Економско-социјален совет

Владата вети поголеми плати

Зголемувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Веруваме дека мај, јуни ќе ги искористиме за од 1 јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини каде сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори кон напредок. Ќе има уште поголем тренд на пораст и на платите и на пензиите во периодот што доаѓа. Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев по редовната седница на Економско – социјалниот совет на кој присуствуваа претставници на синдикатите и работодавачи, а со кој претседаваше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Заев рече дека на редовната седница на Економско – социјалниот совет со синдикатите и работодавачите адресирале важни прашања за унапредување на работничките права и условите за работа и за работниците и за компаниите. Дијалогот меѓу државата, работниците и работодавачите, нагласи, е суштински во процесот на креирање на солидарно општество во кое ќе има економски напредок видлив за сите. Според него, за компаниите тоа треба да значи повисок профит преку зголемување на производството, трговијата или извозот, за работниците – повисоки плати, подигнување на работничките права, услови за напредок во кариерата и отворање нови работни места.

„Не случајно денеска ја свикавме редовната седница на Економско-социјалниот совет да ја испратиме пораката дека низ заедничка соработка и дијалог може да ги оствариме овие цели. Од јули 2017 година до денеска Економско-социјалниот совет има одржано 16 седници на кои се разгледани повеќе законски прописи поврзани со остварувањето на работничките права и документи од економско-социјалната област. На денешната редовна седница имавме можност да ги слушнеме барањата на сите страни и преземавме обврски понатаму преку заеднички консултации со синдикатите и работодавачите да носиме одлуки кои ќе бидат во интерес на работниците низ развој на приватниот сектор“, истакна Заев.

Владата, како лево ориентирана Влада, појасни, досега и на дело покажа дека го застапува интересот на работниците. Потенцира дека првата работа која ја реализирале било зголемување на минималната плата на 12.507 денари за сите работници, ја исправиле долгогодишната неправда кон работниците од кожарската и текстилната индустрија, кои денеска земаат минимална плата на исто ниво како и сите останати.

 Резултатите, посочи, велат дека како резултат на зголемување на минималната плата просечната плата се зголемила за 6,6 проценти во февруари 2019 година споредено со август 2017 година пред зголемувањето на минималната плата, а споредено со март, ги очекуваме податоците, веќе сме осум и над осум проценти зголемување на просечната плата.

„Околу 90.000 работници денеска земаат повисока минимална плата, а за таа цел се исплатени над 77 милиони денари државна поддршка на фирмите за исплата на повисоката плата. Сериозно размислуваме и за ново зголемување на минималната плата оваа година. Во тек се консултации со сите засегнати страни за да го изнајдеме најсоодветниот модел. Денеска и тоа беше соодветна тема. Зголемувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Затоа ќе придонесеме и со зголемениот број на домашни и странски директни инвестиции, како и отворањето нови работни места и зголемената побарувачка на квалификуваната работна сила. Пензиите од почетокот на 2017 година до почетокот на 2019 година се зголемија за 826 денари или шест проценти, од 13.754 денари просечна пензија сега е 14.580 денари“, рече Заев.

Тој нагласи дека во подготовка е новиот закон за работните односи и во таа насока разговарале за можноста за намалување на вкупното времетраење на договорот определено време при трансформација на договорите за трајно вработување при што ќе се имаат предвид и барањата на работодавачите со цел да се постигне консензус и заеднички договор. Разговаравме и на други важни теми на Економско-социјалниот совет, додаде Заев и упати честитки по повод 1 Мај, Меѓународниот ден на трудот на сите граѓани со желби преку заеднички труд и вредна работа да сработиме за личен напредок и за заеднички прогрес на нашата земја.

 Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска го честиташе 1 Мај и посочи дека конечното остварување на работничките права станува реалност во државата. Истакна дека за две години покажале како Социјалдемократска Влада навистина се грижат со секоја законска измена, со секој нов закон ги придвижуваат правата на работниците поблиску до целосно остварување.

Предизвици постојат пред сите нас, но заедно со синдикатите, работодавачите, сите членови на Владата се трудиме, посочи, да ги усогласиме со европските директиви, со меѓународните организации на труд кои ни укажуваат дека како држава ако постигнеме квалитетен социјален дијалог или усогласување и на правата на правата на работниците, но и на можностите на работодавачите ќе постигнеме продуктивен работник кој навистина ќе придонесе кон раст на економијата.

„Јас сум сигурна дека како што постигнавме зголемување на минималната плата во 2017 година, консензуално низ сите засегнати страни, ги обесштетивме повеќе од 10.700 стечајни работници за една година со три законски измени, јас сум сигурна дека и во наредната година ќе го донесеме законот за работни односи кој ќе биде усогласување меѓу сите засегнати страни од една страна, но и дека ќе ја зголемиме и минималната плата која ќе донесе попродуктивни работници и развој на економијата“, додаде Царовска.

Претседателот на Огранизацијата на работодавачи, Ангел Димитров рече дека за жал во државата не се проблем работничките права во законите, туку е проблем на нивната имплементација.

„Не може работник да биде избркан од работа ако не му се даде писмен отказ со образложение на насоките и критериумите зошто тој отказ е даден. Повеќе треба да работиме на имплементацијата“, посочи Димитров.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски рече дека по изборите да го отворат и заборавениот јавен колективен договор во јавниот сектор каде ќе најдеме начин да усогласиме работнички права од приватниот и јавниот сектор. Социјалниот дијалог, додаде, постои, продолжуваме понатаму, работиме.

Одговарајќи на новинарско прашање Заев рече дека во моментот е отворен многу суштински и структурен дијалог внатре затоа што, како што додаде „не сакаме да изгубат работодавачите, компаниите, тие мора да бидат одржливи и доходовни и да овозможат проширена репродукција на своето работење“.

Премиерот верува дека државата ќе изигра важна улога за да го направат и тој квантен чекор на задоволство на сите, на работниците и на работодавачите, за да може тоа да биде одржливо.

„Компаниите мора да отворат нови пазари, мора да одат кон се поголемо свое сопствено производство и отворање на нови пласмани, нови пазари заради зголемување на нивната конкуреност и компетивност. Работниците мора да ја зголемат продуктивноста за да може цените на чинење да ги анравиме пониски и да бидеме поконкуретни на новите пазари. Верувам дека со ваквиот тренд ќе успееме да ги исполниме тие цели кои на крајот значат и квалитетен живот за сите. Не се недостижни параметрите кои се поставени пред нас, како што е просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари. Следете ги следните десеттина месеци, тоа што ќе се случува во економијата, а е со причини заради нашите интеграции, поставеност во моментот како држава, ќе испорача сериозни економски параметри на задоволство на граѓаните“, додаде Заев.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе