Стечајна постапка – спас или бескрајна агонија за доверителите

Во Македонија моментално има стотици активни стечајни постапки, некои од нив се водат повеќе од 10, па дури 20 години.

Од мали па до големи гигантски фирми, сè уште се заглавени во стечајните процеси и нефункционалните закони, влечејќи ја агонијата со години па и децении, а некои од нив се со овој статус од времето на транзицијата. Ваквата пракса оправдано предизвикува стечајните постапки и самото споменување на статусот „стечај” за една компанија да се перцепира негативно и со сомневање дека тоа значи крај за компанијата.

Сепак статусот „во стечај” никому не одговара, освен можеби на некој од стечајните управници кои се познати по долгите стечаи и без никакви решенија ни за компаниите, ниту пак за доверителите. А најголемите жртви, посебно на долгите стечајни постапки, се работниците. Илјадници работници, како резултат на стечајот останеле без работа и без извор на егзистенција, со неодреден статус неможејќи дури ни да бараат друга работа. Тоа се уништени животи, семејства, иднина. Листата оштетени доверители, што никогаш не биле исплатени, е исто така долга, загубите само тие самите си ги пресметуваат. Штетите на економијата и производните процеси, се неброени и непроценливи. Жртвите и загубите од несоодветните стечајни модели, се зголемуваат од ден на ден и тоа трае со години. Само листата на активни стечаи на Централен регистар останува сведок за вечните стечаи, без никаква проценка за човечките или материјалните штети.

Според Дејан Костовски, правен советник и експерт за стечај, а своевремено и судија во Основен суд Скопје во Одделение за стечај, ваквата состојба се должи на голем број стечајни должници кои немаат имот на кој би се спровела стечајната постапка.

„Гледано од практичен аспект, може да се заклучи дека најголемите судски предмети се поднесени од стечајните должници кои немаат имот на кој би се спровела стечајната постапка. Таа постапка фактички доведува до бришење на правниот субјект од регистарот во кој е запишан без спроведување стечајна постапка. Во овие предмети трошоците за водењето на стечајната постапка се премногу големи во однос на некаква стечајна маса за да може да се отвори стечајна постапка со  именување на стечаен управник. Сепак, би рекле и покрај тоа што оваа постапка трае многу кратко, одговорноста на привремениот управник кој е именуван како мерка за обезбедување е голема во смисла на откривање на имотот на стечајниот должник и постоењето правни дејства кои ги преземал стечајниот должник, а кои можат да се побиваат заради формирање на стечајна маса. Понатаму, најголемиот дел од отворените стечајни постапки завршуваат со продажба на имотот и помал дел со план за реорганизација”, вели Костовски.

Дали може да се избегне ваквата ситуација и што може да се направи? Дали се потребни измени во законот за стечај?

„Потребен е целосен ремонт на овој закон во повеќе сегменти. Прво, треба да се усогласи со Директивата (ЕУ) 2019/1023 на Европскиот Парламент и Советот од 20 јуни 2019 година за рамките за превентивна реорганизација, отпишување на долгови и забрани како и за мерките за зголемување на ефикасноста на постапките за реорганизација, несолвентност и отпишување на долгови за изменување на Директивата (ЕУ) 2017/1132 (Директива за реорганизација и  несолвентност, добрите судски практики и да се усогласи со постоечките судски практики. Треба уште повеќе да се работи на сфаќањето на органите на управување за стечај и користењето на плановите за реорганизација, како алатки за надминување на финансиските потешкотии”, објаснува Костовски.

Едни од „вечните стечаи” се акционерско друштво Центро, увоз-извоз чиј стечај е отворен во 2002 година, фабриката за автобуси 11 Октомври или Газела, статусот „во стечај” го добиле во 2001 година и оттогаш нивната судбина виси нерешена, а загубите веќе не се ни бројат. Оштетени се стотици вработени, но и уште толку фирми што имале побарувања кои никогаш не ги наплатиле, а некои од таквите фирми и во целост крахирале.

Во причините за „вечниот” стечај се вбројуваат и долгото траење на парничните судски постапки, утврдување на сопственоста на имотот, немање заинтересирани купувачи, промена на стечајни управници или судии, честа примена на ликвидацијата (впаричување), наспроти план за реорганизација при што должникот продолжува со работа. Сепак, во македонската стечајна историја има и позитивни примери за успешен стечај, што се воделе кратко време и завршиле со успешна реорганизација. За жал ваквите примери се исклучок, а не правило. Таков е примерот со некогашното Фени индустри, а денешен Еуроникел индустри. Со овој стечај е поставен модел којшто докажа дека е ефективен и потенцијално може да се примени и на други стечајни постапки.

Според Костовски во примерот со Фени „се работи за успешна реорганизација во услови на отворена стечајна постапка. Гледано од аспект на примена на законот и начинот на кој е спроведена постапка и постапката за намирување на доверителите, може да се заклучи дека реорганизацијата е успешна, самата постапката во судот е успешно спроведена и намирувањето на доверителите е успешно завршено. Тоа што оваа реорганизација ја направи успешна е инвеститорот кој покрај тоа што ги исполни обврските преземени со планот и направи дополнителни вложувања во деловниот процес што реорганизацијата ја прават уште поуспешна. Значи, успешноста на оваа реорганизација е резултат на успешниот и сериозниот инвеститор. Целта на законот по однос на постапката на реорганизација на што треба стечајниот управник како орган на стечајната постапка посебно да внимава, е сериозноста ѝна инвеститорот или предлагачите на реорганизацијата. Најмалку што е потребно во стечајната постапка, неуспешна реорганизација или реорганизација колку да се каже, бидејќи тоа само ги комплицира уште повеќе односите и траењето на стечајната постапка. За жал во нашата судска практика има повеќе такви примери”, потенцира Костовски.

Фени Индустри денес е пример за можеби најкратката, но успешна стечајна постапка. Од денешен аспект и со анализа на состојбите, кон тоа придонесоа одговорен стечаен управник и сериозен инвеститор, а притоа се постигна договор за работа во текот на постапката за да не се одрази врз вработените, целосно се исплатени сите доверители и вешто е избегнат моделот на впаричување, што според експертите е погубен за фирмите. Фени Индустри го постави моделот за ефективно и позитивно стечајно искуство кон успешна реорганизација. Тоа доведе до создавање на Еуроникел индустри, успешна меѓународна компанија, со договори за работа на глобалните пазари, со значаен инпут кон домашната економија и извозната стапка, но пред сè компанија со речиси 1.000 вработени и сите од пред стечајот. Реорганизацијата на Фени не само што е успешна приказна, туку и концепт кој може да се примени, а е во целосен интерес на сите доверители.

Димитар Скендеровски

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе