Во вредност од 12,2 милиони евра

Во Владата потпишан договор за изградба на првите 2 км од автопатот Скопје – Блаце

Напролет ќе започне првата фаза од изградбата на автопатот Скопје-Блаце кој ќе биде со вкупна должина од 13км. 

Денес, во просториите на Владата, се потпиша Договорот за изградба на првите два километри на автопатот Скопје – Блаце во присуство на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во улога на координатор на Владата за проектот Скопје - Блаце, Бујар Османи и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, а го потпишаа директорот на ЈП за Државни патишта, Зоран Китанов и генералниот директор на А.Д. Гранит, Зоран Милковски. 

„Денес исправаме неправда која, за жал, досега се провлекуваше без малку 20 години. Проектот Скопје – Блаце не е нов проект, туку иницијатива започната многу одамна, која на еден или на друг начин цело време е отстранувана од приоритетите на државава и за која беа потребни вонсериски напори за да се врати повторно во фаза на реализација во која е сега. Од денес, овој проект влегува во иреверзибилна фаза а динамиката на неговата реализација станува чисто техничко прашање", истакна Османи.
„Неспорно е дека овој проект има и економска и општествена и политичка важност за Република Северна Македонија, проект кој претставува и дел од европската инцијатива за регионална соработка, изразена преку т.н. 'конективити агенда' на Берлинскиот процес", истакна Османи, посочувајќи на Скопје и Приштина како најблиски главни градови во регионот, кои по изградбата на автопатот ќе бидат оддалечени помалку од еден час. 
„Регионалното поврзување е од особено значење за економскиот развој на државата и нејзино интегрирање во Регионот. Од тие причини силно сме фокусирани на развој на патната мрежа со која ќе обезбедиме поврзување со земјите од регионот заради побрз и полесен транспорт на стока и услуги", истакна министерот Сугарески, посочувајќи дека Владата и Министерството за транспорт и врски интензивно работат на поврзување на земјата со сите соседи. 
„Косово е наш значаен трговски партнер, минатата година бележиме зголемување од над триесетина проценти во вкупната трговија, така да изградбата на автопатската делница ќе даде дополнителен инпут во зголемување на трговските релации во иднина", посочи Сугарески. 
Во своето обраќање, директорот Зоран Китанов ги образложи деталите од договорот и предметот на изведба. 
„По успешно спроведената постапка за јавна набавка, од пристигнатите понуди, како најповолен економски оператор кој ќе ги изведува градежните работи е избрана компанијата ГРАНИТ. Вредноста на Договорот е 747.239.717,00 денари без ДДВ или околу 12,2 милиони евра, додека работите треба да завршат во рок од 18 месеци од воведувањето во работа, што значи дека градежните работи ќе започнат оваа пролет, а првите километри од автопатот ќе може да ги возиме веќе следното лето во 2021 година", истакна Китанов, посочувајќи дека во напредна фаза е подготовката и за втората фаза, со која ќе се реализираат и следните 10 километри од автопатот. 

Целиот проект за автопатот Скопје – Блаце е во вкупна должина близу 13 километри, проценет на близу 120 милиони евра, од кои 27 милиони евра како неповратен грант се обезбедени преку Рамката за Западен Балкан на ЕУ, околу 70 милиони евра се предвидени како заем од ЕБРД, а останатите средства се од буџетот на земјата.  

Овогодинешниот процес во одлучување по конкурсот за финансирање на проекти за игран филм е селективен, корумпиран и компромитиран,

повеќе

Во споредба со 2019 година, просечното време поминато на социјалните медиуми во 2020 година се зголеми за рекордни 100% на сите платформи.

повеќе

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе