Битиќи ги информира фирмите

За финансиската поддршка за платите може да се аплицира во текот на целиот месец

За финансиската поддршка за платите за месец февруари може да се аплицира во текот на целиот овој месец, што значи дека компаниите нема да задоцнат со своите барања ако го преминат 10-ти во месецот, рече вицепремиерот Фатмир Битиќи. Тој притоа потсети дека нема друго освен да се чека Собранието најпрво да го донесе законот. и рече дека тоа е цената на демократијата. Битиќи нагласи дека законот до Собранието бил испратен пред 15 дена и се сметало дека имало доволно време за да биде донесен.

„Поучени од претходни негативни искуства, решивме да дадеме простор за аплицирање во текот на целиот месец. Чекаме. Дури денеска ако законот влезе во собраниска процедура, на комисија, а во наредните 10 дена да се изгласа, компаниите ќе бидат навремени со нивните аплиакции, со тоа што ќе може да падне одреден товар врз нив да мора да ги платат платите во овој временски период па ние да им вратиме одредни средства, но тоа е начинот кој сметавме дека е најрелевантен за да го покриеме и февруари. Ако тоа не се случи, навистина ќе жалам, но мислам дека доблеста кај пратениците ќе биде малку поголема од нивните дневно-политички агенди", рече вицепремиерот.

За жал, нагласи Битиќи, тоа е цената на демократијата.

Тој потсети дека и други законски решенија кои претходно, во ноември и во декември беа доставени во собраниска процедура, не биле ставени ниту на комисија, ниту на пленарна седница.

Апел да не се кочат законите испрати и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.

„Мерките кои беа преточени во законски решенија, за акцизите, за екстра лесното гориво, за случајот со ГА-МА, чекаат на одблокирање во Собранието. Уште еднаш апелирам да се направат напори и тоа да се надмине", рече Азески.

Тој од вицепремиерот Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими побара да пренесат до Владата и до Собранието дека приватниот сектор инсистира на брзо, ефикасно разрешување на прашањата ако се сака постигнување некаков натамошен развој.

На прашањето во каква состојба е бизнис секторот, Азески одговори дека е подобро од она што се очекувало.

„Подобро поминаме од што се надевавме. Мислам дека тоа е плод на сериозна активност на приватниот и на јавниот сектор кои од почетокот на кризата делуваа заеднички. Направивме пропусти, но хибернацијата што беше потребна за преживување мислам дека ја направивме. Дали нашите предвидувања ќе се остварат, е прашање кое е поставено на светско ниво. Мислам дека кризата ќе потрае повеќе од нашите предвидувања и дека ќе се прилагодуваме на неа", истакна Азески.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе