Со тоа генерално се завршуваат инфраструктурните проекти во сите зони во државата, рече Младеновски.