АД Скопје-Север побара наместо со гас, греењето да продолжи со мазут, но Град Скопје не дозволува поради тоа што топланите немаат филтри, а гасот е достапен на пазарот. И Министерството за животна средина забрани топланите да користат мазут или дизел како гориво.
Топланите Исток и Запад имаат А интегрирана дозвола тоа значи дека е издадена од Министерството за животна средина и имаат дозвола да греат со гас.
Топланата Север има Б-интегрирана дозвола, но инспекторатот на Град Скопје забранува да се користи мазут. Оваа топлана обезбедува парно греење за 500 домаќинства, училишта, градинки и јавни установи во Чаир и Бутел.
Од ЕСМ велат дека нема да има никакви проблеми со греењето, иако во топланите Исток и Запад има гас за само еден ден.
ЕСМ од почетокот на грејната сезона ја презеде обврската зимава да ги снабдува топланите Исток и Запад со гас и тоа го прави на кратки периоди од по две недели. Надлежните уверуваат дека ваквиот начин на набавка во моментов е подобар, со оглед на брзите и големи промени во цената на гасот на пазарот.
ЕСМ на 12 ноември соопшти дека купи гас со кој ќе се покрие производството на топлинска енергија до крајот на месецот и дека набавките ќе продолжи да ги прави за покуси временски периоди за да се искористи падот на цената на енергенсот. Од тогаш нема информација за нова набавка.