Инспекциски совет

За една недела затворени осум угостителски објекти, некои угостители тераат инает

И по една година од пандемијата, сѐ уште има угостители, но и граѓани кои не ги почитуваат протоколите, а одредени субјекти поради кои трпи целата угостителска дејност, тераат инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори, изјави денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Пауновски вели дека кон таквите угостители немаат милост и мораат да постапуваат според законот. На денешната прес-конференција тој рече дека инспекторите се секојдневно на терен, а ако има потреба дејствуваат и со асистенција на полицијата.

„Она што се случува од одредени субјекти поради кои трпи целата угостителска дејност, сметаме дека е терање инает и кон себе и кон граѓаните и кон пазарните инспектори. Од Нова година до денес имаме преку 78 затворени објекти поради непочитување на протоколите, за работење преку работното време и за нерегистрирани даночни обврзници. За жал, и по една година се соочуваме со субјекти, претежно угостителски објекти, но и граѓани, кои дозволуваат да се направат пропусти кои ние ги санкцицонираме. Повеќе пати сум кажал дека во поголем број случаи успеваме да затекнеме на лице место и тогаш веднаш постапуваме“, изјави Пауновски.

Во всрка со свадбата во Струмица, директорот информира дека инспекторите веднаш тргнале, но кога стигнале веќе немало нешто. Информација ја добиле откако свадбата завршила.

Одговорајќи на новинарско прашање, Пауновски повтори дека по 20 часот, кога почнува полицискиот час, дозволено е да се врши достава на храна и пијалаци, но сите што вршат достава на храна мора да имаат соодветна дозвола за движење и во Државниот иснпекторат за труд да бидат пријавени за ноќна работа.

Во однос на цените на лековите, посебно на оние за превенција и заштита од ковид, Државниот пазарен инспекторат, рече Пауновски, нема ингеренции.

Претходно, претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Грашкоска информираше дека од 29 март до 4 април биле спроведени вкупно 5.236 надзори од кои над 4.500 реализирал Пазарниот инспекторат и изрекол 34 прекршочни пријави, како и 43 платни налози, а донел и 91 решение за констатирани неправилности.

Вкупно осум угостителски објекти се затворени поради непочитување на протоколот за работа. По два угостителски објекта се од Скопје и Битола и по еден во Гостивар, Тетово, Струга и Куманово.

„Во овие угостителски објекти не се почитувало работното време или бројот на гости, односно ограничувањето на гости на една маса. Во сите овие случаи изречена е мерка забрана за вршење на дејност, односно истите се затворени на лице место, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози“, истакна Филиповска-Грашкоска.

Со оглед дека денеска стапи во сила целосната забрана за работа на угостителските објекти Грашкоска ги охрабри инспекторите да немаат толеранција ако утврдат какви било недоследности или непочитување на мерките.

Државниот санитарен инспекторат, како што кажа, издал скоро 14 илјади решенија за изолација за една недела. Агенцијата за лекови, во минатата недела извршила 12 надзори, е една од ретките кои не констатирале неправилности. Од седумте инспекциски служби, за една недела биле спроведени 5.236 надзори и контроли.

„Државниот здравствен санитарен инспекторат изврши 92 надзори и изрече 17 решенија за прекршоци. Инспекторатот минатата недела издаде и вкупно 13.957 решенија за изолација и домашно лекување на лица заболени од корона или лица кои биле во контакт со заболено лице“, рече Грашкоска.

Агенцијата за храна и ветеринарство извршила 220 надзори. За утврдените неправилности издала осум решенија, 15 едукации и два прекршочни платни налози.

Државниот инспекторат за животна средина извршил 39 надзори и констатирал неправилности.

„Инспекторатот за транспорт изврши 30 надзори и изречени се 2 прекршочни пријави и еден прекршочен платен налог. Во однос на здравствените протоколи, не се констатирани прекршоци. Инспекторатот за труд во изминатите седум дена изврши 341 надзор во различни правни субјекти, со фокус на протоколот за превентивни мерки за сите работни места. Трудовите инспектори донесоа 16 решенија од кои 9 заради непочитување на протоколот. Изрекоа и пет прекршочни налози за вработени бидејќи не носеле заштитна маска“, додаде Грашкоска.

 

 

 

 

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе