Во септември пак ќе почне изградбата на пругата кон Бугарија

Новите изведувачи на работите на пругата кон Бугарија ќе добијат пристап до градилиштата месецов, а во тек на следниот се очекува и да стартуваат со конкретна работа, откако во меѓувреме ќе ги завршат административните процедури, со регистрација на подружници и обезбедување на потребните сертификати и  одобренија.

„Штрабак“ треба да ја заврши работата за реконструкција и доизградба на првата делница, Куманово- Бељаковце, каде од јуни 2020 година нема работа на терен, а „Ѓулермак“ целосно да ја изгради втората Бељаковце-Крива Паланка. Нивен ќе биде раководниот и инженерскиот кадар, а наш оперативниот и градежната механизација.

Хари Локвенец, директор на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, државното претпријатие инвеститор, ветува максимална транспарентност на прогресот на работите, со оглед на „минатото“ на повеќедеценискиот проект, со повеќекратни застои, на кој работеа и ветуваа дека ќе го завршат сите влади.

„Водејќи сметка дека „Штрабаг“ е веќе етаблирана фирма во државата и ги има сите потребни услови за активирање на работата нивниот вовед во работа ќе биде многу побрз во споредба со воведот со работа на турската компанија. Пристап до градилиште ќе биде направен во текот на месецов за компаниите изведувачи, а почетокот на градба во координација со нив. Водејќи сметка дека е огромна работата за втората делница од пругата, очекувањата се дека тоа на оваа делница би се случило на крајот на септември“, изјави Локвенец за МИА.

На стартот на работите, како што појасни тој, претходи отворање подружница во државава, добивање сертификати од Комората на овластени архитекти и инженери, која ги сертифицира звањата на инженерите и дава одобренија, како и одобрение од Министерството за транспорт и врски врз база на одобренијата кои ги добиле инженерите како составен дел на екипата за реализација на проектот.

„Како инвеститор имаме обврска следниот период да им дадеме пристап до градилиштето и да го обезбедиме денот за старт на работите. Датумот за почеток на работите, според правилата на ЕБРД, е од осум до 90 дена по потпишување на договорот, а овие рокови, ќе бидат испочитувани сигурно, но се обидуваме да ги сведеме на минимум и час поскоро да се почне со работа“, посочи Локвенец.

Рокот на реализација на првата фаза од пругата Куманово- Бељаковце е 24 месеци, а има работа долж целата траса од 31 километар. Според проценките на претходниот надзорен инженер, таму се завршени 54 проценти од работите, а инвестицијата изнесува 40,5 милиони евра. За втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, во должина од 34 километри и вредност од 155 милиони евра, рокот на градба е 36 месеци.

„Ветувањата се дека ќе го скратат рокот на изведба за шест месеци, но би биле задоволни и за завршување на работата во рокот. Тие ќе ја имаат целосната логистичка поддршка од наша страна како инвеститор за непречено одвивање на работите“, рече Локвенец.

Тој е сигурен дека работите ќе бидат завршени во роковите, а тоа го аргументира со обезбедените средства и, како што тврди, фактите дека на трасата нема големи археолошки наоди што би го забавиле проектот, 100-проценти решената експропријација, како и квалитетот на избраните изведувачи.

Според Локвенец, изведувачите ќе донесат свој раководен и инженерски кадар, за оперативниот дел ќе биде ангажиран домашен кадар, а исто така и домашна градежна механзиација. Моите очекувања, вели тој, се дека се што постои од механзиација ќе биде вклучено во овие проекти со оглед на нивната големина и потребата да се завршат работите навреме.

За третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, до крајот на годинава треба да биде објавен тендер за избор на изведувач. Во тек е проценка на проектната документација од страна на консултант на Европската Унија, врз база на која ќе се постават условите на тендерот за максимална ефективна реализација. Веќе се обезбедени 216 милиони евра од потребните 405 милиони евра, според проектната вредност проценета пред пет години. Досегашната финансисиска конструкција ја сочинуваат инвестициските грантови од Инвестицискиот фонд за Западен балкан (WBIF) од 155 милиони евра, како и 61 милион евра од ИПА 2 програмата. Се очекува работите да стартуваат следната година, а да бидат завршени во 2027 година, што е ветен рок за заокружување на активностите од бугарска страна.

На првата делница треба да бидат изградени железнички станици во Ново Куманово, Шупљи Камен и Бељаковце, како и шест стојалишта, на втората ќе има станици во Крива Паланка и Гиновце и три стојалишта, додека на третата, долж 24 километри се проектирани 25 тунели и 51 мост.

Проектот за пругата кон Бугарија е почнат во 1994 година, а работите првпат беа стопирани во 2004. Продолжија една деценија подоцна, во март 2014 година, но не беше испочитуван поставениот рок за завршување на работите во 2016 година, поради, според официјалните образложенија, проблемите од имотно-правен карактер. Активности на терен нема од јуни 2020 година, кога тогашниот изведувач германски „Вибе“ еднострано го раскина Договорот.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР)  во јануари лани објави тендер за избор на изведувачи на пругата, а постапката беше заокружена минатиот месец кога беа потпишани договори со  „Штрабак“ и „Ѓулермак“. Дел од тендерот е и договорот за реконструкција на пругата од Ногаевци до Неготино на Коридорот 10, во должина од 31 километар, а изведбата на инвестицијата од 4,8 милиони евра ја доби „Штрабак“. Вкупната финансиска конструкција за трите договори изнесува над 200 милиони евра. 

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе