За ублажување на последиците од економската криза

Ваучери за храна, намалени акцизи за горивата, замрзнати маржи… Владата донесе пакет мерки

Пакет од 26 мерки за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт донесе денеска Владата и тие се наменети за зачувување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите. 

Мерките се поделени во две групи. Во првата група се мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и компаниите, а во втората група, мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка.

Дел од пакетот мерки се намалувањето на повластената стапка на ДДВ за лебот, шеќерот, брашното тип 400, зејтинот, трајното млеко, свежото месо, оризот и јајцата. Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи, а се укинуваат и царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи.  Предвидени се и ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехранбени производи за три месеци за околу 35 илјади граѓани од ранливите категории.

Се продолжува и субвенционирањето на цената на електричната енергија за регулираниот пазар за домаќинствата и за малите потрошувачи до јуни годинава, се субвенционира цената на топлинска енергија, а се препорачува цените на горивата да се менуваат на дневна основа додека трае енергетската криза. Дел од мерките е и пролонгирањето на еколошката такса за енергенсите. Се намалува и стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и акцизата врз основа на берзанските цени. Ќе има и ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување.

Премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата рече дека се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време и дека пред нас е тешка година која со добри мерки и политики ќе ја премостиме.

Тој упати порака до граѓаните дека има доволно количини на храна и енергенси во стоковите резерви и дека Буџетот е стабилен, ликвиден и во полна кондиција да ги финансира сите обврски. Нема опасност ниту по стабилноста на денарот.

„Предизвиците пред нас се огромни. Во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и политики ќе ја премостиме”, порача Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.

Владата препорачува и штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, а дополнително задолжени се државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи.

„Сакам да упатам апел никој да не се обидува да профитира на грбот на граѓаните. Владата го ублажува покачувањето на цените, но мора сите да се однесуваме одговорно”, рече Ковачевски.

Дел од мерките за кои треба законски измени ќе важат веднаш штом бидат изгласани во Собранието. Ковачевски апелираше сите пратеници да се однесуваат одговорно и да дадат поддршка за овие законски измени. 

Во продолжение се сите донесени мерки: 

Прва група: Мерки за заштита на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите

1. Намалување на повластената стапна за ДДВ за основните производи за храна од 5 на 0 отсто

2. Замрзнување на маржите на основните производи за исхрана

3. Ваучери за основни производи од по 1 000 денари месечно за период 3 месеци за 35 000 граѓани од најранливите категории

4. Автономна мерка за увоз на основни прехранбени производи и суровини кои имаат царински давачки од сите земји

5. Пролонгирање на примената на повластената даночна стапка од пет отсто за прометот со електрична енергија кон домаќинствата

6. Препорака за менување на методологијата за утврдување цена за домаќинствата и малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар за електрична енергија

7. Продолжување на програмата за енергетска сиромаштија

8. Субвенции за пензионерите од 1 000 денари месечно за период од 3 месеци

9. Продолжување на субвенционирањето на целата на електричната енергија за регулираниот пазар (за домаќинствата и малите потрошувачи)

10. Субвенционирање на цената за топлинска енергија

11. Финансирање на проектите за енергетска ефикасност за општините преку користење поволен кредит од Светската банка спроведен од Министерството за финансии

12. Програма за промоција на обновливите извори на енергија во домаќинствата за 2022 година

13. Препорака за менување на методологијата за усогласување на цените на дериватите врз основа на промената на берзанските цени од неделна на дневна основа

14. Пролонгирање на воведувањето на еколошката такса за енергентите

15. Намалување на стапката на ДДВ од 18 % на 10 % при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан

16. Намалување на акцизата врз основа на берзанските цени

17. Ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување

18. Препорака општините да го реорганизираат јавниот превоз за да биде достапен во корист на сите граѓани

Втора група мерки: Финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка

19. Субвенционирање на договорна каматна стапка по кредити дадени од комерцијалните банки на деловни субјекти кои ќе ја реинвестираат добивката за 2021 година

20. Финансиска поддршка преку директно кредитирање од Развојната банка на компаниите

21. Финансиска поддршка преку комерцијалните банки со бескаматни кредити за обртни средства

22. Користење на Гарантниот фонд при Развојната банка

23. Кредити за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија

24. Нова линија за поддршка на стопанството преку Европската инвестициска банка за зелена транзиција

25. Зелено финансирање преку ЕБОР, Програмата на Обединетите нации за развој и комерцијалните банки

26. Препорака за штедење и рационално користење на електричната енергија и енергентите.

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе