„По вчерашните информации дека дел од членовите на Комисијата за заразни болести се залагаат за целосно затворање на сите угостителски објекти за периодот од 31 декември до 8 јануари како Независна угостителска комора утринава доставивме барање за учество во понеделничкиот работен состанок на претставници на нашата комора и претставници на останатите комори за туризам и угостителство на кои се планира да се донесат овие препораки за нови рестриктивни мерки за угостителите и угостителската индустрија.
Бараме да ни се овозможи да ги слушнеме грижите и оправдувањата на членовите на Комисијата за заразни болести поради кои сака да ги усвои најавени рестриктивни мерки и истовремено да ни дозволи и овозможи пред истите да ги достави до Владата и да ги објави да ни овозможи да укажеме за нивните недоследности, нелогичности, очекувани негативни ефекти и општествени последици не само за сите угостители и целокупната угостителска индустрија туку и за сите граѓани на нашата држава“, пишува во известувањето од НУК.
Оттаму ѝ порачуваат на Комисијата наместо да го троши времето на парцијални и моментални ад хок одлуки за препораки за мерки со кои само ќе се усложни постојната состојба во угостителството без никаков здравствен ефект, да ги засучи ракавите и да помогнат на угостителите и угостителската индустрија со тоа што, како што велат, времето ќе го трошат во изработка на стратешка програма и стратегија со предлог мерки, решенија и т.н. протоколи наменети за целокупната угостителска индустрија за начините на работењето во наредната 2021 година.