Претставници на КСС на денешната прес-конференција ја обвинија Владата дека по утврдувањето на минималната плата ја манипулира јавноста и административците со лажни најави за поголеми приходи и ги игнорира синдикатите.
„Минималната плата стапи на сила од 1 март, а она што беше барање за скалесто покачување на платите не доби поддршка од Економско-социјалниот совет и не стигна до Собрание. Минималната плата требаше да се покачи, ние дадовме цврста поддршка на ССМ, но не можеме да толерираме понатамошно манипулирање со јавноста и со членството околу скалестото покачување на платите. Од причина што 400.000 од вработените во земјава земаат средна плата од околу 21.700 што значи живеат на раб на сиромаштија, ние донесовме одлука најпрво да излеземе на улица на 30 март во 15.30 пред Собрание да го искажеме нашето незадоволство бидејќи уште во ноември минатата година испративме допис до сите поратеници во Собранието и баравме усогласување на минималната плата“, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Тој додаде доколку и после тој протест надлежните останат глуви на нивните барања, ќе следи генерален штрајк на вработените во јавниот сектор.
Од КСС бараат од Владата да го покачи бодот во јавниот сектор, со што велат ќе се реши проблемот на вработените во јавните институции кои сега живеат на работ на сиромаштија.
Инаку, Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници и соопшти дека целта на измените е еднаквост меѓу вработените во приватниот и јавниот сектор и усогласување на останатите плати на административните службеници, и континуирано зголемување на платите во администрацијата во однос на минималната плата на национално ниво.