Собранието не изгласа измени за зголемување на минималната плата на 11.000 денари

Собранието денеска во рамките на продолжението на 67. седница не го изгласа предлог-законот за изменување на Законот за минимална плата, со кој пратениците од опозицијата бараа минималната плата да се зголеми на 11.000 денари. 

Минималната плата моментално е 9.590 денари, согласно Законот од стартот на идната година ќе биде 10.080, но опозицијата предложи од март 2015 таа да изнесува 11.000 денари. Сметаат дека моменталниот минималец не содејствува со потребите на граѓаните.

Ваквиот предлог и денеска во парламентот донесе жестока дискусија меѓу таборите на најголемите партии. Опозициските пратеници од СДСМ побараа оваа плата да важи за сите сектори и да се усогласува со порастот на просечната плата во државата и во согласност со трошоците за живот за претходната година. Притоа, минималната плата во бруто-износ да не е помала од 45 отсто од просечната бруто-плата во државата за претходната година. За текстилната и кожарската дејност, СДСМ предлага формирање државен Фонд за поддршка на стандардот на вработените, кои земале 6 месеци едноподруго минимална плата. И тоа, во 2016 година да им се исплаќаат плус 1.900 денари, во 2017 година 1.200 денари и во 2018 година по 600 денари по исплатена бруто- плата.

За ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквиот предлог е нереален и го карактеризираа како популизам. Пратениците од владејачката партија сметаат дека, доколку предлог-законот се прифати, тоа ќе значи затворање на голем број приватни компании, како и дека без работа ќе останат околу 30 илјади работници. Бидејќи, како што рекоа, ако се зголеми минималната плата на 11.000 денари, работодавците ќе имаат поголеми трошоци по работник. За ВМРО-ДПМНЕ е подобро да се создаваат услови за отворање на нови работни места и да се понудат соодветни субвенции за сите категории на граѓани, отколку, како што рекоа, да се продава демагогија.

За денешната седница е предвиден и Предлог-законот за изменување на Законот за Буџетите, во прво читање, исто така предложен од пратениците од опозицијата. 

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе