Зачувување на работните места и поддршка на најранливите граѓани, приоритети за време на ковид-кризата, вели Шахпаска

Зачувување на секое работно место и грижа и поддршка на најранливите категории граѓани што полесно да ја пребродат кризата се двата приоритета на Министерството за труд и социјална политика поставени во време на ковид-кризата.

Во обраќањето за првите сто дена од мандатот министерката Јагода Шахпаска информираше дека е создаден систем кој ги апсорбира семејствата во ризик, особено во моментот на криза и дека е обезбеден олеснет пристап до гарантирана минимална помош и образовен додаток. Бројот на семејства приматели на гарантирана минимална помош е зголемен за 5.500 во однос на февруари годинава, а со измени на Законот за заштита на децата, создадени се услови околу 16 илјади деца да остварат право на образовен додаток.

„Учествуваме во подготовка на чертвртиот пакет економски мерки со кој беа опфатени 182.000 пензионери, 84.000 пасивни баратели на работа, 8.226 приматели на социјална пензија и 5.570 самохрани родители, со што вкупно беа опфатени 283 илјади граѓани“, рече Шахпаска.

Според податоците што ги изнесе, за 0,6 отсто е пониска невработеноста во однос на истиот квартал минатата година и сега изнесува 16,5 проценти. И во време на пандемијата, како што рече, се спроведуваат мерките од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, некои и со 100-процентна реализација, како што е мерката за субвенционирање на плати, за самовработување, како и Младинската гаранција преку која се вработиле 6.000 млади лица до 29 години.

Во првата недела од стапувањето на функцијата го доставила во процедура Законот за спечување и заштита од дискриминација кој беше усвоен во Собранието, со кој граѓаните добиваат заштита по сите дискриминаторски основи и комисија како професионално и независно тело. Огласот е завршен, останува на Собранието да го направи изборот на членовите на Комисијата. Во делот на заштита на човекови права е и законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кој е во собраниска процедура, и ги дефинира институциите кои се надлежни да преземат превентивни и итни мерки за заштита на жртвите.

Првпат е предвидена санкција за непостапување со должно внимание, како и мултидисциплинарен институционален одговор за заштита на жртвите и нивна реинтреграција во системот.

За да им се олесни животот на лицата со попреченост, како што кажа, границата за лична асистенција е спуштена од 18 на шест години, што било и изборно ветување. Забрзана е изградбата на градинките, отворени се три нови со вкупен капацитет за 416 деца, а во финална фаза се уште четити за двесте деца кои ќе бидат отворени идниот месец.

„Во првите сто дена, почнавме изградба на три градинки во Крива Паланка, Пробиштип и Чаир, а во тек е изградбата на уште 15 градинки, со што капацитетот ќе се зголеми за уште 1.900 деца“, рече Шахпаска.

За социјални услуги се потпишани договори со 17 општини. Услугата помош на стари лица и на лица со попреченост ќе им биде достапна во домот и во дневните центри. На овој начин, услугите се спуштаат на локално ниво и во рурални средини, а се зголемува и бројот на лица кои како даватели на услуги заработуваат за сопствена егзистенција.

„Процесот за деинституционализација го продолживме, склучивме договори за уште две куќи во кои ќе бидат сместени корисници од Заводот во Демир Капија. На овој начин воспоставуваме европски стандарди во грижата за најнемоќните кои се сместени во институции“, истакна Шахпаска и соопшти дека завршува реконструкцијата на дневниот центар од 6 до 26 години во Заводот за рехабилитација за деца и младинци во Скопје, а се реконструираат и се прошируваат дневни центри во други општини.

Во моментов МТСП работи на два закона – на Законот за работни односи кој ги регулира прашањата од трудот, синдикалното организирање и законската регулатива која дефинира недела како неработен ден. Завршена е и нацрт-верзија на Законот за родова еднаквост кој, како што рече Шахпаска, е чекор напред во воспоставувањето родов баланс во општеството во сите области.

 

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе