Премиерот ја посети „Витаминка“ заедно со министерот за економија Крешник Бектеши каде остварија средба со раководството и вработените во производните капацитети.
Генералниот извршен директор на „Витаминка" Сашо Наумоски, истакна дека успехот на компанијата со над 700 вработени се должи на инвестициите во човечки ресурси, модернизација на производството и опремата.
Тој подвлече дека и во кризни години, делумно со средствата доделени како помош од Владата, успеваат да инвестираат во купување на опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со линијата за производство на чоколада, додавајќи дека овие инвестиции влијаат врз работата на фабриката во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси.
„Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост - ковид периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17,2 милиони евра. 'Витаминка' е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка" треба да се реализира до крајот на годината.
Досега, како што рече, се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари. До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари.
„Со Планот за економски раст, кој е во функција токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра", изјави Ковачевски и потсети дека беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски додаде дека поддршката за стопанството и граѓаните продолжува и во период на пост пандемија со пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.