За да се избегне стагфлација, мора да се вбризгаат пари во економијата без разлика на дефицитот

Изминатите две години беа предизвик за сите економии во светот, како развиените, така и земјите во развој. Наглото запирање на цели економски дејности, резултираше со пад на глобалната економија од -3,1% согласно податоците на ММФ. Кај голем број на земји, како резултат на силниот фискален одговор во вид на антикризни мерки, придружен со намалената наплата на давачки, резултираше со зголемување на фискалните дефицити, а со тоа и на јавниот долг на економиите. Во регионот на Централна и Источна Европа, на пример, јавниот долг е зголемен помеѓу 10 и 15 процентни поени. Ние не сме исклучок, со околу 11 процентни поени постпандемиски раст на долгот.

Светската економија брзо се опорави од првичниот шок од пандемијата. Со широката имунизација економиите почнаа брзо да се отвораат. Светот лани забележа раст од 6,1% на БДП. Сепак, пандемијата остави последици преку нарушувањата на синџирите на добавување. Регионот, Европа, светот, се најдоа исправени пред нов предизвик. По отворањето на економиите, производствените и услужните капацитети не успеаа со доволно брзо преку понудата да одговорат на побарувачката. Исто така, неколку локални и регионални настани поврзани со гепополитички и климатски причини придонесоа за висок раст на цените на енергентите и на некои од примарните производи на светските берзи во втората половина од 2021 година. Ценовните притисоци од меѓународните пазари почнаа да се прелеваат во националните економии. После подолг период од околу една деценија, светот се соочи со повисоки стапки на инфлација. 

Ценовните притисоци се зајакнаа со почетокот на војната во Украина. Русија и Украина се значајна алка во глобалните синџири на добавување. Русија е еден од најголемите извозници на енергенти во Европа и светот, додека заедно со Украина се меѓу најголемите извозници на житни култури. Имајќи го ова во предвид, преку синџирите на добавување, ефектите брзо се прелеаа во националните економии. Покрај растот на цените, последици од оваа војна се очекуваат преку трговијата, намалување на потрошувачката и инвестициите. Проекциите на меѓународните финансиски организации за растот на светската економија се намалија за околу еден процентен поен, на околу 3,5%, што е значително успорување во споредба со минатата година. Оттаму доаѓа и загриженоста на креаторите на политиките за новата криза која ја наметна оваа ситуација - забавување на растот и раст на инфлацијата, односно нешто што во економијата е познато како стагфлација.

Имајќи предвид дека повеќето земји веќе го имаат покачено јавниот долг и го имаат стеснето просторот за финансирање, се поставува прашањето дали „треба ли владите понатаму да трошат, или да штедат и зауздаат долгот?“. Меѓународниот монетарен фонд во својот последен „Фискален монитор“ посочува дека иако повеќето земји 2020 година ја оставија зад себе со повисок долг, сепак фискалните власти треба да ги насочат средствата кон таргетирани мерки, со цел да се поддржат ранливите категории граѓани и економијата.

Во услови кога растат цените, а кога истовремено централните банки со зголемување на основната камата влијаат негативно на економската активност, фискалните власти се единствените кои можат да придонесат за одржување на економијата во позитива. Оттаму и повисоките дефицити насочени кон мерки и јавни инвестиции, се реално начинот на кој може да се избегне стагфлацијата.

Со предлогот за ребаланс на Буџетот за 2022, Министерството за финансии предложи проширување на буџетскиот дефицит за 16 милијарди денари, на 5,3% од БДП, или за еден процентен поен повеќе во однос на проекцијата, но значително стеснување во однос на 2020 годин. Во буџетот се планираат резервни средства од околу 80 милиони евра за нови антикризни мерки - бафер, повисоки средства за пензии и за поддршка на ранливите категории на граѓани, субвенции за придонесите за покачувањето на минималната плата, и повисоки субвенции за земјоделците за стимулирање на приносите и домашното производство. Претходно годинава беше донесен и пакет од 400 милиони евра за справување со ценовната криза, како и 86 милиони евра за одржување на цената на електричната енергија за регулираните потрошувачи. Очекувањата за јавниот долг за годинава согласно ребалансот е дека истиот ќе достигне 63% од БДП.

Во рамки на домашното задолжување од 432,85 милиони евра, превидено е задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност со истовремена отплата на 82,93 милиони евра. За задолжувањето во странство е најавено повлекување на средства од ММФ, еврообврзница.

На среден рок, министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна посочи дека останува определбата за постепена фискална консолидација, која би се постигнала преку Планот за заздравување и забрзан раст. 

Но на кус рок, економистите посочуваат дека е потребно да се инјектираат пари во економијата, дали тоа ќе биде преку мерки или јавните инвестиции. Со ребалансот на Буџетот, капиталните расходи се планирани на ниво 524 милиони евра или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. И покрај тоа, доколку се реализираат ова би биле историски највисоки капитални инвестиции. 

И покрај кризата, според аналитичарите, треба да се бараат начини за поевтино финансирање, но да се насочат парите кон забрзување на економијата за да се избегне најлошата економска компбинација - стагфлацијата.

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе