Франкфурт

Тевдовски: Преговараме со германски инвеститори кои ќе обезбедат пристојни плати

Постои можност за влез на германски компании во Македонија, кои ќе придонесат за развој на економијата, но и кои ќе обезбедат пристојни плати за вработените. Ова го истакна денеска министерот за финансии Драган Тевдовски, во изјава по повод средба на економскиот тим од Владата со претставници на големи германски компании, бизнисмени и стопански комори.

Владината делегација денеска е во работна посета во Франкфурт, предводена од заменик претседателот на Владата за економски прашања Кочо Анѓушев, а во неа се и министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за здравство Венко Филипче, и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Александар Младеновски.

„Во Франкфурт сме за да ги презентираме можностите за инвестирање во Македонија. Има сериозни германски компании кои се заинтересирани да влезат во нашата земја, имајќи ја предвид позитивната насока во која се движи Македонија и нејзината добра фискална позиција, која ги поддржува инвестициите. Разговаравме на различни теми од макроекономска стабилност, од фискалната позиција, можностите за водење бизнис, транспаретноста. Инвеститорите особено се интересираа околу понудата на работна сила која ја има Македонија. Ние истакнавме дека има можности овие компании да влезат во нашата земја и да придонесат и за развој на економијата, но и да обезбедат пристојни плати“, рече министерот за финансии Тевдовски.

На инвеститорите им биле презентирани и поволностите за инвеститорите кои ги обезбедува Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои на транспарентен и еднаков за сите начин ги поддржуваат инвестициите.

Економските министри на компаниите од Германија им нагласија дека Македонија со чекорите коишто ги презема се етаблираше како стабилна земја, отворена кон соседите и кон светот, земја којашто се гледа во ЕУ и во НАТО.

Во текот на денешниот ден, министрите остварија и кратка средба со претставници на Дојче Банк, со која како што истакна министерот за финансии, Министерството за финансии и Владата имаат долгогодишна соработка.

Според економските податоци, околу 200 компании со германски капитал работат во Македонија. Германија е еден од главните трговски партнери на Македонија, а 47 отсто од вкупниот извоз на Македонија во 2017 година беше кон Германија. Во периодот од јануари до март оваа година, извозот од Македонија во Германија изнесува 643.2 милиони евра и претставува зголемување за 16 отсто во споредба со истиот период минатата година.

 

Се прашувам дали градоначалникот на Охрид знаел дека „кланот" ќе додели јавно признание на вахабист.

повеќе

Македонија треба да започне со процесот на усвојување модел за правно признавање на родот со почитување на фундаменталните права и правото на личен и телесен интегритет на транс луѓето.

повеќе

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе