Анализа

Во Македонија се пушат најевтини цигари во регионот, но 48,4 отсто од граѓаните се пушачи

Со процент од 48,4 отсто пушачи од вкупното население и просечно дневно по 20 испишени цигари, Македонија е меѓу првите 10 земји во светот, покажува анализата „Потрошувачка на тутун и тутунски производи во Северна Македонија, пушачките навики на граѓаните и даночната евазија во трговијата со тутун во РС Македонија“ што ја објави Аналитика Тинк-Тенк.

„Анализите покажуваат дека скоро половина од возрасните луѓе во Република Северна Македонија (48,4 проценти) во моментов користат тутун. Процентот на пушачи е 57,9 кај мажите и 39,0 кај жените. Процентот на пушачи се зголемува со возраста, достигнувајќи го својот врв на 45-54 години (60,1 процент за пушачи на дневна основа)“, изјави Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика.

Таа додаде дека нашата држава е лидер во регионот по потрошувачка на цигари по најниска цена и многу малку се прави за надминување на проблемот со пушењето, без разлика дали станува збор за законски решенија, покачување на акцизите или за кампањи за подигнување на јавната свест.

Просечната цена на кутија цигари во Македонија е 1,7 евра, во регионот на ЈИЕ е околу 2,1 евро, додека европското ниво е 4,9 евра, што го потврдува фактот дека сме држава со најниски цени на цигари во регионот.

Со покачување на цените на цигарите, преку зголемување на акцизите, државата ќе влијае на намалување на пушењето и ќе обезбеди дополнителни средства во Буџетот кои понатаму би можело да се користат за здравствени цели за намалување на последиците од пушењето. 

Бојана М. Христовска од Аналитика го истакна проблемот на нелегална трговија со тутун и тутунски производи како национален, но и глобален проблем. Таа рече дека во Северна Македонија една (1) на 10 цигари е купена на црн пазар, односно само 1,9% е даночната евазија, при што заклучи дека кај пазарот на цигари не е проблем нелегалната трговија, туку пазарот на тутун за виткање, при што скоро 90%  од овој пазар се одвива „на црно“.

„Податоците говорат дека скоро 90% од пушачите на тутун за виткање го купиле на отворен пазар, без бандерола или здравствено предупредување. И мажите и жените подеднакво купуваат нелегален тутун, при што повозрасните граѓани (65-74 години), тие со понизок доход (под 200 евра) и пушачите со понизок степен на образование, повеќе купуваат тутун за виткање. Овој тутун претежно доаѓа од нелегален увоз, но и од нелегално протекување од домашни извори.

Професорот Борче Треновски, укажа на заканата од пушење на глобално ниво и ја истакна поврзаноста на ковид-19 со пушењето. Истовремено додаде дека оданочувањето на тутунот е една од најефикасните алатки за намалување на потрошувачката на тутун (зголемената акциза резултира во намалување на конзумирањето тутун во сите земји од ЈИЕ) и ќе резултира во силно зголемување на јавните приходи.

Инаку, колку за споредба, во европските земји, стапка на пушачи во вкупното население е далеку пониска, во ЕУ просекот е 29%, во Шведска таа изнесува 8,7 %, а во Грција и Бугарија  27%.

Регионалното истражување е во рамките на проектот „Унапредување на даночните политики за тутун во земјите со низок и среден доход, финансиски поддржан од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) - Институт за истражување и здравствена политика.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе