Со оваа Одлука се определува највисоката трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата за следните стоки: леб бел и полубел (цел и сечен на парчиња); сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло); брашно од пченица– тип 400; шеќер бел конзумен; трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; свежо месо; сувомеснати производи – салама (посебна и паризер од свинско, пилешко и говедско), виршли (пилешки, свински, јунешки) и колбаси (пилешки, свински и говедски) со додатоци во нив; сирење бело кравјо и сирење бело мешано кравјо и овчо; урда кравја; македонски ориз бел; јајца од кокошка и шпагети и макарони од мека и друга пченица.
Според одлуката, највисоката трговска маржа за опфатените стоки за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 4% на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно во вкупен износ до 3% на продажната цена пресметана во трговијата на мало.
За стоките кои се опфатени со оваа одлука нема да се пресметува и одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици.
Врз основа на добиената согласност на двете стопански комори, производите леб бел и полубел (цел и сечен на парчиња), сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) и брашно од пченица– тип 400, ќе се продаваат по набавна цена во трговијата на мало, без трговска маржа која е профитна маржа.
На денешната седница Владата донесе Одлука за ограничување на извозот на масло од сончоглед поради сериозни пореметувања на домашниот пазар, која стапува на сила од денеска и ќе важи до 31 мај, се вели во соопштението по денешната владина седница.