„Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, наведува ССК.
Според оваа комора, заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита.
„Сојузот на стопански комори во текот на овие две години, речиси од почетокот на пандемијата дава активен продонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата“, велат од комората.
Инаку, на официјалната интернет страница на Сојузот на стопански комори и натаму како претседател на комората фигурира името на Данела Арсовска која од неодамна стана градоначалничка на Скопје.
За разлика од Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северна Македонија не само што се согласува со предлог - мерките кои ги презентира денеска министерот за здравство, туку смета дека задолжителна треба да стане вакцинацијата и во приватниот сектор.