Субвенции од државата за плати досега побарале 12.380 компании

За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за април и мај во износ од најмногу 14.500 денари за која аплицирањето почна на 1 мај досега во Управата за јавни приходи (УЈП) се пристигнати над 12.380 апликации. Тоа е охрабрувачка бројка ако се знае дека до крајот на рокот остануваат уште три дена. Се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите што ги исполнуваат условите, рече денеска на прес-конференција Фатмир Битиќи, советник на премиерот.

Тој ги повика сите компании што се уште не аплицирале да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП. Апликациите за користење субвенции за април треба да се достават најдоцна до 7 мај.

Како што потецира Битиќи, Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа, потецираше, им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции.

Станува збор за околу 2 000 работници во март и околу 7 000 работници во април. Тоа е апсолутно далеку од бројката од 100 илјади изгубени работни места со која што ВМРО-ДПМНЕ манипулира и ја дезинформира јавноста со намера да даде лажна слика за бројот на отпуштени работници, нагласи Битиќи.

Претставувајќи ги досегашните ефекти од бескаматните кредити за помиш на стопанството од државата соопшти дека со линијата Ковид 1 досега се одобрени 631 кредитна апликација за исто толку компании со 5 588 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76 отсто, малите компании до 50 вработени со 22 отсто, а средните компании до 250 вработени со еден отсто. За втората линија бескаматни кредити Ковид 2 заклучно со вчера се примени 1.260 апликации. Повикот е објавен на 29 април, а ќе трае до 12 мај 2020 година. Ги повика компаниите да аплицираат и за овие, како што нагласи, поволни кредити за поддршка на нивната ликвидност.

Како што најави Битиќи, наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана и линија со исклучително поволни кредити во износ од 51 милион евра.

-Економските политики на Северна Македонија во последните три години покажаа дека мерките носеле и ќе носат резултати. За тоа зборуваат и проекциите на Светска банка, според кои се проценува дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот, рече Битиќи.

Меѓу мерките што ги презела Владата за помош на стопанството ги наброја и повратот на ДДВ, по којоснов, како што рече, од почетокот на годината заклучно со април фирмите добиле 145 милиони евра, за 16,7 отсто повеќе во однос на претходната година. Само за април повратот на ДДВ кон компаниите е 38 милиони евра или за 23 отсто повеќе во однос на истиот месец лани. Во однос на 2018 година повратот на ДДВ за периодот јануари – април е зголемен за 19,4 отсто, додека во однос на 2017 година за високи 67,6 отсто повеќе.

Битиќи укажа дека со владината Уредба со законска сила за примена на Законот за данокот на личен доход за време на вонредна состојба се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход за месеци март, април и мај година. Заедно со поволностите од Уредбата која обезбедува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за март, април и мај 2020 година придобивките од тие две уредби ги искористиле околу 1.200 компании.

Од носењето на првата Уредба со законска сила за Законот за социјална заштита, пак, од 3 април во центрите за социјална работа има 970 нови барања за остварување на правото на гарантирана минимална помош и тие, потенцира Битиќи, се решаваат тековно.

Во тек се преговори со СБ за нов проект за брзо дејствување против последиците од кризата Ковид 19. Проектот е во износ од 90 милиони евра и се состои од две компоненти. Првата компонента се однесува на зајакнување на здравствените капацитети, а втората компонента е за поддршка на домаќинствата и се однесува на обезбедување поддршка за трансфери за ранливи домаќинства погодени од коронавирусот и паричен надоместок за оние што ги изгубиле работните места како резултат на кризата. За дополнителна поддршка на ранливите семејства е и мерката со која околу 30 илјади домаќинства корисници на социјална помош добиваат по илјада денари енергетски додаток, освен за април и мај се до септември, односно и надвор од грејната сезона, рече Битиќи.

И покрај тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп, американската разузнавачка заедница веќе долго време ја смета појавата на пандемии како една од најголемите закани.

повеќе

Кога ќе заврши пандемијата, очекувајте државите да се вратат со поголема власт и поголем легитимитет.

повеќе