„Трговците да имаат трпение”

Вчера дизелот требаше да поскапи за 10,5, а бензинот за 5,5 денари, но направивме баланс, велат од РКЕ

Доколку се гледа реалната цена, требаше да има одлука за уште повисока цена на горивата, па дизелот ќе требаше да се зголеми за 10,5 денари а бензините за 5,5 денари. Но, за да не дојде до толку голем ценовен шок направен е баланс во носењето на одлуката за малопродажната цена на горивата со тоа што се намалени маржите на трговците, велат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Оттаму порачуваат дека се наоѓаме во најдинамичната недела со најголем број на флуктуации на дневна основа на берзата на нафтените деривати особено на дизелот што се рефлектираат на крајната цена на дериватите што ги плаќаат крајните купувачи во земјава. Токму затоа вчера донеле одлука за намалување на маржите за трговците за 33 отсто, односно од 4,5 на 3 денари за литар за да се амортизира крајната цена.

Од РКЕ ги повикуваат трговците на трпеливост и солидарност и најавуваат дека маржата ќе им биде вратена веднаш кога ќе се создадат услови за тоа. Притоа потсетуваат дека за заштита на цената нa електричната енергија и парното греење профитот кај МЕПСО и ЕСМ е намален за 90 отсто, а кај БЕГ е 0 отсто. Исто така, очекуваат и Собранието брзо да ги донесе новите мерки за акцизата и ДДВ-то на горивата што вчера ги усвои Владата.

Како што велат од РКЕ, токму на барање на трговците со нафтени деривати се одлучиле да ја променат методологијата на одредување на цените и да работат ден за ден, односно да има промена на цената на нафтените деривати секој ден доколку пресметката покаже дека малопродажната цена би можела да оди два денари нагоре или надолу.

„Свесни сме дека трговците купуваат во реално време, а ние правиме цена за минатиот период. Минатата недела беше главниот удар, а ние правевме цени врз основа на претходната недела поради што трговците се соочуваа со губитоци кои кај дизелот достигнаа до 22 денари. Затоа почнавме со методологијата ден за ден во која се следи просекот од изминатите пет дена”, објаснуваат во РКЕ.

Оттаму потсетуваат дека тоа што се случува со суровата нафта на берзите нема влијание кај нас во пресметките зашто кај нас влијаело она што се случува на берзите за секој нафтен дериват посебно и курсот на денарот во однос на доларот. Притоа се зема просекот од петдневните котации на берзата за секој нафтен дериват посебно.

Од РКЕ нагласуваат дека се одлучиле на таков начин на пресметка со пет дневен просек за да нема ценовни шокови. Доколку оделе со цената од последниот ден во понеделникот дизелот ќе поскапел за 15,5, а вчера за 20 денари за литар. Во викенди нема котации на берзата и затоа нема за време на викенд да се менува и малопродажната цена во земјава.

Од РКЕ очекуваат набрзо да се стабилизира состојбата на светскиот пазар и велат дека тоа може да го направат само големите земји. Идејата е да се стабилизира производството и за тоа поголемите земји веќе ги вклучуваат стоковите резерви. Проблем е и производната цена на нафтените деривати која е зголемена заради повисоката цена на електричната енергија на светските берзи, но и заради поскапото производство на нафтени деривата со повисоки еколошки стандарди.

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе