Оваа програма ќе биде спроведена во непосредна и посветена соработка со Економскиот Факултет – Скопје при УКИМ, Универзитетот од Нагасаки, Јапонија, како и Универзитет за национално и светско стопанство (УНСС), Бугарија.
Како и при успешната реализација на првата генерација на Програмата за професионална обука, и во нејзината втора генерација, фокусната развојна цел претставува дијалектичко и интерактивно развивање на креативното размислување во функција на решавање на многубројните менаџмент проблеми, унапредување на апликативните знаења, вештини, искуства и способности за дијагноза, анализа и успешно решавање на континуираните менаџмент предизвиците, во услови на константни и турбулентни промени во бизнис опкружувањето. Во својата суштина, Програмата за професионална обука е посветена на креирање на уникатна менаџмент филозофија со користење на многубројните јапонските методи, техники и деловни стандарди на јапонската деловна култура на континуирано подобрување на квалитетот.
Програмата е структурирана низ 11 апликативни дисциплини од пошироката област на менаџментот, со активно учество на професори од Јапонија, Бугарија и Северна Македонија, а ќе се имплементира во периодот од јануари до април годинава. Целните групи на програмата се сопственици на бизниси и/или менаџери на мали и средни претпријатија, иноватори, претприемачи, претставници на државна и јавна администрација, како и воопшто сите професионалци кои се ориентирани кон следење и примена на најновите трендови во менаџментот на квалитетот, а целосно во насока на континуирано подобрување на квалитетот и конкурентноста на бизнисот, со цел освојување на нови пазари и јакнење на сопствената деловна препознатливост и одржлив развој, со целосна употреба на јапонската менаџмент филозофија.
Согласно моменталната состојба со ковид-19 пандемијата, официјалниот настан на започнување на програмата ќе се одржи онлајн, во присуство на претставници од трите универзитети, претставници на амбасадите на Јапонија во Скопје и Софија и амбасадата на Бугарија во Скопје, како и останати респективни гости, соопшти Џајка.