Што предвидува новата регулатива

За работа во недела треба да следува 50 отсто повисока дневница и слободен ден

За околу 500 илјади работници недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела треба да добијат повисока дневница и слободен ден. Исклучок од ова решение ќе бидат 34 дејности кои ќе работат и во недела, предвидува новата регулатива чии детали ќе се прецизираат во текот на неделава.

„Она што треба да ги радува граѓаните е дека недела е неработен ден и ден на неделен одмор. Ова е формулацијата што е дефинирана меѓу синдикатите и Организацијата на работодавачи. Ќе има исклучоци, 34 дејности и дејностите кои се поврзани со основните дејности. Оние кои ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор“, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Сѐ уште се разговара е дали слободниот ден ќе треба да биде искористен веднаш во наредната работна недела или до крајот на следната, како и за висината на неделната дневница. Синдикалците бараат за работењето во недела да се плаќа дополнителни 50 отсто од дневницата и да се одреди ќе треба да одредат друг ден кој ќе биде ден за неделен одмор. Нивниот став е дека тој ден треба да биде или денот кој му претходи или му следи на денот недела со цел да се намалат сегашните злоупотреби кога на некои работници денот на неделен одмор (недела) им паѓа во среда или во други денови во неделата.

Кој ќе работи, а кој не во недела?

Исклучок од законското решение за недела да биде неработен ден се дејностите кои се неопходни за непречено функционирање на општеството и дејности во кое е неопходно одржување на континуитет на работниот процес и се однесуваат на снабдување со вода, отстранување на отпад, сообраќајот, како копнен така и воздушен и воден транспорт, социјалната и здравствена заштита, пожарникарската служба, царинската служба.

Па, според Министерството за труд и социјална политика (МТСП), во недела ќе работат сите видови транспорт, угостителскиот сектор, болниците, медиумите, противпожарните служби, бензинските пумпи, трговијата со струја, телекомуникацискиот сектор, погребалните услуги, комуналните дејности, зоолошките градини, музеите и други дејности кои допрва треба да се дефинираат. Што се однесува до трговската мрежа, предлог законот предвидува да работат само трговски објекти со површина до 200 квадратни метри кои се во рамките на бензинските пумпи, на граничните премини на аеродромите, на автобуските и на железничките станици.

За надзор на спроведување на законот ќе биде одговорен Државниот инспекторат за труд, а работодавачите од дејностите кои се исклучок од законското решение ќе мора да пријават дека дел од нивните работници на одредени работни позиции ќе работат во недела. Доколку инспекторите направат увид, по допрен глас, или по друга пријава од страна на работници и ако се утврдат прекршувања на правилата тогаш се пропишува казна затворање од 15 до 30 дена, но, тоа, според МТСП, уште се договара, како и прекршочна мерка во паричен износ согласно законот за прекршоци.

Со став за новите прописи се огласи и Занаетчиската комора која доставила мислење до надлежните институции за занаетчиски дејности кои, како што велат оттаму, едноставно не можат да не ја вршат дејноста во недела поради природата и видот на услугите што ги вршат. Како пример се наведуваат фотографи, козметичари, фризери, цвеќарници, забавни игри и други занаетчиски дејности вршат дејност и во недела, затоа што „побарувачката на нивните производи и услуги го диктира денот недела како неопходен за вршење дејност“. Според нив, засегнати се и занаетчиите кои вршат пекарска, слаткарска дејност, кетеринг-услуги и достава на храна кои, како што велат од Комората, треба да влезат во листата на дејности кои согласно новото законско решение ќе можат да работат и во недела.

Во меѓувреме, додека да се донесе новиот закон, важечкиот Закон за работни односи предвидува дека „Работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато“ и „Ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“.

Според Законот за работни односи е дефинирано и дека полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно, а работната недела по правило трае пет работни дена. Во него се наведени и следните исклучоци:

Работникот е должен на барање на работодавачот да врши работа преку полното работно време (прекувремена работа):

1) во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата;

2) ако е потребно продолжување на деловниот или производниот процес;

3) ако е нужно да се отстрани оштетување на средствата за работа, што би предизвикало прекинување на работата;

4) ако е потребно да се обезбеди безбедност на луѓето и имотот, како и безбедноста на прометот и

5) во други случаи определени со закон или колективен договор.

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

повеќе

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе